АКТУЕЛНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ ГО СОБОРИ РЕКОРДОТ И ПО ОСМИ ПАТ ГО ОСВОИ ЛЕГЕНДАРНОТО РЕЛИ НА МОНТЕ КАРЛО КОЕ СО СВОЈАТА 110-ТА ГОДИШНА ИСТОРИЈА ВАЖИ ЗА НЕКРУНИСАН КРАЛ МЕЃУ РЕЛИЈАТА.
Нема двојби дека релито на Монте Карло е рели кое најмногу му лежи на срце на седумкратниот светски шампион Себастијан Ожие. Роден во близина на Гап градот домаќин на релито, Ожие кој годинава ја вози својата последна сезона во WRC, успеа по рекорден осми пат да го освои ова славно рели. Во 2019 година Ожие со седмата победа го изедначи дотогашниот рекорд на сонародникот и деветкратен светски шампион Себастијан Лоеб. Планираше да го напушти релито на крајот на минатата година. Меѓутоа лани победата му избега за 12,6 секунди, колку што беше поспор од Нувил. Се чини дека Ожие го продолжи договорот со Toyota само за годинава да го постави рекордот на Монте Карло. Рекорд вреден за паметење и за кого веруваме ќе остане недостигнат уште долго.
Да ги вратиме сеќавањата на повеќекратните победници на Монте Карло. По четири победи бележат: Томи Макинен, Валтер Рерл, Сандро Мунари и Жан Трево. По три победи имаат: Карлос Сајнц и Дидие Ориол. А по две победи освоиле: Мики Биасион, Ерик Карлсон и Бјорн Валдегард, сé легенда, до легенда.
Меѓутоа годинава релито на Монте Карло нема да остане запаметено само по рекордната победа на Ожие, туку и по фактот дека тоа се случи на јубилејната 110-та годишнина на релито, и дека со него стартува сезоната која ќе обележи крај на ерата на актуелните „WRC – World Rally Car”, или Светски рели автомобил. По 25 годишно владеење со светската рели сцена, тие в година ќе бидат заменети со новата и се надеваме возбудлива хибридна генерација на рели автомобили. Годинешното издание на релито на Монте Карло ќе остане запаметено и по враќањето на Pirelli како снабдувач на гуми на Светскиот шампионат во рели, кој отсуствуваше од сцената цели 10 години.
Иако во скратен формат заради пандемијата од Ковид-19, годинешното рели на Монте Карло понуди сочна содржина полна со компликувани предизвици, кои, пак, ги ставија на лимит способностите на тимовите и на екипажите. Збиено во 14 брзински испити кои покриваат 257,64 km од вкупната рута долга 1.392,92 km релито повторно беше вистински тест за возачите кои на ист брзинец можеа да се сретнат со снег, мраз, мокри и суви парчиња пат што го прави изборот на гуми пресуден.
Заради скратениот формат и полицискиот час во Франција релито стартуваше со два брзинци во четврток попладне на 21 јануари. Победувајќи и на двата брзинци От Танак се промовираше во лидер на релито. За разлика од лани кога направи грешка и доживеа страшна несреќа, Танак возеше како по терк и поведе оставајќи ги зад себе младиот Рованпера, Еванс, Нувил и Ожие кој имаше проблеми со сопирачките. Но, ова кусо попладне беше вовед во вистинските збиднувања кои се очекуваа во останатите три дена. Проблемите со сопирачките на автомобилот на Ожие беа решени и шампионот можеше да атакува на брзинците што следеа во петок наутро. Покажа од каков материјал се направени шампионите и од петто се искачи на прво место после утринскиот круг брзинци. Зад него беше тимскиот другар Еванс кој својата шанса ја доби во втората половина од денот и на крај го поведе релито. Еванс изби на чело откако Ожие згреши, се изврте и дупна гума на претпоследниот брзинец од денот. Меѓутоа Ожие се прибра. Извозе во стил на голем мајстор на последниот брзинец од денот, и иако не го доби дуелот со Еванс ја стопи неговата предност на само 7,4 секунди на крајот од денот. За Танак релито повторно ги отвори своите темни намери. На утринските брзинци неговиот автомобил Hyundai i20 WRC губеше моќност на тесните остри свијоци. Доволно за да загуби многу време во однос на водечките и да заврши на третото место на крајот од денот. Рованпера заврши четврти, а Нувил петти заради лошиот избор на гуми, но и заради невоиграноста со новиот совозач. Тој на само една седмица пред стартот на сезоната го раскина партнерството со долгогодишниот совозач Николас Гилсул, и го замени со Мартијн Видаег.
Ништо не можеше да го спречи Ожие во намерата да го освои релито. Беше решен да го надомести загубеното време од претходниот ден. После брилијантното возење, во сабота наутро, низ со снег и мраз прекриените планински патишта, во само 18,31 km успеа на Еванс да му украде скоро 18 сек. Безмалку секунда по километар. Ова беше само вовед во нападот на Французинот. Возеше самоуверено во остатокот од денот и поведе со предност од 13 сек. пред Еванс. Третото место му припадна на нивниот тимски другар Кале Рованпера. Нувил и Сордо за Hyundai завршија четврти и петти. Танак беше во игра за третото место, но беше дисквалификуван. На два брзинци едно по друго дупна гума, а имаше само една резервна. На пат кон сервисната зона организаторите забележале дека буквално вози на бандаж. Сметајќи дека не е безбедно така да вози на јавен пат го отстраниле од сообраќај.
Брилијантниот перформанс на Ожие не запре ниту на последниот ден од релито. Без оглед на солидната предност пред Еванс, шампионот не престана да форсира. Освои три од четирите брзински испити кои беа на распоред во недела, а за да биде круната поголема победи и на специјалниот Телевизиски брзинец освојувајќи ги дополнителните 5 бодови, или максималните 30 бодови. Така Ожие се закити со рекордната осма победа на ова рели и вкупно 50-та во неговата кариера. Осумте победи на Ожие на ова славно рели се протегаат низ три декади и се постигнати со пет различни производители. Неговиот тимски другар Еванс ниту на последниот ден од релито не можеше да најде вистински одговор за возењето на Ожие. Едноставно мораше да се задоволи со втората позиција. Признавајќи дека возел премногу на сигурната страна не влегувајќи во ризик. Дупната гума го спречи Рованпера во потерата по трета позиција и совршен 1-2-3 финиш за Toyota. Тој мораше третата позиција да му ја препушти на Нувил за кого место на пиедесталот со нов совозач е и повеќе од доволен успех. Рованпера мораше да се задоволи со четвртото место. Сордо беше петти, а шести Катсута.
Јапонецот кој го заокружи успехот на Toyota од 100 проценти, или четири од четири екипажи. Ова беше успех од соништата за новиот директор на тимот, Јари-Мати Латвала кому ова му е прво рели на новата позиција.
Следното рели е новина во Светскиот шампионат и е замена за легендарното рели на Шведска. Станува збор за Арктичкото рели на Финска. Релито на Финска го напушта вообичаениот формат и се сели длабоко во замрзнатиот и оддалечен Арктички Круг на северниот дел на Финска на крајот од февруари.