СО ОВАА ПОБЕДА НУВИЛ СТАВИ ПЕЧАТ НА НЕИЗВЕСНОСТ ЗА КРАЈНИОТ ИСХОД ВО ШАМПИОНАТОТ ЗА ВОЗАЧИ. ОСТАНА, ИСТО КАКО И МИНАТАТА СЕЗОНА, ЗА ВОЗАЧКАТА ТИТУЛА ДА СЕ ОДЛУЧУВА НА ПОСЛЕДНОТО РЕЛИ ОД СЕЗОНАТА, РЕЛИТО НА МОНЦА
Расте неизвесноста со наближување на крајот на сезоната во Светскиот шампионат во рели посебно во делот каде се носи одлуката за нова возачка круна. Повторно во главни ролји се Себастијан Ожие и Елфин Еванс. Пред стартот на релито на Шпанија предвидувањата велеа дека во колку Ожие на жешкиот шпански асфалт освои седум бодови повеќе од Еванс круната повторно заминува во Франција. Доколку тоа не се случи, одлуката како и минатата година паѓа на последниот настан од сезоната, поточно на релито на Монца. Меѓутоа Еванс е возачот кој сака минатогодишното рели да го стави во заборав. Тогаш стартуваше со предност од еден бод пред Ожие и беше на дофат на круната. Но, излета од пат, а со скршениот автомобил беа скршени и шансите за прва титула. И, за да се случи репризата од лани, барем во делот кој одлучува за титулата, своите прсти ги замеша Тиери Нувил. Белгиецот ги надвози своите ривали на асфалтот во Шпанија и стигна до втората победа годинава. Иако е далеку од водечките, сепак дава надеж на својот тим за титула меѓу производителите.
Почетокот на релито мина во знак на Еванс. Брзо фати ритам и се чинеше дека прв се навикна на тврдата опција на новите гуми Pirelli P Zero која за првпат се користеше токму на ова асфалтно рели. Трите брзински испити по стартот на релито во петок наутро му припаднаа нему, додека првиот ривал зад него Нувил имаше проблеми со подуправување на автомобилот. Нувил се жалеше дека буквално не може да го натера автомобилот да сврти во острите свијоци со кои изобилуваат планините јужно од Барцелона.
Далеку од ритам беа и Ожие, и Сордо кому ова му е домашно рели. Од ситуацијата не беше задоволен ниту младиот Рованпера кому релито на Шпанија му е настан за учење. Но, налетот на Еванс траеше кратко. На задолжителниот сервис после трите брзинци скоро сите возачи бараа промена на сетапот на автомобилите од своите техничари. И со право. Набргу се покажа дека бараните измени го сменија и распоредот на табелата. Нувил имаше најголема придобивка од новиот сетап, иако беше далеку од задоволен. Почна делумно да му верува на автомобилот и времињата беа тука. До крајот од денот успеа да го мине Еванс, иако со минорна предност од само 0,7 секунди. Ожие и Сордо кои се бореа за третата позиција веќе заостануваа по дваесетина секунди зад водечкиот пар, а Рованпера дури 38,0 секунди.
Налетот на Белгиецот продолжи и во текот на вториот ден. Победи на пет од вкупно седум брзински испити коишто беа на распоред во сабота. Така успеа да ја зголеми предноста пред второпласираниот Еванс на 16,4 секунди на крајот од денот. Иако сè уште незадоволен од сетапот заради нагласеното подуправување, Нувил, сепак, остваруваше времиња кои останатите не можеа да ги следат. Еванс призна дека иако вози на лимит едноставно нема соодветен одговор за налетот на Нувил. Откри дека со техничарите прават мали измени на сетапот, но дека некој позначителен напредок не е постигнат. Актуелниот шампион Ожие правеше сè што знае и умее со цел да го задржи Сордо зад себе. Успеа да победи на два брзинци, но очигледно не беше доволно. На крајот од денот имаше дефицит од 38,7 секунди зад Нувил, а Сордо му дишеше во врат. Разликата меѓу нив беше 1,2 секунди. Ожие подеднакво не беше среќен со однесувањето на автомобилот во свијоци, но изјави дека прави сè што е во негова моќ да го задржи Сордо зад себе. Рованпера возеше осамено на петтото место повеќе од една минута зад Нувил, а шести беше Гас Гринсмит кој заостануваше близу 4 минути.
Со значителна предност пред Еванс и останатите ривали, на Нувил не му беше тешко да го оконча шпанското рели на највисокото скалило од пиедесталот. Во текот на последниот ден возеше внимателно препуштајќи му ги победите на четирите брзински испити на тимскиот другар Дани Сордо. Сепак, беше на секунда до две зад него и така стигна до втората победа годинава. Еванс го задржа второто место, додека на Ожие не му успеа да го задржи третото. Загуби во дуелот со Сордо кој уште еднаш докажа дека е специјалист за асфалт, и дека оправдано ја чека шансата за цела програма во следната сезона. Ожие не успеа да се снајде на жешкиот шпански асфалт. Призна дека никогаш во возачката кариера не направил толку измени на автомобилот за време на едно рели. Но, сите напори без залудни во потрагата по добар сетап. Затоа мораше да се задоволи со четвртото место. Рованпера остана на петата позиција, а Гринсмит на шестата.
Со уште едно рели до крајот на сезоната битката за титула влегува во својата завршница која ќе се одигра на релито во Монца. Слично како и минатата сезона, но со една разлика. Водечкиот Ожие има 17 бодови повеќе од второпласираниот Еванс. Или 204 бодови наспроти 187 бодови. И додека лани во финалето Еванс влезе со предност од еден бод, годинава значителната предност е на страната на седумкратниот светски пион, кој за волја на вистината сака својата последна сезона во WRC да ја заврши со запишување на осмата титула на свое конто, а, за да се оствари тоа доволно му е да биде претпазлив и не мора да победи.
Меѓу производителите Toyota води убедливо со 474 бодови пред шампионот од 2019 и 2020 година Hyundai кој има 427 бодови. Разлика е достижна, но во исклучителни ситуации кои се граничат со среќа. Дали Hyundai ќе има среќа да се закити со третата титула по ред останува да видиме на последниот настан о д сезоната, релито на Монца.