ТИЕРИ НУВИЛ ИЗВОЈУВАШЕ ГОЛЕМА ПОБЕДА НА ПРВОТО ИЗДАНИЕ НА РЕЛИТО НА ЦЕНТРАЛНА ЕВРОПА, ДОДЕКА КАЛЕ РОВАНПЕРА СЕ ЗАКИТИ СО ВТОРАТА ПО РЕД ШАМПИОНСКА ТИТУЛА НА ЕДНО РЕЛИ ПРЕД КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА
Големата драма за освојување на годинешната возачка титула се одигра на сосема новото рели на Централна Европа кое како концепт за првпат се појавува во годинешниот календар на Светскиот шампионат во рели и вклучува патеки кои се распоредени низ три држави: Германија, Австрија и Република Чешка. Познати како страсни љубители на релито Чесите конечно дочекаа нивната држава да стане дел од Светскиот шампионат во рели. Затоа и настанот за свеченото отворање на релито се одржа во прекрасната Прага. Илјадници фанови беа сведоци како чешкиот претседател Петар Павел со државното знаме во рака ги испраќа еден по еден екипажите пред стартот на двата брзински испити кои се возеа низ главниот град на Чешка. Токму на нив Тиери Нувил покажа дека е на прагот на остварување на втората победа во сезоната. И додека Нувил нишанеше кон победа чувствувајќи се како да вози на домашното рели на Белгија преку лизгавите асфалтни патеки кои се протегаат низ шуми и земјоделски региони на овие три држави, Кале Рованпера кроеше план како да ја задржи бодовната предност пред Елфин Еванс и да стигне до втората титула. Со малку среќа и Нувил, и Рованпера ги остварија своите цели.
Релито на Централна Европа се покажа како сериозен противник кого екипажите научија да го почитуваат од самиот почеток. Бидејќи се вози за првпат, непознатите патеки ги натераа возачите и нивните совозачи прецизно да ги направат забелешките без простор за грешки. Дури и најмалата на ова рели скапо се плаќа. Но затоа, за разлика од останатите настани да се стартува прв е предност бидејќи асфалтот е сѐ уште чист. Како што минуваат возилата и ги кратат свијоците, ја туркаат калта врз асфалтот и условите стануваат полизгави и од мраз. Тогаш и најмалата грешка скапо се плаќа. Ова посебно се однесува на оние брзински испити кои се возат по втор пат. А, такви беа сите освен двата испити со кои се отвори релито во четврток попладне. Првиот го освои От Танак, а вториот Нувил. Белгиецот имаше подобри времиња и рано го поведе релито. Меѓутоа ова беше само вовед, додека заплетот на оваа рели драма се подготвуваше да се развие.
Утрото во петок донесе дожд кој ги миеше патеките и создаде одлични услови за водечкиот во шампионатот. Рованпера стартуваше прв и го искористи чистиот асфалт. Нижеше добри времиња и рано го поведе релито. Успеа да го одржи темпото и победи на крајот од денот. Близу до него со перформансите беше Есапека Лапи зад волан на Hyundai i20 N Rally1. Меѓутоа Финецот не издржа долго. Несреќата од Чиле се повтори на третиот испит. Лапи успеа повторно да го уништи автомобилот по излетувањето од пат. Неговото место го наследи Нувил кој водеше битка со Еванс за втората позиција во текот на целиот ден. На крајот од денот упорноста на Белгиецот вроди плод. На последниот испит од денот Нувил покажа врвни перформанси и успеа да го добие Еванс кој мораше да се задоволи со третата позиција. Еванс призна дека бил премногу претпазлив на места и затоа ја загубил позицијата. Нувил пак се жалеше на премногу тврдите пружини заради кои автомобилот буквално потскокнувал на нерамнините и тешко се контролирал. Сепак, и покрај незадоволството од сетапот успеа да се избори за добра позиција.
WRC2 – МИКЕЛСЕН НЕОЧЕКУВАНО СТАНУВА ШАМПИОН
Во еден неверојатен пресврт на настаните водечкиот во WRC2 Андреас Микелсен стана светски шампион. Паузата од релито на Чиле му дозволи на Гас Гринсмит да се доближи до Микелсен во генерален пласман, но релито на Централна Европа требаше да ја надомести оваа празнина. Меѓутоа Микелсен немаше среќа. Излета во петок наутро и загуби десетина минути отворајќи му го патот до титула на Јохан Росел. Набрзо по него Росел удри во дрво препуштајќи му ги шансите на Гринсмит. Но, и тој се сретна со проблеми. Дупна гума и загуби многу време во менување. Така победата отиде во раце на Николас Циамин, а титулата повторно кај Микелсен. Тој го доби последниот испит освојувајќи дополнителни 5 бодови со кои нанижа вкупно 111 бода во генерален пласман. Исто број бодови има и Гринсмит. Но, Миклесен има една победа повеќе и можност да освојува бодови и на последното рели на Јапонија, додека Гринсмит со учеството во Чиле ги испука своите шанси за титула. |
Заплетот на релито кој почна во петок, во сабота наутро доби неочекуван расплет. Еванс кој призна дека претходниот ден бил премногу претпазлив одлучи да притиска посилно врз педалот за гас. Го доби првиот испит од денот, за влакно беше по бавен од Нувил на вториот, а третиот не го заврши. Тој беше единствен кој можеше да го загрози Кале во потера по титулата. Но, погрешна проценка на еден десен свијок му пресуди, и Еванс заврши во врата од амбар. Во неа заврши желбата за победа на ова рели, и потерата по титула. Оттука па до крај Рованпера немаше потреба да ризикува. Финецот ја смири топката и покажа голема мудрост за еден 23 годишник. Веднаш му го препушти бркањето на резултат на Нувил и до крајот на денот само го одржуваше резултатот. Нувил победи, а Рованпера заврши втор. Местото на Еванс го презеде Танак, односно ја наследи третата позиција. Себастијан Ожие кој со нетрпение го очекуваше ова рели се жалеше дека не може да фати ритам заради сетапот на автомобилот. Не успеа да стигне погоре од четвртата позиција. Неговиот тимски другар Такамото Катсута беше петти, а Тему Сунинен кој стана вистинско откровение за тимот на Hyundai стигна до шестата позиција.
Смирениот ритам Кале Рованпера го продолжи и во недела. На четирите брзински испити кои останаа во овој последен ден од релито Кале ниту еднаш не заврши погоре од седмата позиција. Сепак, времињата беа тука. Младиот Финец држеше сѐ под контрола без да влегува во ризик. Така победата на ова прво издание на релито на Централна Европа отиде во рацете на Нувил, но затоа шампионската титула отиде во рацете на Рованпера. Останатите позиции во поредокот останаа непроменети од претходниот ден. Танак го освои третото место, Ожие четвртото, Катсута петтото, а Сунинен шестото место. За Кале освојувањето на годинешната титула, поточно одбраната на титулата, има многу поголемо значење од минатогодишната кога стана најмладиот шампион во историјата на светското рели. Секако за да стигне до неа на едно рели пред крајот на сезоната малку му помогна и среќата. Но, таа секако ги следи храбрите. Кале признава дека годинава за одбрана на титулата морале да работат значително повеќе со својот совозач Јоне Халтунен, и додава дека оваа титула му е далеку позначајна од минатогодишната. Можеби затоа што сега со две титули во рака и со само 23 години застанува рамо, до рамо со легендарни возачки имиња како Валтер Рерл, Мики Биазион и Карлос Сајнц кои, исто така, имаат по две титули.
Откако Toyota ја освои титулата меѓу производителите на минатото рели на Чиле, а Рованпера возачката титула на релито на Централна Европа им останува уште да уживаат на последниот настан од сезоната релито на Јапонија. Таму во земјата на изгрејсонцето копјата ќе се кршат меѓу Тиери Нувил и Елфин Еванс за вицешампион.