ДВА ИСКЛУЧИТЕЛНО ТЕШКИ НАСТАНИ, РЕЛИ НА ГРЦИЈА И РЕЛИ НА ЧИЛЕ, ГО ОДБЕЛЕЖАА ВЛЕЗОТ ВО ЗАВРШНИЦАТА НА СЕЗОНАТА ОД СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ, И ГИ ЗАМРСИЈА КОНЦИТЕ МЕЃУ HYUNDAI И TOYOTA ВО БОРБАТА ЗА ТИТУЛА
Влезот во завршницата од сезоната го претвори годинашниот шампионат во рели во вистинска битка на титани. Не толку меѓу возачи, колку што меѓу производителите. Благодарение на бодовниот систем кој за в година сигурно ќе биде сменет, Hyundai се најде во позиција на убедливо водство во однос на бранителот на титулата Toyota, особено после масивната 1-2-3 победа на релито Акрополис на Грција. Меѓутоа Јапонците не останаа должни. Ставија сè на коцка, комплетно ја сменија стратегијата и го возвратија ударот на следното рели на Чиле. Сега со два настани до крајот на сезоната, рели на Централна Европа и рели на Јапонија двата титани ги дели разлика од 17 бодови.
Евидентно е дека Toyota не сака да ја испушти од раце можноста за четврта титула, една по друго. Воедно тоа би била вкупно осма титула за јапонската марка. Со неа би се изедначила со Citroen на листата на најуспешни марки во историјата на шампионатот.
Најуспешен производител во историјата на Светскиот шампионат во рели е Lancia со вкупно 10 титули од кои 6 се освоени еднa по друго. Citroen e втор со 8 титули од кои 5 се освоени едно по друго. Toyota е трета со 7 титули од кои 3 се освоени едно по друго. Наспроти јапонската марка Hyundai има само две титули на свое конто и јасно е дека копнее по трета.
Hyundai има и солидна возачка постава. Покрај предводниците на тимот Тиери Нојвил и От Танак, посебно се истакнуваат возачите од вториот ешалон Есапека Лапи, Дани Сордо и Андреас Микелсен. Искусни волци кои добро си ја знаат работата, односно, тука се за да нижат бодови за својот тим и воедно да им чуваат грб на Нојвил и Танак додека галопираат кон титула.
Наспроти Корејците, Toyota годинава ризикуваше во поглед на возачката постава. Ставајќи ги во прв ешалон Елфин Еванс и Такамото Катсута, и надевајќи се дека ќе ја натера сезоната да оди на нејзина воденица. Иако, по завршување на рели Акрополис стана јасно дека ризикот нема да вроди плод. Но, Toyota немаше каде.
Шефот на тимот Јари-Мати Латвала кој и самиот доаѓа од возачки еснаф мораше да го разбере и да му ги исполни барањата на Кале Рованпера да вози ограничен број на настани со цел да се одмори. Иста е приказната и со Себастијан Ожие, но таа за него е веќе позната бидејќи тој одлучи да се повлече и да вози делумни сезони по освојувањето на осмата титула во 2021 година. Така Toyota беше принудена да се потчини на реалноста лидери на тимот да бидат Еванс и Катсута. Возачи кои очигледно не се шампионски ков. А од друга страна нивна поддршка да бидат возачи со апсолутен шампионски материјал: Ожие со осум титули зад себе, и младиот Рованпера со две титули на конто. Ова очигледно беше обид кој не успеа да стане готов производ. Така Toyota се најде во небрано во завршницата на сезоната.
За да се обиде да спаси, она што може да се спаси, Латвала беше приморан да го замоли Ожие да му помогне на тимот така што ќе учествува на сите настани до крајот на сезоната. Плус ќе има прилика да се обиде да стигне до уште една титула. После фијаското на Акрополис рели на Грција Катсута мораше да седне на клупа и да паузира од релито на Чиле. Навистина тешка одлука која се чини беше неминовна, но и исправна, со оглед на резултатот на Toyota во Чиле.
АКРОПОЛИС РЕЛИ НА ГРАЦИЈА
Тиери Нојвил го предводеше тимот на Hyundai до уште една голема 1-2-3 победа на релито на Грција. На Корејскиот тим ваква голема победа му успеа да изведе и во 2022 година. Озлогласено како едно од најтешките во шампионатот заради способноста да ги десеткува екипажите, релито Акрополис и годинава предизвика вистински масакр. Буквално не постоеше екипаж кој помалку или повеќе не го почувствува бесот на боговите. Дури и победникот Нојвил имаше проблеми со палењето на моторот на почетокот од релито. Но, потоа со калкулирано возење и пресметка на ризикот успеа да ја избегне бруталноста на релито и да стигне до толку посакуваната победа која му дозволи да ја зголеми разликата во генерален пласман.
Дани Сордо и От Танак беа подеднакво подготвени да ја зграбат победата на ова рели. Но и двајцата се сретнаа со дупната гума во сабота. Загубија доволно време за да не можат да го предизвикаат својот тимски другар за победа. Сордо мораше да се задоволи со второто место, а Танак со третото. Најголем трагичар беше Себастијан Ожие. Осумкратниот светски шампион рано го поведе релито и со оглед на брзината која ја носеше низ брзинските испити се чинеше дека ќе му нема рамен. Но, проблеми со турбо полначот, кои претходно го мачеа и Елфин Еванс, го спречија да атакува за победа. Сепак, Ожие се созема. Големата разлика во однос на водечкиот не му одеше во прилог, но можеше да освои доволно бодови за да се доближи до него. На последниот телевизиски испит Ожие возеше на конец обидувајќи се да донесе што повеќе бодови во Toyota. Ризикуваше, но немаше среќа. Се преврте и загуби многу. Го заврши релито на 16 позиција. Еванс беше 18, а Катсута 30. Интересно е што триото на Hyundai беше единствено од категоријата Rally1 во првата десетка. Веќе четвртото место беше освоено од Сами Пајари од категоријата WRC2, петтото од Роберт Вирвес, а шестото од Јохан Росел.
WRC2 – РОСЕЛ ОБЕЗБЕДИ ТИТУЛА ЗА CITROEN
Победувајќи два пати едно по друго, на релито на Латвија и на релито на Финска, Оливер Солберг успеа да се зацврсти на лидерската позиција од шампионатот за возачи. Уште повеќе што неговиот лут ривал Јохан Росел од Citroen не зема учество на овие две релија. Затоа, пак, возеше на Акрополис рели на Грција кога Солберг паузираше и го освои третото место зад победникот Сами Пајари oд Toyota и второпласираниот Роберт Вивес од Skoda. Во Чиле Солберг немаше среќа иако беше на добар пат да го освои релито. Дупна гума и загуби многу време менувајќи ја. Победата отиде во рацете на Росел кој заедно со тимскиот другар, второпласираниот Николај Грјазин, му ја донесoa титулата на Citroen, поточно на тимот DG Sport Competition. Што се однесува до возачката титула, и Солберг, и Росел ќе мораат да почекаат бидејќи ги делат само 12 бодови и две релија од крајот на сезоната. |
РЕЛИ НА ЧИЛЕ
Второто драматично рели во низа, релито на Чиле, ја врати Toyota во игра со 1-2 победа и со за влакно испуштена шанса за триумф 1-2- 3. Кале Рованпера е човекот кој го доби јужноамериканското рели. Настан за кој и самиот признава, дека воопшто не му одговара на возачкиот стил. Сепак, двократниот светски шампион успеа да го добие. На почеток воопшто не личеше дека Кале може да победи. Еванс го имаше приматот, додека Рованпера се мачеше да го најде вистинскиот ритам. Пресвртна точка беше сабота попладне кога врз патеките се спушти толку густа магла што не се гледаше прст пред очи. Во само неколку брзински испити во овие тешки услови Кале го доби тимскиот другар Еванс и создаде предност од 15,1 секунда на крајот од денот. И на последниот ден од релито Рованпера го надвози Еванс и ја однесе победата, петнаесетта во неговата кариера. Еванс мораше да се задоволи со второто место. Тројната победа за влакно и избега на Toyota. Себастиен Ожие требаше да го пополни последното скалило на подиумот, но откако ја оштети суспензијата на својот Yaris GR по ударот во камен мораше да се откаже. Сепак, стартуваше повторно во недела, победи на сите четири испити вклучувајќи го и Wolf Power, и освои максимален број бодови кои се доделуваат на последниот ден од релито. Затоа, иако Танак заврши трет, а Нојвил четврти, Toyota успеа да ја смали разликата во однос на Hyundai на 17 бодови по крајот на релито на Чиле.
Со два настани до крајот на сезоната Тиери Нојвил води во шампионатот за возачи со вкупно 207 бодови пред тимскиот другар От Танак кој има 178 бодови. Разликата од 29 бода е голема, но достижна. Ожие е на трето место со 166 бодови. Дефицит во однос на Нојвил од 41 бод кој со оглед на бодовниот систем е тешко достижен. Затоа титулата за Нојвил по релито на Чиле стана извесна. Од друга страна мешаницата меѓу производителите останува. Hyundai на своето конто има заработена 482 бода, додека Toyota нанижала 465 бодови. Разлика од 17 бодови во корист на Корејскиот тим која може да биде совладана. Жешка борба претстои, а за исходот останува да бидеме трпеливи. Следно на репертоарот е релито на Централна Европа кое се вози од 17 до 20 октомври.