WRC–Рели Сардинија и Рели Кенија-НА ДОБАР ПАТ КОН ПРВАТА ТИТУЛА

25/07/2022

ГОЛЕМА ПОБЕДА НА РОВАНПЕРА НА РЕЛИТО НА ПОРТУГАЛИЈА И ПРВ ХЕТ-ТРИК ЗА НЕГО ВО НАТПРЕВАРУВАЧКАТА КАРИЕРА ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ. СО ТРИ ПОБЕДИ ЕДНА ПО ДРУГО МЛАДИОТ ФИНЕЦ НАЈАВУВА ВИСОКИ ДОСТИГНУВАЊА

 

После извонредните перформанси на релито во Кенија се поставува прашањето: Дали некој воопшто може да го сопре Кале Рованпера? Се чини дека младиот Финец е во налет кој лесно може да му ја донесе првата титула во кариерата. Да се доминира на две третини од настаните во првата половина на сезоната е резултат вреден за да биде споменат. Кале блескаше дури и таму каде што не се очекува. Спротивно на шансите ги освои и релито на Хрватска, и релито на Португалија, и релито на Кенија. И оттука го трасираше патот кон својата прва титула. Секако претстои уште една половина од сезоната во Светскиот рели шампионат со уште седум настани од календарот. Но, постигнувањата велат дека возачкиот капацитет на Кале е во подем, и дека со оглед на предноста Финецот е голем залак за голтање.

 

После големата победа во Португалија, релито на Сардинија беше следниот предизвик за Кале. Меѓутоа, статистиката покажува дека во изминатите шест сезони со Сардинија владее тимот на Hyundai. Имаат четири победи Нувил 2016 и 2018 година и Сордо 2019 и 2020 година. Единствено лани Ожие ја прекина низата и победи благодарение на откажувањето на Танак и на Сордо. Hyundai покажа дека е многу поподготвен за своето омилено рели кое очигледно му годи на i20, иако годинава станува збор за сосема различен автомобил. Сепак, От Танак успеа да го доведе до целта како победник. Така Естонецот ја впиша својата втора победа на ова рели и се изедначи со своите тимски другари по бројот на успеси на Сардинија. Воедно ова е негова прва победа на рели после Арктичкото рели на Финска на почетокот на минатата година. Патеките на Медитеранскиот остров не му беа наклонети на Рованпера кој заради лидерската позиција во шампионатот мораше да стартува прв. Тврдата подлога прекриена со чакал не им годи на оние што стартуваат први бидејќи имаат неблагодарна ролја да го метат слободниот чакал додека гумите се борат за тракција и за да обезбедат оптимални перформанси. Затоа тие што стартуваат подолу во редот добиваат чиста патека и имаат поголеми шанси за победа.

Првиот ден од релито мина во знакот на От Танак и на Есапека Лапи кој во тимот на Toyota го дели четвртиот GR Yaris со Себастијан Ожие. Лутите ривали на ова рели постојано се менуваа на водечката позиција. Беа толку блиску еден до друг што ги делеа делови од секундата. Сепак, на крајот од денот дуелот го доби Лапи. Танак имаше проблеми со менувачот на седмиот испит и забави, а откажувањето на последните два испити од денот само му помогна да не загуби дополнително време во однос на Лапи. Третото место му припадна на Пјер Луи Лубет со Ford Puma, четврти беше Крег Брин, а петти Сордо. Рованпера не успеа подобро од осмото место на крајот од денот. Проблеми со менувачот на i20 имаше и Нувил.

 

Првиот брзински испит во сабота наутро докажа дека на Лапи не му било пишано да ја освои Сардинија. Десетина километри од стартот на испитот удри во камен кој стрчеше на средина од патот. Ударот го фрли автомобилот во воздух, изгуби контрола, по што удри во друг камен крај патот и го откорна левото задно тркало заедно со деловите од подвозјето. Откажувањето на Лапи му го отвори патот на Танак кој победи на шест од вкупно осум испити од денот поведувајќи го релито пред Брин и Сордо. Лубет откако дупна гума падна на четвртата позиција, а Рованпера и Катсута ги поделија петтата и шестата.

Последниот ден од релито Танак возеше сам за себе. Иако велеше дека не форсира сепак победи на два од четирите испити и ја продлабочи разликата во 0 однос на Брин на повеќе од една минута. Брин остана на второто место, а Сордо на третото. Ниту подолу во поредокот немаше измени. Пласманот остана ист како во саботата. Танак победата му ја посвети на тимот. Призна дека започнале доцна со развојот на i20 N Rally1 и затоа заостануваат во однос на Toyota. Но, според него после релито на Португалија постигнат е голем напредок и од Hyundai треба да се очекува повеќе во вториот дел од сезоната.

Дека Toyota со GR Yaris Rally1 има предност во поглед на перформансите и издржливоста е евидентно. Така е затоа што тимот го започна развојот на автомобилот порано од останатите. Уште за време на пандемијата во 2020 година кога шампионатот се возеше со ограничена програма. Тоа се докажа и на релито на Кенија каде Toyota по втор пат во историјата успеа да освои 1-2-3-4 победа. Првиот ваков успех се случи пред 29 години кога Јуха Канкунен го предводеше нападот со четири Toyota Celica Turbo 4WD. Toyota воедно ја забележа својата 10 победа во Кенија.

 

Покрај Toyota, Citroen e вториот производител кој успеал да освои 1-2- 3-4 победа на едно рели од Светскиот шампионат. На Французите тоа им успеа на релито на Бугарија во 2010 година со возачка постава Себастијан Лоеб, Дани Сордо, Петер Солберг и Себастијан Ожие. Годинава во Кенија тимот на Toyota беше предводен од Кале Рованпера, следеа Елфин Еванс, Такамото Катсута и Себастијан Ожие. После победата лани која му беше значајна за освојување на осмата титула, годинава, откако се сретна со проблеми Ожие одлучи да биде поддршка на тимот. Релито го почна од врвот. Победи на брзинскиот испит со кого во четврток попладне релито на Кенија беше отворено. Силните перформанси на Ожие продолжија и во текот на вториот ден. Меѓутоа на последниот испит од првиот круг во петок наутро автомобилот на Ожие остана без моќ откако моторот се наполни со африканскиот фин песок во облик на прав наречен Феш-феш. Еванс го превзема водството, но не за долго. Веднаш по сервисот Ожие продолжи со нападот со намера да го повтори минатогодишниот успех. Сепак, желбите не се исполнија. Дупна гума на последниот испит од денот и загуби повеќе од две минути кои го декласираа на шестата позиција. Откажувањето на Ожие и проблемите со гумите на Еванс го промовираа Рованпера во лидер. Иако стартуваше прв и повторно играше ролја на метла Рованпера остваруваше завидни времиња кои му помогнаа да се искачи на врвот. Зад него блиску возеше тимскиот другар Катсута, а Еванс падна на третото место. Ожие не беше единствен кој се сретна со сериозни проблеми. Лоеб се откажа уште на почеток откако се запали моторот на неговата Ford Puma. Нувил, Оливер Солберг и Гус Гринсмит ги наполнија моторите со песок. Брин ја искрши суспензијата, а на Танак во рака му остана рачката од менувачот.

 

После колежот во црниот петок следниот ден нештата се одвиваа помирно. Многумина после откажувањата стартуваа по втор пат, но ниту еден не можеше да ги рамни перформансите со Кале. Тој продолжи да ја зголемува предноста, а вистинскиот пресврт се случи на последните два испити од саботата кога пороен дожд го претвори песокот во кал лизгава како мраз. Во вакви услови Кале блесна и во само два испити ја зголеми предноста пред Еванс на повеќе од 40 секунди. Никој, ниту од далеку не можеше да се доближи до перформансите на младиот Финец. Еванс само успеа да го добие Катсута и да го испрати на третата позиција. Ожие, пак, успеа да го добие Нувил што беше доволно за да ја зацврсти позицијата на тимот. Пласманот на водечката четворка остана не сменет и на последниот ден од релито што беше доволно Toyota по втор пат во историјата на светското рели да запише четворна победа на Сафари рели на Кенија.

Со победата во Кенија Рованпера ја зацврсти лидерската позиција во шампионатот за возачи. Има 145 бода наспроти 80 бода на Нувил, или 65 бода повеќе. Третото место го делат Танак и Катсута со по 62 бода. Toyota исто ја зголеми разликата во однос на Hyundai. Јапонскиот тим има 246 бода наспроти 184 бода на Hyundai и 143 бода на M-Sport Ford. Со релито на Естонија и на Финска во текот на летото почнува вториот дел од сезоната. Мазните брзи патишта на овие настани му се познати и му годат на Кале од кого се очекува повторно да блесне во поход по првата титула.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.