СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ И СОВОЗАЧОТ ЖУЛИЕН ИНГРАСИЈА ЈА ОСВОИЈА СЕДМАТА ТИТУЛА СВЕТСКИ ШАМПИОН ВО РЕЛИ ОТКАКО МАШКИ ГО ИЗВОЗИЈА НЕПРЕДВИДЛИВОТО РЕЛИ НА МОНЦА ПОБЕДУВАЈЌИ НА ПОСЛЕДНИОТ НАСТАН ОД СЕЗОНАТА.
Непредвидливата сезона од Светскиот шампионат во рели, погодена од пандемијата на Ковид-19, донесе и непредвидлив крај на последното рели од сезоната, релито на Монца, каде што се одлучуваше за шампионската круна. На релито во игра за освојување на титулата беа двајца главни играчи Елфин Еванс, водечки во шампионатот и второпласираниот Себастијан Ожие, и двајцата од тимот на Toyota. Водечката двојка ја делеа 14 бода пред стартот на релито. Зад нив некакви шанси имаа и двајцата возачи на Hyundai, Тиери Нувил со 24 бода помалку во однос на Еванс и Танак со помалку 28 бода, кој, доколку се наредеа коцките на среќата, ќе можеше дури и да ја одбрани својата титула.
Битка за титула во Монца се водеше и меѓу производителите. Во релито Hyundai влезе како лидер со предност од 7 бода во однос на Toyota, а M-Sport Ford со 91 бод помалку беше премногу далеку за да сонува за што било. Крајниот исход за производителите не зависеше само до победникот на ова рели, туку кој ќе има повеќе екипажи пласирани на повисока позиција на крајот од релито.
Така, секој од возачите и од производителите стартуваше со одредена тактика и калкулација за тоа што би требало да се случи за да се дојде до титула. Меѓутоа, никој не можеше да предвиди што ќе му донесе ова рели што првпат е дел од Светскиот шампионат и кое покажа дека е исклучително непредвидлив настан што претставува голем предизвик за возачите, како за возилата, така и за тимовите. Дел од релито се возеше на легендарната тркачка патека Монца и на пристапните земјени патеки околу неа, а дел на околните планински патишта околу езерото Комо. Така релито претставува микс од земја, чакал и асфалт што, само по себе, е голем предизвик: возачки и тактички во однос на правилниот избор на пневматици.
Релито стартуваше со брзински испит во четврток попладне на кој екипажите колку толку можеа да си ги одмерат силите и да претпостават што ги чека. На овој брзинец Ожие го поведе релито, а Нувил заврши тесно зад него. Се чинеше дека битката ќе се води меѓу нив бидејќи стана евидентно дека водечкиот Еванс ќе вози внимателно чувајќи ја предноста во генерален пласман. Но никој не можеше да ги подготви за пеколот што се случи. Поројниот дожд и снег на планините во текот на ноќта ги сменија плановите и очекувањата. Лизгави патеки полни со кал и длабоки вирови околу патеката, снег и мраз на планините ги дочекаа екипите во петок наутро. Драмата можеше да почне. Заради лошите услови возачите избираа длабоко назабени пневматици за снег за да можат да дојдат до малку тракција што е потребна за да се совлада калливиот хаос. Во една ваква мешаница Даниел Сордо го поведе релито. Како и на Сардинија, тој покажа дека е експерт за комбинирана подлога. Оствари одлични времиња и заврши како лидер на крајот од денот. Есапека Лапи беше прв возач што се коцкаше со снежна комбинација на гуми и профитираше од својот избор. Незапирлив Лапи оствари најдобри времиња на сите брзински испити, освен на последниот кога ги погоди шикана и загуби драгоцени секунди препуштајќи му го водството на Сордо. Најблиску до водечката двојка беше Ожие. Неколкупати не ги погоди шиканите удирајќи во балите сено од кои беа формирани и заостана 11 секунди зад водечката двојка. Еванс со внимателен пристап заврши четврти, односно 5 секунди зад Ожие. Дебакл доживеа Нувил. Тој, исто како Ожие, не ги погоди шиканите, а по едно влегување во вир го наполни моторот со вода и мораше да се откаже.
На стартот од третиот ден се стопи предноста на Сордо и Лапи. Двајцата добија казна од 10 секунди за претходниот ден бидејќи според согледувањата на судиите не погодиле иста шикана прекршувајќи ги правилата на релито. Така започна фуриозната битка меѓу Сордо и Ожие на планинските патеки во близина на езерото Комо. Прекриени со снег и на места мраз покажаа дека се вистински предизвик кој бара исклучително внимание. Лапи неможеше да држи чекор со водечките возачи и падна на петтата позиција, а битката за лидер на релито ја доби Ожие. Со Сордо постојано се менуваа на водечката позиција добивајќи брзинец, по брзинец.
Но по несреќата на Еванс, Сордо се одлучи за повнимателен пристап и го заврши денот зад Ожие. Еванс беше трагичар на релито, но и на сезоната воопшто. Увидувајќи дека безбедниот пристап нема да му ја донесе титулата го забрза темпото приближувајќи се до водечката двојка. Но наиде на мраз и излета во ендек уништувајќи ги шансите за титула. Во спортски дух веднаш излезе од автомобилот и истрча на патеката за да го предупреди тимскиот другар на опасноста што демнее. Ожие го поздрави пристојниот гест на Еванс и знаеше дека може да диши полесно откако главниот соперник за титула го напушти релито. Сепак, му беше јасно дека релито на Монца може да изненади на кој било свијок.
Само три брзински испити од последниот ден го делеа Ожие од седмата титула. Екипите повторно се вратија на тркачката патека во Монца и на лизгавите патеки околу неа. И покрај неколку страшни моменти што ги доживеаја, кога на автомобилот прекриен со кал престанаа да работат бришачите и му се замагли предното стакло, Ожие истраја и заедно со совозачот Жулиен Инграсија пристигнаа до седмата светска титула во осум сезони. Втор релито го заврши От Танак, а трет Сордо, што беше доволно Hyundai да ја освои титулата за производители со пет бода предност пред Toyota.
По оваа проблематична сезона Ожие, кој сакаше да се повлече од релито на крајот на 2020 година, одлучи да го продолжи ангажманот и да остане во тимот на Toyota. Французинот истакна дека е задоволен од атмосферата во тимот и од односот со тимскиот другар Еванс. Доволно големи причини за да продолжи да вози. Интересно, француските возачи, поточно Себастијан Лоеб и Себастијан Ожие меѓу себе делат 16 титули во последните 17 сезони од светското рели. Танак е единствениот што минатата сезона го наруши овој континуитет. Останува да видиме дали Ожие можеби со продолжувањето на ангажманот сака да го достигне сонародникот по број на титули. Како и да е, сведоци сме на една тешка иако скратена сезона, со многу предизвици и неизвесности. Ќе видиме што ќе донесе следната и како ќе се одвива.