WRC–Рели Хрватска-РОВАНПЕРА ГО ОСЛОБОДУВА ТАЛЕНТОТ

25/05/2022

ИЗВОНРЕДНА ПОБЕДА НА МЛАДИОТ КАЛЕ РОВАНПЕРА НА РЕЛИТО НА ХРВАТСКА КАДЕ ПОКАЖА ДЕКА Е СИЛА НА КОЈА ТРЕБА СЕРИОЗНО ДА СЕ СМЕТА, А ДАЛИ ВО НЕГО ГИ ГЛЕДАМЕ ИДНИТЕ ЛОЕБ И ОЖИЕ ОСТАНУВА НА ВРЕМЕТО ДА ПОКАЖЕ

 

Релито на Хрватска го става Светскиот шампионат повторно во акција после долгата пауза од безмалку два месеци. Третиот по ред настан во шампионатот и првото чисто асфалтно рели во новата хибридна ера на светското рели треба да ја покаже поставеноста на силите после двата традиционално специјалистички настани на почетокот од сезоната Монте Карло и Шведска. Комплексните брзински испити поставени на непредвидливата асфалтна подлога која знае да лизга дури и кога е суво се вистински предизвик. Квалитетот на асфалтот на планинските патеки низ Хрватското Загорје постојано варира од супер мазни потези, до истрошени, но и сериозно оштетени делници. Вистински предизвик и авантура во непознатото за екипажите.

Водечкиот во шампионатот младиот Кале Рованпера минатата година доживеа вистински дебакл во Хрватска. Излета само неколку километри после почетокот на релито и не успеа да го стекне преку потребното искуство за напад на непредвидливиот хрватски асфалт. Меѓутоа, годинава поучен од минатогодишното искуство покажа дека е направен од шампионски материјал и дека е сила на која треба да се смета во иднина.

Рованпера беше неприкосновен на хрватскиот асфалт. Со оглед на недостатокот на искуство ретко кој очекуваше дека младиот Финец ќе блеска. После долгата пауза која тимовите ја искористија за тестирање возачите признаа дека стануваат повеќе комфорни зад волан на асфалт во однос на релито на Монте Карло. Првиот тест пред почетокот на релито покажа дека е така. Водечките возачи подеднакво покажуваа добри времиња и беа блиску. Нувил и Танак го менуваа најдоброто време сè до последниот тест кога Рованпера се искачи на врвот. Оттука почна неговиот подем кој му ја донесе победата. Иако пропушти да го осознае релито минатата година Рованпера го тргна на страна неискуството и победи на три од четири брзински испити кои го отворија релито на Хрватска во петок наутро. Така го поведе релито создавајќи предност од 12,5 sec пред Нувил уште на почеток. Со дожд натопениот асфалт и маглата која се крена на ридовите од Загорје како воопшто да не претставуваа пречка за младиот Финец. Можеби помогна неговиот пласман во шампионатот и можноста да стартува прв и да вози на чиста подлога која подоцна беше покриена со кал заради кратењето на свијоци од натпреварувачите.

Меѓутоа утрото не му донесе среќа на Нувил. На патната делница кон сервисниот парк неговиот автомобил изгаси заради скинат ремен на алтернаторот. Нувил и совозачот Мартијн Видаег го туркаа автомобилот и паднаа од истоштеност во сервисот. Сепак, задоцнија на временската контрола и добија казна од 40 sec. Така паднаа на четвртата позиција овозможувајќи му на От Танак да влезе во игра за победа. Остатокот од денот продолжи во доминација на Рованпера. Победи на уште три од четири испити и до крајот од денот создаде предност од минута и дваесет и три секунди пред Танак. Трет заврши Крег Брин, четврти Нувил, петти Оливие Солбег, а Еванс не можеше повеќе од шеста позиција бидејќи на двапати менуваше дупната гума што му одзеде премногу време. Покрај првичните 40 sec Нувил дополнително беше казнет со уште 1 min, а згора на тоа и 1.900 евра и два дена социјална работа под надзор на инспектор на FIA, заради надминување на брзината на патнa делницa каде место 80 km/h возел со 156 km/h. Вториот ден од релито мина во знак на Танак. Првиот испит од саботното утро беше откажан заради нагло влошување на временските услови. Релито продолжи од вториот испит каде Танак му зема десет секунди на Рованпера. Следниот испит беше одлучувачки кога заради дупната гума Рованпера, за жал, загуби безмалку 55 секунди во однос на Танак. Естонецот успеа да му земе уште 1,4 sec на четвртиот испит од денот и во пладневниот сервис влезе со 16,8 sec заостанување зад Рованпера. Предноста на Финецот се стопи за повеќе од минута во само едно претпладне што говори за непредвидливоста на релито. До крајот на денот на преостанатите четири испити Рованпера се врати во форма и успеа да заврши со 19,9 sec пред Танак. Брин ја задржа третата позиција пред Нувил кој сепак успеа да ја намали разликата во очи на последниот ден од релито. Еванс го наследи петтото место од Солберг кој го уништи автомобилот на првиот брзински испит од денот и се откажа. Шестото место го наследи Такамото Катсута.

Недела, првиот испит од третиот ден мина во знак на Рованпера. На беше најбрз, беше втор со 0,8 sec зад тимскиот другар Есапека Лапи. Но, му украде 11,2 sec на Танак кој се коцкаше со изборот на гуми. Така разликата меѓу нив се зголеми на 31,1 sec на три испити до крај на релито. Ниту вториот испит од денот не направи голема разлика. Танак беше побрз, но 28,4 sec повторно беа многу за да се надоместат со два испити до крај. И тука драмата почна. На претпоследниот испит од релито небото се отвори. Бура се истури врз 13,15 километри долгата рута во која Рованпера загуби сè што градеше во текот на трите натпреварувачки дена. Коцкањето на Танак со гумите се покажа како вистински потег. Тој го доби испитот и успеа да му побегне на Рованпера за 1,4 sec влегувајќи на последната брзинска делница како лидер на релито. Остануваа уште 14,09 километри на кои требаше да се одлучи за конечниот исход. Тука Кале беше одлучен да победи. Возеше извонредно и на крај успеа да украде доволно време за да го добие двобојот со 4,3 sec предност на крајот од релито. Призна дека ова е најтешката победа која ја освоил во кариерата и дека е многу горд на неа. Од друга страна, Танак отворено му честиташе наведувајќи дека не му е јасно од каде Кале ја нашол брзината. Естонецот беше искрен и призна дека заврши втор благодарение на паметните одлуки и изборот на гуми, и дека тимот треба да работи уште за да ги достигнат перформансите кои на Рованпера му ја донесоа победата. Нувил успеа да го престигне Брин и да го улови третото место кое му помогна на тимот на Hyundai да се искачи на табелата во шампионатот за возачи. Брин заврши четврти, а Еванс и Катсута останаа на петтото и шестото место.

 

Во ова вртоглаво финале на релито на Хрватска исто како и минатата година кога Еванс на последниот испит загуби од Ожие, за победникот одлучуваа последните метри. Победата му дозволи на Рованпера да ја зацврсти лидерската позиција во шампионатот за возачи. Сега има 76 бода, или 29 повеќе од второпласираниот Нувил со 47 бода. Со 30 бода Брин е трет. Меѓу производителите Toyota го има приматот со 129 бода. Hyundai во Хрватска успеа да го престигне M-Sport Ford и сега има 84 бодови, наспроти 80 на британскиот тим.

Следно на репертоарот е релито на Португалија кое стартува на 19-ти мај. Во Португалија се очекуваат возбудливи моменти бидејќи повторно ќе имаат прилика во костец да се фатат Себастијан Лоеб и Себастијан Ожие како дел од својата делумна програма и да ја продолжат битката на џинови која почна на годинешното рели на Монте Карло.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.