WRC Рели – најава на сезона 2019 – Големи промени, за поголема возбуда

04/02/2019

СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ ДОЖИВУВА ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ ВО 2019 ГОДИНА КОИ ПОКРАЈ ПРЕСКОКНУВАЊЕТО НА ЕКИПАЖИТЕ ОД ЕДЕН ТИМ ВО ДРУГ И ВРАЌАЊЕТО НА ЛЕГЕНДАТА СЕБАСТИЈАН ЛОЕБ, ВКЛУЧУВААТ УШТЕ ЕДЕН НАСТАН, РЕЛИТО НА ЧИЛЕ СО КОЕ ШАМПИОНАТОТ МЕСТО 13 ЌЕ БРОИ ВКУПНО 14 РЕЛИЈА.

 

Традиционално сезоната на Светскиот шампионат во рели за 2019 година и сите новини кои ги носи беа претставени на Интернационален салон на „Autosport“ во Бирмингем, Велика Британија. Тука фановите во живо можеа да се запознаат со најновите верзии на WRC автомобилите кои ќе бришкаат преку патеките ширум светот водени од новите, но и постоечките екипажи.

Голема и најмалку очекувана новина е проширувањето на календарот кој годинава место досегашните 13 настани ќе брои уште еден. Тоа значи дека фановите ќе се радуваат и ќе уживаат на вкупно 14 релија. Новиот настан е релито на Чиле кое ќе се вози меѓу 9 и 12 мај, или веднаш по релито на Аргентина. Се чини дека Јужна Америка со бројните навивачи и спозори станува се поинтересна за Светскиот шампионат во рели. Чиле е 32-та држава која ќе биде домаќин на рели од Светскиот шампионат од неговото лансирање во далечната 1973 година. Уште една интересна новина за првпат во светското рели е можноста возачите сами да си ги изберат стартните броеви кои ќе ги носат во текот на целата сезона.

Со големи помпи се најавува враќањето на легендарниот Себастијан Лоеб на светската рели сцена. Интригантно деветкратниот светски шампион во рели потпиша двогодишен договор со тимот на Hyundai. Оваа вест делува неочекувано знаејќи ја неговата врска со Citroen, тимот со кого ги освои своите титули и го постави рекордот кој е тежок за достигнување. Но, Citroen веќе ги обезбеди своите возачи, актуелниот шампион Себастијан Ожие и Есапека Лапи. А Лоеб остана без возачка позиција бидејќи тимот на Peugeot се повлекува од Светскиот шампионат во рели-крос. Годинава Лоеб ќе вози само на шест релија и ќе го дели возачкото седиште во i20 Coupe WRC со Дани Сордо, а вгодина го очекува цела сезона. Тиери Нувил и Андреас Микелсен го комплетираат тимот на Hyundai Motorsport кој годинава има и нов шеф. Човекот што го постави тимот на нозе Михаел Нандан си заминува откако во пет сезони не успеа да ја освои шампионската титула за производители, а на негово место доаѓа Андреа Адамо, менаџер на тркачката дивизија за клиенти на Hyundai.

И тимот на M-Sport Ford добива нов директор. Досегашниот шеф и сопственик на M-Sport, Малком Вилсон има поголеми обврски и затоа го остава својот заменик Рич Миленер да го води тимот во рели. Откако Ожие после две сезони замина од M-Sport, тимот ги задржа Тему Сунинен и Елфин Еванс, а на дел од релијата зад волан на новата Ford Fiesta WRC ќе седи Понтус Тидеман.

Преоѓањето на шесткратниот светски шампион Ожие во тимот на Citroen треба да им овозможи на французите да се вратат на врвот од светската рели сцена како во времето на Лоеб. После првите тестирања на новиот C3 WRC, Ожие призна дека претстои многу напорна работа додека се подобрат перформансите да бидат на врвот во различни услови. Негова поддршка ќе биде одличниот Есапека Лапи кој во Citroen доаѓа после две сезони минати во Toyota Gazoo Racing, итреба да му помогне на тимот да дојде до титулата за производители.

Шампионот меѓу производителите, тимот на Toyota Gazoo Racing останува да и верува на возачката постава От Танак и Јари-Мати Латвала. Танак кој минатата година се вмеша и во борбата за возачка титула очекува дека годинава ќе има прилика со помош на Yaris WRC да го оствари сонот на секој возач во рели. Како помош во тимот доаѓа новоангажираниот Крис Мик.После пет сезони минати во Citroen, Мик очекува дека ќе има прилика зад волан на Yaris WRC да се вмеша во борбата за титула. Шефот на тимот легендата Томи Макинен смета дека Мик е брз возачи на асфалт и на чакал бидејќи е еден од ретките кој го освоил релито во Финска, победи во 2016 година, а вреди да се спомене и неговата доминација на релито во Корзика. Макинен смета дека Мик до сега немал доволно брз автомобил со кого до израз ќе дојде неговиот талент.

Со оглед на новините кои ги носи очекуваме возбудлива сезона во рели за која е неблагодарно да се даваат било какви предвидувања. Она што е сигурно е дека фановите на светското рели ќе уживаат следејќи го секој од четиринаесетте настани во 2019 година. A, приказната WRC 2019 традиционално стартува со релито на Монте Карло.

 

Љубомир Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ