WRC – Рели Грција и Рели Финска-СЛАВНА ПОБЕДА ВО ДОМОТ НА БОГОВИТЕ

29/10/2021

КАЛЕ РОВАНПЕРА, НАЈМЛАДИОТ ПОБЕДНИК НА ЕДНО РЕЛИ ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ, ЈА ОСВОИ ЈАВНОСТА СО УШТЕ ЕДНА ГЛАМУРОЗНА ПОБЕДА. БЛЕСКАШЕ НА РЕЛИТО АКРОПОЛИС НА ГРЦИЈА И ТОКМУ ВО ДОМОТ НА БОГОВИТЕ ИСПИША НОВА ИСТОРИЈА ВО СВЕТСКОТО РЕЛИ

 

Релито Акрополис на Грција, со историска репутација како едно од најтешките релија во Светскиот шампионат, се врати на светската рели сцена по пауза од осум години. Ова „рели на боговите“, како што го нарекуваат љубителите на спортот, ја пишува историјата заедно со Светскиот шампионат во рели. Се вози од 1951 година и беше во календарот на првата сезона на WRC што се возеше во 1973 година. Релито Акрополис на Грција се возеше без паузи од 1951 година до 2013 година, кога последен славеше Јари-Мати Латвала, актуелниот шеф на тимот на Toyota. Тој ја освои победата возејќи VW Polo WRC. За љубителите на историјата, најмногу победи на Акрополис има легендата Колин Мекре. Тој е единствениот што петпати славел во домот на боговите. Зад него по три победи имаат величествени имиња од светот на релито: Валтер Рерл, Мики Бијазион, Карлос Сајнц и Себастијан Лоеб.

 

Годинава честа да го освои ова „рели на боговите“ му припадна на Кале Рованпера, најмладиот победник на рели во Светскиот шампионат. Дваесетгодишниот Финец, кој славеше во Естонија, ја повтори својата надмоќност и во Грција. Водеше буквално од стартот до целта, не оставајќи им простор на конкурентите да го загрозат. Рованпера ја покажа својата кондиција за време на тренингот кога беше најбрз, иако по обилните дождови патеките беа покриени со дебел слој кал што е неочекувано за релито на Грција. Тука се очекуваат груби суви патеки покриени со крупен чакал. Но по дождовите повеќе личат на оние од релито Велс што се вози во доцна есен, на крајот на сезоната. Рованпера тргна на патот кон победа. Првиот спектакуларен брзинец што се возеше на улиците на Атина пред многубројната публика во четврток навечер му дозволи на Ожие да го почне релито со предност помала од една секунда во однос на Рованпера. Налетот почна следниот, првиот, вистински натпреварувачки ден. Зафатен со метење на патеките Ожие не можеше да постигне многу оставајќи простор Рованпера да дојде на своето. Го почна релито на утринските брзинци и продолжи да напредува до крајот на денот. Иако беше прв, помалку од 4 секунди го делеа од второпласираниот Танак и третопласираниот Ожие. Другите заостануваа повеќе од 20 секунди и повеќе не беа закана за залетаниот Финец. Сордо, Формо и Гринсмит ги пополнија четвртото, петтото и шестото место. Трагичари на денот беа Еванс и Нувил. Еванс заради заглавениот менувач во брзина, а Нувил заради скршеното управување.

Вистинскиот пресврт на настаните се случи во саботата наутро. Во само четири брзинци Рованпера успеа да ја зголеми предноста во однос на Танак за 39,7 секунди. На третиот брзинец задникот од автомобилот му побегна во ендек, но Кале имаше среќа и се извлече без проблеми. Остатокот од денот продолжи повнимателно и попушти со силното темпо. Танак успеа да му земе 9 секунди, а Ожие остана на трето место со заостанување од 40,2 секунди.

И најдолгиот ден од релито помина во знак на Рованпера кому му се насмевнуваше победата, иако сметаше дека нема место за олабавување бидејќи и малата грешка може скапо да се плати. Поредокот на Сордо, Формо и Гринсмит остана непроменет. Еванс со силни напори успеа да стигне до седмата позиција, иако од Кале го делеа речиси шест минути.

 

За последниот ден од релито беа предвидени само три брзински испити. Рованпера победи на два од нив и стигна до победа. Дури успеа да ја зголеми предноста во однос на Танак за 42,1 секунди, а Ожие заостана повеќе од 1 минута. Се очекуваше шампионот да ги чува бодовите во трката за титула во својата последна сезона во WRC. Без оглед што има мало искуство со ваков тип терен, сепак, Рованпера покажа дека иако е млад, знае да се приспособи на условите и да ја задржи присебноста. Сордо го задржа четвртото место, а Гринсмит се искачи на петтото по казната од три минути што му беше доделена на Формо за доцнење на стартот бидејќи не успеал да го стартува автомобилот. Така Формо падна на седмото место, а Еванс го замени на шестото и освои осум бода.

Колку и да беше голема победата на Рованпера на Акрополис и колку и да беа големи очекувањата за победа на домашното рели на Финска, толку беше големо разочарувањето за младиот Финец кога излета од патот и се откажа пред очите на своите навивачи. Имено, Рованпера важеше за фаворит во Финска, а очекуваше со победа да го прослави својот 21. роденден но, за жал, не се случи тоа. Финска е најбрзото рели во шампионатот и се вози на мазните и брзи патеки што водат низ пространите фински шуми. Секако Финците важат за најголеми познавачи на овие патеки и долго беа неприкосновени освојувачи на ова рели. Но во последно време како победници се појавуваат и другите возачи во WRC.

Годинава честа да го освои релито на Финска му припадна на Елфин Еванс, кому победата му дојде убаво по пехот на релито во Грција. Неочекувано, наместо среде лето, годинава релито на Финска се возеше наесен. Ова значеше дека вообичаено сувите патеки ќе бидат влажни, на места и калливи, а од гледиште на возачите тоа ги менува условите. Тука својата предност ја гледаше и Ожие кому првпат годинава возачката позиција не му е хендикеп. Условите му одговараа и на От Танак кој наедно беше најбрз на тестирањето. Тоа и се очекуваше за него со оглед на фактот дека славеше на последните две изданија на ова рели. Првиот ден помина во знакот на Танак и Крег Брин. Дуото на Hyundai се менуваше на лидерската позиција, а на крајот од денот Брин беше во водство. Одлична борба за Брин, кој возеше исклучително на последниот брзинец од денот каде што му го грабна водството на Танак. Овој брзинец, кој се возеше ноќе, е првиот ноќен испит на релито на Финска по 1994 година. Тука Брин покажа зрелост и веќе очекуваше целосна програма за следната година во тимот на M-Sport Ford. Во битката за превласт меѓу Танак и Брин се вмешаа и Еванс, како и победникот од 2017 година Есапека Лапи и Рованпера, кои се наредија зад водечкиот за помалку од 8 секунди. Нувил и Ожие веќе заостануваа повеќе од половина минута. Се очекуваше оваа жестока битка да продолжи и во текот на вториот ден од релито кога требаше да почне да се расплеткува клопчето околу крајниот исход.

 

Вториот ден од релито Еванс стана јунак на денот. Откако исто како Брин покажа исклучителна возачка умешност на ноќниот испит претходниот ден и од петто скокна на трето место, Еванс брилираше во саботата. Од деветте брзинци победи на пет и успеа да избие во водство на крајот на денот. При освојувањето на брзинците се менуваше со Танак, кој доби четири, но на крајот, пред почеток на последниот ден од релито, Еванс направи предност од 9,1 секунди. Танак и Брин признаа дека не можат да сторат ништо во врска со брзината на Еванс. Изјавуваа дека возат на лимит, а сепак се далеку од брзината на Еванс. Рованпера успеа да го престигне Лапи, но на десеттиот испит изгуби контрола и удри во песочниот насип и со растурена предница на автомобилот го напушти релито. Сето ова му помогна на Ожие да стигне до петтото место. Тој, како и Нувил, се жалеше дека нема контрола над автомобилот при големи брзини.Еванс ја потврди својата надмоќност и на последниот натпреварувачки ден. Победи на три од четири брзинци и стигна до толку посакуваната победа. Така Велшанинот со својата втора победа годинава ја намали предноста на Ожие во генералниот пласман од 44 на 24 бода. Предност што условно е достижна со оглед на тоа дека до крајот на сезоната има уште две рели. Танак повторно не можеше да најде соодветен одговор за брзината на Еванс и мораше да се задоволи со второ место. Брин ја задржа третата позиција, Есапека Лапи четвртата, а Ожие петтата. Шести и седми беа Гринсмит и Формо, со повеќе од пет минути заостанување зад Еванс.

Со два асфалтни настана до крајот на сезоната Ожие ја задржува лидерската позиција во генералниот пласман. Меѓутоа, Еванс опасно се приближува, иако разликата од 24 бода во два настана е тешко достижна ако се земат предвид искуството и прибраноста на Ожие и, секако, предизвикот да ја освои својата последна сезона во WRC.

Ваква слика се пресликува и меѓу производителите, со 439 бода Toyota убедливо води пред Hyundai со 378 бода. Разлика од 61 бод што е речиси невозможно достижна во само две рели. А сезоната ја затвораат релито на Шпанија и релито на Монца.

 

Љубомир Атанасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ