WRC Рели Кенија–„АВТОМОБИЛОТ ШТО ВОДИ СЕКОГАШ Е TOYOTA”

08/04/2024

СО ОВАА ИНТЕРЕСНА ИЗРЕКА КОЈА ЧЕСТО КАКО ШЕГА СЕ СРЕЌАВА ВО СЕКОЈДНЕВИЕТО МЕЃУ НАРОДОТ ВО АФРИКА, КАЛЕ РОВАНПЕРА ЈА КОМЕНТИРАШЕ СВОЈАТА ВТОРА ПОБЕДА НА САФАРИ РЕЛИ НА КЕНИЈА, НАСТАН КОЈ ИМА ПОСЕБНО ЗНАЧЕЊЕ ЗА ТИМОТ НА TOYOTA

 

Со убедлива победа на Сафари рели на Кенија, Кале Рованпера како да беше имун на непредвидливата природа на ова исклучително тешко рели кое и годинава го зеде својот данок. Ова е втора победа за светскиот шампион на ова рели со што се докажа дека скратената програма која ја вози годинава нема да влијае на неговите перформанси како возач во иднина.

Но, Рованпера не е единствен кој остана на висина на задачата. Toyota повторно славеше на големо. Можеби не со четири автомобили, но и два се доволни. Запиша 1-2 победа со Рованпера и Катсута. Успех кој повторно зборува многу за издржливоста на јапонските автомобили. Факт е дека со три победи во формат 1-2-3-4 на ова тешко рели, во 1993, 2022 и 2023 година, Toyota вози во лига сама за себе.

 

Годинава Сафари рели на Кенија го запиша своето 71. издание кое ќе остане запаметено по интересниот план на организаторите да го доближат релито до обичниот народ и да го промовираат како спорт во Кенија. Ги убедија шефовите на тимовите на Toyota, Hyundai и M-Sport Ford да седнат до своите возачи и да го доживеат единственото искуство да се форсира низ непредвидливите африкански предели. Реакциите на Јари-Мати Латвала Toyota, Сирил Абитебол Hyundai и Ричард Миленер M-Sport Ford беа воодушевувачки. Дури и Латвала кој е поранешен рели возач призна дека брзината со која Елфин Еванс возел на патеката била далеку над онаа на која тој навикнал. Заедничкиот заклучок на шефовите е дека денешните монструми Rally1 се неверојатно брзи и способни машини и дека во иднина значително повеќе ќе ги ценат своите екипажи.

Организаторите заедно со претседателот на Кенија, Вилијам Руто кој полага многу во развој на спортот, ја промовираа првата возачка академија во Кенија, Таланта. Таа ќе функционира под капа на Академијата за спорт и годишно ќе може да прими 500 млади таленти кои својата иднина ќе ја бараат во светот на релито.

 

Како и минатата година Сафари рели на Кенија стартуваше во четврток навечер на наменски создадената патека од 4,48 km направена во близина на главниот град Најроби. Модерните рели монструми и нивните екипажи бодрени од повеќе илјадната публика приредија вистински спектакл. Но, исто како и лани исходот на овој брзински испит ниту од далеку не ја отсликува реалната состојба која екипажите ја доживуваат во директен дуел со нескротливата африканска дивина. Иако најбрз на испитот Тиери Нувил со резерва го коментираше својот настап очекувајќи најлошо на патеките во следните три дена. Втор заврши От Танак, исто така, зад волан на Hyundai, додека Кале Рованпера беше трет.

Големиот предизвик на Африка стартуваше во петок наутро на првиот вистински натпреварувачки ден. Шест брзински испити беа исправени пред екипажите од Светскиот шампионат. Грубите патеки со тешко воочливи точки на свртување претставуваа сериозен предизвик. Во едни вакви немилосрдни услови Рованпера покажа зошто е двократен светски шампион. Извонредно прецизен и посветен на задачата Кале победи на сите шест испити создавајќи огромна предност од 1 минута на крајот од денот. Доминираше во првата половина од денот возејќи далеку пред пулените на Hyundai, Лапи и Танак кои не успеаја да најдат вистински одговор за брзината на шампионот. Лапи беше најблискиот ривал на Кале, но му откажа менувачот на третиот брзински испит од денот, додека Танак се откажа на следниот испит со скршено управување. Нивните позиции ги наследија Еванс и Катсута формирајќи ја од ново големата тројка на Toyota. Нувил беше единствената надеж на Hyundai. Но, парче од искинатата гума направи дупка во каросеријата на неговиот автомобил. Toj и совозачот мораа да носат очила и маски за да се заштитат од прашината со која беше исполнета кабината. Тоа ги спречи да атакуваат на позиција повисоко. Останаа на четвртото место иако на крајот од денот се доближија на 6,5 секунди зад третопласираниот Катсута.

 

Рованпера блескаше на најнепредвидливиот ден од почетокот на сезоната. Условите во минута се менуваа од сончево и суво, до врнежливо и калливо. Заради предноста која ја создаде претходниот ден Кале во саботата ја смени тактиката. Сега целта беше да се одржи предноста со внимателно возење. Победи само на еден од шесте испити предвидени за денот. Останатите ги освојуваа Катсута, Нувил, Еванс и Танак. Сепак беа далеку од Финецот кој единствен го мина денот без проблеми. Еванс ја напушти водечката тројка уште на првиот испит од денот. Дупна гума и загуби многу време да ја смени. Неговото место го наследи Катсута, но и тој дупна гума на третиот испит од денот. Нивните проблеми му отворија пат на Нувил да се искачи на второто место. Но, за Белгиецот радоста кратко траеше. На следниот испит почна да откажува системот за гориво. Проблем кој го следеше до крајот на денот. Заради него падна на петтото место со повеќе од 11 минути зад Рованпера. Ситуацијата му дозволи на Катсута повторно да се искачи на второто место, додека на третото се прикраде Ејдриен Формо од M-Sport Ford. Еванс го заврши денот четврти. Пласманот од овој ден им донесе на Рованпера 18 бода, на Катсута 15 бода, а на Формо 13 бода.

WRC2–СОВРШЕН СТАРТ ЗА ГРИНСМИТ

Гас Гринсмит годинешната сезона ја започна со совршен старт. Победи на Сафари рели Кенија со својата Skoda Fabia RS Rally2 со предност од 1 минута и 23 секунди. Иако на почетокот на релито шансите за победа се чинеа невозможни бидејќи Гринсмит се бореше со симптоми на грип, но како настанот течеше нештата стануваа појасни. Неговиот најлут ривал и единствен способен да го загрози на ова рели, Оливер Солберг, водеше борба со дупнати гуми. Секако Солберг не се откажуваше. Победи на 11 од 19 брзински испити, но сепак не можеше да го надомести загубеното време со гумите. Џордан Сердеридис беше трет во категоријата, Кајетан Кајетановиќ четврти, а Николас Циамин петти.

Недела, последниот ден од релито ги дочека екипажите во полн формат.

 

Повторно на репертоар беа шест исцрпувачки испити на кои Кале продолжи да тактизира. Всушност тоа беше единственото логично решение за предноста од повеќе од 2 минути која ја создаде во саботата. Не му се брзаше ниту да ги освои петте дополнителни бода на последниот испит Wolf Power на кој заврши четврти. Ги остави Нувил, Танак и Еванс да се борат за повисок пласман. Ниту второпласираниот Катсута не виде потреба да форсира. И тој ја чуваше предноста од 1 минута пред Формо. Трпеливо се протнуваше низ брзинските испити и ја потполни новата 1-2 победа на Toyota. Евидентно е дека Јапонецот созрева како возач дозволувајќи му на тимот на Toyota да се потпре на него. Формо заврши трет. По Шведска ова е втор подиум едно по друго за него. Еванс беше четврти, а Нувил петти. Шестото место веќе му припадна на Гас Гринсмит од категоријата WRC2. Од последниот испит Wolf Power најмногу корист извлече Нувил. Победи и ги освои дополнителните 5 бода. Танак беше втор на овој испит, а Лапи трет.

 

После три релија од сезоната Нувил останува на чело во шампионатот за возачи. Собра 67 бодови додека второпласираниот Еванс има 61 бод. Изненадувачи на третото место во генерален пласман е Формо кој има 46 бода. Четврти е Танак со 33, петти Рованпера со 31 и шести е Катсута со рамно 30 бодови. Меѓу производителите очекувано е водството на Toyota со 131 бод пред Hyundai кој има 127 бодови. M-Sport Ford е веќе далеку на третото место со 72 бодови.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ