WRC–Рели Монте Карло-ГОЛЕМИОТ КАЛЕ ЈА ОСВОИ ШВЕДСКА

16/03/2022

ТОЧНО 21 ГОДИНА ОТКАКО НЕГОВИОТ ТАТКО ХАРИ ТРИУМФИРАШЕ НА РЕЛИТО ВО ШВЕДСКА, НЕГОВА ЕДИНСТВЕНА ПОБЕДА ВО КАРИЕРАТА, МЛАДАТА НАДЕЖ НА TOYOTA КАЛЕ РОВАНПЕРА ВО СТИЛ НА ГОЛЕМ ШАМПИОН ГИ ОСВОИ СНЕЖНИТЕ НОРДИСКИ ШУМИ

 

После една година отсуство заради пандемијата релито на Шведска се враќа на сцена. Организаторите имаа доволно време да планираат сериозно тежок снежен настан каков што се памети од времето пред глобалното затоплување да ги вмеша прстите во структурата на релито. За да ја остварат целта организаторите одлучиле да заминат 600 километри на Север од Стокхолм, блиску Арктичкиот круг, во регионот наречен Фастерботен кој е послан со непрегледно пространство од смрзнати шуми. Со температури кои дење паѓаат под 20 степени целзиусови под нулата градот Умеа кој е центар на регионот е совршен за да биде домаќин на еден зимски настан од ваков вид.

Зимското рели бара уникатен пристап при подготвување на патеките. Тие се пробиваат низ дебел намет од снег. Целта е да се создадат снежни брегови врз кои возачите ги потпираат автомобилите за полесно водење низ свијок. Подлогата треба да е дебел слој мраз во кој загризуваат шилците од тенките гуми и остваруваат неверојатен контакт со подлогата. Така се ловат високи брзини што само по себе звучи парадоксално, но факт е дека релито на Шведска е еден од најбрзите настани во шампионатот. Традиционално нордиските возачи се тие кои доминирале на ова рели, но во последните години со мешање на подлогата заради повисоките температури сè повеќе возачи ја научија тајната и почнаа да го добиваат шведското рели. Сепак, Нордијците очекуваат дека поместувањето далеку на Север повторно на сцена ќе ја врати нивната доминација, што се потврди и годинава со победата на младиот Финец Кале Рованпера.

Важно за екипажите годинава е тоа што со менување на регионот не можеа да се потпрат на забелешките за брзинските испити од претходните години. Едноставно мораа да почнат од бел лист хартија, да создадат нови забелешки и според нив да скројат нова стратегија за напад. Иако замрзнатите патеки околу Умеа им се познати на натпреварувачите од шведскиот шампионат, тие се комплетна новина за ѕвездите од WRC кои за волја на вистината за првпат се натпреваруваат на снежно рели со новата генерација на хибридни рели автомобили.

Не можеше точно да се оцени распоредот на силите пред стартот на релито. Релито на Монте Карло покажа дека пакетот на M-Sport Ford функционира со оглед дека Puma Rally 1 го доби настанот. Без оглед што го нема Лоеб, Крег Брин покажа дека има доволно капацитет да го води британскиот тим, а како поддршка остануваат Гас Гринсмит и Ејдриен Формо. Тешкотиите кои го пресретнаа тимот на Hyundai на отворањето на сезоната е подобро да се заборават според лидерот на тимот Тиери Нувил. Тој најдобро мина во Монте Карло иако едвај успеа да го доведе својот i20 N Rally 1 до целта. И От Танак и Оливие Солберг за кого ова е домашен настан очекуваат многу повеќе од ова рели. Тимот на Toyota предводен од Елфин Еванс кој победи на ова рели пред две години се чини најсоодветно опремен за напад. GR Yaris Rally1 покажа дека е олицетворение на издржливоста на Toyota и дека во рацете на Кале Рованпера е сериозен претендент за големи достигнувања. Во тимот после три години отсуство за ова рели се враќа Есапека Лапи од кого се очекува солиден резултат на снег, како и од поддршката Такамото Катсута.

Како за асфалтот на Монте Карло, така и за снегот во Шведска на тестирањето тимовите почнуваа од нула кога е во прашање сетапот на новите автомобили. Повеќето возачи признаа дека било невообичаено на почеток, но соработката меѓу тимските другари и техничарите го насочија напредокот во вистински правец. Ова посебно важеше за младиот Рованпера кој последователно нижеше добри времиња низ снежните шуми. Иако заради резултатот од Монте Карло стартуваше прв, што претставува хендикеп на ова рели, сепак покажа извонреден резултат и со тоа најави дека атакува на победа. Танак на тестот заврши втор, трет беше Нувил, а четврти Катсута. Брин и Гринсмит беа петти и шести.

Релито на Шведска стартуваше во четврток навечер со церемонијален старт во Умеа, а првите натпреварувачки километри екипажите ги направија во петок наутро. Дури петмина возачи се сменија на лидерската позиција во текот на првиот ден од релито. Танак започна со најдобро време, но лошата среќа брзо го стигна Естонецот. Веќе на вториот брзинец го оштети браникот кој целосно отпадна со што се наруши аеродинамиката на автомобилот која е пресудна на брзите снежни патеки. Дополнителен удар во брег на петтиот брзинец активираше предупредувачки аларм на хибридниот систем по што за Танак релито заврши.

Резултатите беа тесни во текот на целиот ден меѓу најдобрите возачи. Сепак, на крајот од денот Нувил беше возачот кој славеше. Интересно, после петтиот брзинец Белгиецот беше петти, но со темнината дојдоа и перформансите. Брилираше на двата последни брзинци од денот и го поведе релито. Рованпера заврши втор со 4,3 s зад Нувил. Бидејќи стартуваше прв очекуваше почисти патеки и беше изненаден од остатоци на снежни блокови во краевите. Сепак, успеа хендикепот да го претвори во предност и да просперира. Еванс иако беше во водство поголемиот дел од денот се мачеше со управливоста на својот автомобил. На крајот од денот истрошените гуми му пресудија и мораше да се задоволи со третото место. Есапека Лапи го комплетираше триото на Toyota пласирајќи се четврти. Петти заврши Солбер, шести Катсута, а возачите на Ford Формо и Гринсмит беа седми и осми. Брин како и Танак се откажа откако излета од патеката.

Првиот сет од брзински испити во сабота наутро минаа во знакот на Toyota. Една мала грешка по која излета на првиот брзинец од денот смени нешто во сетапот на автомобилот на Нувил и тој повеќе не се чувствуваше комотно да форсира. Призна дека „тојотите” биле неверојатно брзи ова утро, и дека, и да не се случел пехот тешко ќе било да се држи чекор со нив. Рованпера едвај го дочека стартот на првиот брзинец од денот. Поштеден од метењето на патеката можеше да вози во полн налет. Иако брзинецот го освои Еванс, Кале имаше доволно добро време за да поведе. Призна дека овој технички брзинец бил вистински предизвик и дека направил многу глупави грешки, но за среќа не загубиле многу време. Во текот на денот освои три од вкупно шест испити и го заврши денот на првата позиција. Никој од конкурентите, па дури и тимските другари, не му беа рамни. Иако тој скромно велеше дека воопшто не чувствува потреба да форсира за да остане на врвот.

Најлутиот конкурент на Рованпера беше тимскиот другар Еванс. Велшанинот победи на два брзинци и денот го заврши втор со дефицит од 8,3 s во однос на Рованпера. После проблемите на Нувил утринскиот круг од три брзинци заврши во знакот на Toyota. Лапи беше возачот кој се искачи на третата позиција. Меѓутоа после пладневниот сервис Нувил се врати во форма и да крајот од денот го раздели јапонското трио. Го престигна Лапи и му го зеде третото место. Така Есапека мораше да се задоволи со четвртата позиција, додека Катсута беше петти. Дури четири возачи на Toyota се најдоа меѓу првите петмина на крајот од денот. Шести заврши Солберг, а седми Гринсмит.

На последниот брзинец од денот Еванс направи грешка која го чинеше многу. Тој излета од патеката пред самиот финиш и го заврши брзинецот на споредниот пат кој возеше паралелно со него. По разгледувањето на пријавата и сведочењето на Еванс му беше доделена временска казна од 10 s со која се продлабочи разликата меѓу него и Рованпера.

Во недела на последниот и најкус ден од релито се возеа четири брзински испити. Рованпера беше на висина на задачата на првиот. Иако не форсираше сепак времињата на минување покажуваа дека е исклучително брз. Победи на него и потоа немаше потреба да се докажува. Но, токму на тој брзинец Еванс кој веќе заостануваше 18,3 s почувствува дека тука ќе се кршат копјата. Возеше на нож во обид да го надомести загубеното време. Не беше внимателен, удри во снежен брег и го оштети автомобилот по што мораше да се откаже. Нувил го заврши релито на второто место, а Лапи на третото. Катсута ја пополни празнината во тимот на Toyota завршувајќи четврти. Гринсмит остана зад него на петтото место, а Солберг на шестото.

Победата на релито на Шведска е трета во кусата кариера на Рованпера во Светскиот шампионат во рели. Минатата година која беше прва сезона со целосна програма за него тој победи на релито на Естонија, и на исцрпувачкото рели Акрополис на Грција. Победата во Шведска беше изедначување на успехот со неговиот татко Хари. Рованпера постариот во својата 13 годишна кариера во WRC успеа да освои една победа и таа во Шведска во моментите кога Кале имал едвај четири месеци. 21 година подоцна подмладокот носи двојна радост во домот на семејството Рованпера правејќи го Хари исклучително горд на успехот на својот син.

Четвртото место во Монте Карло и победата во Шведска се доволни за Рованпера да поведе во шампионатот за возачи со 46 бода пред второпласираниот Нувил со 32 бода. Што се однесува, пак, на шампионатот за производители освоените бодови на Есапека Лапи ја промовираа Toyota во ран лидер со 83 бода пред 59 бода на M-Sport Ford и 47 бода на Hyundai. После пролетната пауза следното рели се вози на асфалтот во Хрватска кон крајот на април.

 

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.