WRC Рели Грција-ПОД ВЕЛ НА ЦЕЛОСНА ДОМИНАЦИЈА

04/08/2025

ОТ ТАНАК ГО ОСТАВИ СЕБАСТИЕН ОЖИЕ ЗАД СЕБЕ И ОСВОИ БРИЛИЈАНТНА ПОБЕДА НА НАЈБРУТАЛНОТО РЕЛИ „АКРОПОЛИС“ ВО ГРЦИЈА ВО ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ. ВО МЕЃУВРЕМЕ, БОГОВИТЕ СО ПОЛНА СИЛА УДРИЈА ПО ЕКИПАЖИТЕ И НИКОЈ НЕ ОСТАНА ПОШТЕДЕН

 

Познато по својата бруталност Акрополис рели на Грција годинава не само што ги оправда туку и ги надмина очекувањата. Условите беа побрутални дури и од оние од минатата сезона и буквално го наплатија данокот во крв. Како боговите со полна сила да удрија врз екипажите од Светскиот шампионат во рели. Многумина се согласија дека годинешното рели на Грција веројатно е еден од најбруталните настани во изминативе години. Грубата подлога прекриена со крупен чакал на која и најмалата грешка може да биде фатална, казнуваше без прошка. Дополнителна мака за екипажите беа исцрпувачки високите температури. Преместувањето од вообичаениот септември на крајот на јуни значеше дека, во сенка, живата на термометарот се искачуваше до 40°С. Внатре пак, во автомобилите, температурата достигнуваше дури и до 70°С, ставајќи ја физичката спремност на екипажите пред вистински предизвик.

Во едни олку сурови услови за натпреварување за исходот беше беспредметно да се шпекулира. Но, факт е дека очекувањата за освојување на релито одеа во насока на фаворитите од претходниот настан Себастијан Ожие и От Танак. Иако доволно беше мала грешка за целиот труд да биде фрлен во вода, оваа двојка повторно го водеше колото во борбата за победа. Сепак, за разлика од релито на Сардинија, Танак беше човекот кој славеше на крај во Грција. Сосема заслужено. Естонецот беше недостижен на патеките. Како да леташе! Ја повтори истата брзина од Сардинија. Но, додека на медитеранскиот остров скршеното куќиште од управувањето го оттргна од најголемата награда, на Акрополис среќата беше на негова страна. Го надвози Ожие во секој сегмент од играта и стигна до првата победа годинава. И, прва победа за неговиот тим во оваа сезона. Воедно ги заслужи признанијата од осумкратниот светски шампион, кој од срце му честиташе на големата победа. Почетокот од релито мина во знак на Ожие, човекот што блесна во Португалија и на Сардинија, тргнувајќи кон третата, последователна победа годинава. Но неговиот налет не траеше долго. Во првите пет брзински испити успеа да создаде предност од 2,9 секунди пред Танак, но веќе на шестиот предноста исчезна. Само во еден испит Танак успеа да го добие Ожие и да му побегне за 7,9 секунди. До крајот на денот претстоеше уште еден испит и на него Танак блескаше. Ожие не се снајде најдобро заради ограничениот избор на гуми и падна на третата позиција со 16,9 секунди зад Естонецот. На второ место се искачи Ејдриен Формо. Младиот Французин ја искористи шансата да ги оправда очекувањата од тимот, иако пред него имаше уште два напорни дена натпреварување. Четврти на крајот од денот заврши Еванс. Иако не се сретна со проблеми, неблагодарната ролја да ги мете патеките бидејќи стартува прв, не му дозволи да се бори за подобар резултат.

Катсута, Рованпера и Нојвил беа триото со најмногу проблеми. Секој од нив мораше да застане по два пати во текот на денот за да менува тркало губејќи меѓу две и три минути во процесот. Време кое тешко се надоместува. Со издишани гуми се сретнаа и Танак, и Ожие, и Формо, но секој од нив успеа да го заврши испитот без застанување.

Големиот број на дефекти со гумите повторно го подигна прашањето за издржливост на гумите на новиот добавувач Hankook. Најгласен беше Нојвил кој со три дупнати гуми не бираше зборови да истакне дека Hankook е далеку од нивото кое се бара во WRC. Според него не се работи само за издржливост, и за перформанси, туку и за грижа при монтажа. Една од гумите на неговиот автомобил едноставно издишала без видливи надворешни оштетувања. При инспекција се видело дека оштетувањето е од внатре и е последица на лоша монтажа. Со слични проблеми се сретна и Катсута, но тој одлучи да не се жали бидејќи очекува Hankook да ги надмине детските болести.

 

WRC2 – СОЛБЕРГ ИЗБИВА ПРЕД РОСЕЛ

Победа од голем калибар забележа Оливер Солберг на Акрополис рели на Грција, оставајќи ги своите ривали далеку зад себе, pосебно претендентите за титула Јохан Росел и Гас Гринсмит. Ниту еден од нив не му беше ниту до колена. Тој ги победи, и жештината, и грубите патеки, и успеа да го сочува својот автомобил, кого во совршен возачки ритам го спроведе низ целта. Солберг создаде значителна предност од 53,8 секунди во однос на второпласираниот Гринсмит и 69 секунди во однос на третопласираниот Росел. Французинот кој досега беше водечки во шампионатот лидерската позиција му ја препушти на Швеѓанецот. Солберг сега има 85 бода пред Росел со 82 и Гринсмит со 57 бодови.

 

Саботата мина во знак на Танак. Естонецот освои сè што можеше да се освои во текот на денот, освен првиот испит. Призна дека исклучително грубите патеки демнат и не простуваат грешка. Сепак, беше еден од ретките што го мина денот без проблеми. Без оглед на температурите кои беа во постојан пораст, и значително уништените патеки, Танак успеа да го заврши денот со 43,6 секунди пред Ожие. Сериозна разлика пред преостанатите четири испити, кои се возат во недела. Разлика која му дозволи совршено да се постави за освојување на првото рели годинава, воедно и прво рели после победата на релито на Централна Европа во октомври минатата година.

Ожие се помири со фактот дека не може да го стигне Танак. Затоа се фокусираше на одржување ритам, место да брка победа. За искусниот лисец, да се остане на страна од неволја, беше приоритет на ова рели. Така денот го заврши на второ место. Иако, за волја на вистината, проблемите на Формо му помогнаа да стигне дотука. И додека Ожие се држеше на страна од неволја, Формо ја најде. На 10-от испит од релито удри во камен и го оштети потпирањето одзади. Загуби повеќе од минута влечејќи се до крајот на испитот, но поправките што ги направи на патната секција му помогнаа да го истурка денот. Заврши трет, но веќе со минута и половина за Танак. Еванс упорно се држеше на далечната четврта позиција. Со внимателен пристап во овие тешки услови Велшанецот се грижеше само да го заврши релито и да освои доволно бодови за да го задржи приматот во шампионатот. Нојвил после проблематичниот прв ден и ново дупната гума на почеток на вториот ден одлучи да се помири со позицијата во која се наоѓа и да го заврши релито без оглед на исходот. Катсута и Рованпера се откажаа на 11-от испит од релито и се повлекоа во обид да соберат сила за последниот ден. Неделна драма за От Танак. На последниот ден од релито тој и Ожие ги поделија преостанатите 4 испити. Танак победи на првите два, а Ожие на следните. Посебно со драма беше исполнет последниот испит од релито Wolf Power, кога на Танак му откажа менувачот. Само неколку километри во брзинскиот испит Танак го загуби третиот степен, потоа и останатите, еден по еден. Менувачот откажа послушност, но големата разлика му помогна да остане на врвот. Страшна беше дури и патната секција од 56 километри до последниот пункт за пријавување. Во колку Танак се откажеше на оваа делница немаше да го освои релито. Сепак, боговите му се насмевнаа и му дозволија да си замине од Акрополис со победа. Ожие остана на второ место, а Формо на трето. Еванс на четврто и Нојвил на петто.

Со овој успех Танак се искачи на третата позиција во шампионатот за возачи и сега седи 12 бодови зад водечкиот Еванс и три бода зад второпласираниот Ожие. Убедливото водство на Еванс одеднаш се стопи на овие тешки настани. Сепак, во очи на двата брзи настани, релито на Естонија и релито на Финска, Велшанецот е на добар пат да остане не чело на поредокот во генерален пласман. Еванс води со 150 бодови, пред Ожие со 141 бод и Танак со 138 бодови. Hyundai успеа да ја намали разликата во однос на Toyota во шампионатот за производители. Но, сепак високите 358 бодови на Toyota во однос на 293 бодови на Hyundai сè уште го фаворизираат јапонскиот тим. Следно на репертоарот е релито на Естонија кое се вози од 17 до 20 јули, а набрзо потоа следи релито на Финска кое се вози од 31 јули до 3 август.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.