WRC–Рели Мексико-ОЖИЕ ПОСТАВИ НОВ РЕКОРД ВО МЕКСИКО

14/04/2023

СО ПОБЕДАТА НА РЕЛИТО НА МЕКСИКО ОСУМКРАТНИОТ СВЕТСКИ ШАМПИОН ПО ВТОР ПАТ ГОДИНАВА ПОСТАВУВА РЕКОРД ПО БРОЈ НА ПОБЕДИ НА ЕДНО РЕЛИ. ПРВИОТ РЕКОРД БЕШЕ ДЕВЕТТАТА ПОБЕДА НА РЕЛИТО НА МОНТЕ КАРЛО, А ВТОРИОТ СЕДМАТА ПОБЕДА НА РЕЛИТО НА МЕКСИКО

 

Релито на Мексико е посебен настан кој отсекогаш ќе стои забележан во срцето на осумкратниот светски шампион Себастијан Ожие. Токму на ова рели во 2008 година Ожие го возеше својот дебитантски настан во Светскиот шампионат во рели. Таа година релито на Мексико го освои неговиот сонародник Себастијан Лоеб чија кариера беше во подем кој го доведе до девет титули и го претвори во најуспешниот возач на рели на сите времиња. Лоеб го освојуваше Мексико вкупно шест пати. А Ожие во таа далечна 2008 година ниту сонуваше дека по бројот на победи на ова рели ќе го достигне, па и ќе го надмине својот лут ривал. Минусот од една титула во однос на Лоеб, Ожие го надоместува со поставување рекорди по бројот на победи. Така годинава постави рекорд со деветтата победа на релито на Монте Карло, а сега тоа го стори на релито на Мексико. Постави рекорд со седмата победа на ова тешко рели, Лоеб има шест, и со неа поведе во генерален пласман иако вози со скратена програма. После пауза од две години релито на Мексико повторно е на репертоарот на Светскиот шампионат во рели. Пандемијата од Ковид-19 си го направи своето, но годинава овој тежок настан повторно застана исправен како планина пред рели монструмите од хибридната ера кои за првпат ќе се обидат да ги освојат високите планински превои на Средна Америка. Иако дел од возачите се надеваа на дожд, посебно оние од првите редови, сепак беа дочекани од суви правливи патеки полни изненадувања кои не простуваат грешка. И годинава релито на остана верно на својот карактер и буквално ги десеткуваше невнимателните возачи. Дури и оние од првиот ешалон кои стартуваа први и имаа неблагодарна улога да ги метат патеките оставајќи им на оние зад себе поцврста подлога на која гумите полесно зафаќаат и имаат подобра тракција.

Водено од голема прослава со која караванот од Светскиот шампионат во рели беше пречекан во Мексико, релито стартуваше во четврток навечер. Преплавени со многубројна публика тесните улици и многубројните тунели на историскиот град домаќин Гуанахуато беа совршено место да се отпочне ова славно рели. Токму низ нив најдобро се снајде От Танак. Всушност на истата делница овој уличен брзински испит се возеше два пати, и во двата наврати Танак беше најбрз со што го поведе релито пред актуелниот шампион Кале Рованпера и Есапека Лапи. Според Танак возењето низ улиците на Гуанахуато пред илјадници фанови е само забава и начин да се промовира релито како спорт и да се доближи до фановите, додека напорната работа на екипажите им претстои низ планините на Централно Мексико кои се вистински предизвик како за нив така и за машините.

Танак стартуваше внимателно во петок наутро. Беше прв на патеките заради водечката позиција во шампионатот. Мораше да се носи со неблагодарна улога и да го мете мекиот слој песок низ патеките и веднаш ја почувствува дивата сила на релито на Мексико.

Само неколку километри од стартот на првиот испит од денот Танак остана без турбо натполнење. Одеднаш турбо полначот откажа, а без него моторот нема доволно моќност да го турка автомобилот со полна брзина. Мораше да вози полека и да ги мине трите утрински испити пред да стигне до редовниот сервис. Загуби повеќе од 14 минути до крајот на денот, а со нив и шансата за висок пласман. Но, тука не заврши сагата на M-Sport Ford.

Останатите возачи Пјер-Луи Лубет и Џордан Сердеридис, исто така, се откажаа на првиот испит од денот заради оштетување на потпирањето. За разлика од M-Sport екипажите на Toyota и на Hyundai успешно се држеа. Искористувајќи ја предноста да стартуваат подолу во поредокот со чисти патеки пред себе Есапека Лапи зад волан на Hyundai i20N и Себастијан Ожие со својата Toyota Yaris поставија репер за брзина. Се менуваа во освојувањето на испитите и возеа изедначено во текот на целиот ден. Лапи успеа да создаде поголема предност на претпоследниот испит од денот и заврши како лидер на релито со 5,3 сек. предност пред Ожие. Трет беше Еванс кој имаше проблеми со тракцијата, додека Нувил постојано му беше зад петици. Шампионот Рованпера заради својата стартна позиција слично како и Танак немаше шанса за добар пласман.

Без оглед на напорите тешко излегуваше на крај со мекиот слој на патеките и едноставно не стигна подалеку од петтото место. Перформансите на Лапи беа изненадување на денот. Финецот кој си замина од Toyota покажа што умее зад волан, но и го покажа напредокот на Hyundai во однос на лани.

Иако на релито на Мексико Гас Гринсмит за првпат се натпреваруваше зад волaн на Skoda Fabia RS Rally2 тој го предводеше нападот на Skoda до ултимативен успех во категоријата. Трите екипажи на Skoda се искачија на победничкиот пиедестал на крајот од релито. Гринсмит следен од Емил Линдхолм и Оливер Солберг и ја донесоа 1-2-3 победата на Skoda. Без оглед на проблемите со кои се среќаваа во текот на релито трите екипажи успеаја да ги задржат своите позиции. Најголем трагичар во категоријата беше Адријан Формо зад волан на Ford Fiesta Rally2. Формо како и Гринсмит во WRC2 дојде од WRC тимот на M-Sport Ford. На три испити пред крај на релито му се скина ремен од алтернаторот. Застана да го замени и загуби 17 минути кои на крајот го чинеа многу.

Напнатоста лебдеше во воздух во сабота наутро пред стартот на уште еден тежок ден од релито каде високите температури од преку 30°С и надморската височина од преку 2.750 метри си го земаат својот данок. Како ќе се одвива борбата меѓу Лапи и Ожие кои ги делат една дланка секунди беше главното прашање. Меѓутоа со нетрпение очекуваната битка не се оствари. Само 10 километри од стартот на првиот испит од денот релито за Лапи заврши. Финецот откако влезе широко во еден лев свијок удри во брег по што автомобилот се сврте и удри во бетонска бандера. Лапи и совозачот Јане Ферм имаа доволно време да го напуштат својот i20N пред да се запали. Профитирајќи од несреќата на Лапи, Ожие можеше да продолжи комфорно без да ризикува бидејќи имаше повеќе од половина минута предност пред својот тимски другар Елфин Еванс. Токму тоа и се случи. И додека без потреба да форсира Ожие го контролираше релито од врвот патувајќи кон својата седма победа во Мексико, борба почна да се разгорува за второто место меѓу Еванс и Нувил. Белгиецот притискаше во текот на денот и успеа да ја намали предноста на 4,3 сек. надевајќи се дека ќе има прилика да го стигне Еванс до крајот на релито.

Само четири брзински испити резервирани за последниот ден од релито го делеа Ожие од поставувањето на нов рекорд. Возеше внимателно сè до последниот ТВ испит препуштајќи им ја битката на Еванс и Нувил. Секако Нувил форсираше и победи на два испити, додека Еванс доби еден. Во последниот испит од релито влегоа со разлика од 2,7 сек. и се чинеше дека шансите се на страна на Еванс. Но, Ожие тогаш одлучи да покаже заби и го доби испитот, завршувајќи го релито на Мексико на најдобар можен начин со дополнителни 5 бодови. Еванс за жал заради искривена водилка на тркалото не успеа да се одбрани од налетот на Нувил и го изгуби второто место за минорни 0,2 сек. Рованпера и Сордо ги поделија четвртото и петтото место, додека остатокот од поредокот го пополнија возачите од категоријата WRC2 со Гус Гринсмит на чело. После само три настани од почетокот на сезоната Ожие со два добиени води во генерален пласман со 56 бода пред Нувил со 53 бода. Трет е Рованпера со 52 бода, четврти Танак со 47 и петти Еванс со 44 бодови. Меѓу производителите Toyota е поуспешна од Hyundai и Ford. Води со 127 бодови пред оние 100 на Hyundai и 73 на Ford. Следно е релито на Хрватска кое се вози од 20 до 23 април. Асфалтно рели на кое првата стартна позиција му оди во прилог на Ожие, за разлика од Мексико каде оние што стартуваа први без значително хендикeпирани.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.