WRC – Рели Аргентина и Рели Чиле-МОДЕРНИ КОНКВИСТАДОРИ

20/05/2019

ПОСЛЕ ПОБЕДАТА НА РЕЛИТО НА КОРЗИКА, НУВИЛ ГО ПОВТОРИ УСПЕХОТ ВО АРГЕНТИНА КАДЕ ПОБЕДИ И ЛАНИ, А НА РЕЛИТО ВО ЧИЛЕ ЈА ДОЖИВЕАЛ НАЈГОЛЕМАТА НЕСРЕЌА ВО СВОЈАТА КАРИЕРА ВО РЕЛИ. СЕПАК, И ПОКРАЈ НЕСРЕЌАТА ОСТАНУВА НА ЛИДЕРСКАТА ПОЗИЦИЈА МЕЃУ ВОЗАЧИТЕ.

 

Вистински предизвик е освојувањето на Јужна Америка. Гледано историски од првите конквистадори кои го покориле јужниот дел од американскиот континент, до модерните освојувачи кои со своите рели монструми нагрнаа врз тешко пристапните терени распослани преку суровите планински масиви на Јужна Америка. Две релија кои се возеа едно по друго беа голем предизвик за возачите, автомобилите и за тимовите воопшто. Познатото рели на Аргентина годинава беше дополнето со ново рели. Релито на Чиле кое се вози првпат во историјата на Светскиот шампионат во рели, откако минатата година како кандидатски настан доби преодна оцена и влезе во календарот на WRC за 2019 година. Со стартот на годинешното рели Чиле стана триесет и втора држава која станала домаќин на рели до Светскиот шампионат откако овој формат на натпреварување беше лансиран во далечната 1973 година.

Да се освојат на четири тркала непристапните пространства на соседните држави Аргентина и Чиле во чии граници влегува поголемиот дел од јужниот крак на јужно американскиот подконтинент е вистински предизвик. Големи надморски височини каде воздухот е редок, поточно има помало количество на кислород директно влијаат на моќноста на моторите, додека грубите патеки делуваат погубно врз подвозјето и останатата механика на автомобилите. Секако овие тешки услови се исцрпувачки и за екипажите и за тимовите. Така многумина веруваат дека за победници можат да се сметаат сите кои ќе го завршат релито.

Годинава најголеми фаворити да го добијат релито беа Тиери Нувил – Hyundai и От Танак – Toyota. Овие двајца претенденти за титула се и последните кои го освоиле. Нувил минатата година, додека Танак победи во 2018. Воедно како претенденти за титула се очекуваше најголемата борба да се води меѓу нив. Меѓутоа поголема беше борбата со лошите услови. Поројните дождови го уништија квалитетот на патеките чија подлога на места стана груба, а на места се претвори во кал. Плус многубројните речни премини беа полни со вода што претставуваше уште една грижа како за  екипажите така и за техничкиот персонал кој ги подготвува овие рели автомобили. После победата на Корзика, Нувил сакаше во Аргентина да го повтори успехот од минатата година. И за волја на вистината тоа му успеа. Иако после првичните резултати од прегледот на патеките Танак беше тој кој имаше подобри времиња, сепак победата отиде во рацете на Белгиецот. Танак го поведе релито после првата група од брзински испити во петок наутро и ја задржа водечката позиција до крајот на денот. Но, неговиот убедлив настап запре рано, откако на последниот брзинец од денот скрши полуоска и се изврте. Загуби многу време за да се врати на патека препуштајќи му го водството на крајот од денот на Нувил. Возачот на Hyundai ја зграпчи оваа прилика и не ја испушти до крај. Беше прв и на крајот од вториот натпреварувачки ден. Остана на врвот и низ неделата и го заврши релито во стил на голем победник. Танак мораше да се задоволи дури со осмата позиција. Втор релито го заврши тимскиот другар на Нувил, Андреас Микелсен, додека трет беше Себастијан Ожие – Citroen. Најдобри меѓу возачите на Toyota беа Крис Мик и Јари- Мати Латвала кои завршина на четвртото и петото место соодветно.

Следејќи го примерот на Аргентина како долгогодишен успешен организатор на рели Чиле подготви настан вреден за паметење. Рели возбудата кој почна во Аргентина продолжи во Чиле. Возачите беа полни со пофални зборови за квалитетот на патеките низ шумските предели на оваа јужноамериканска држава. Ги споредуваа со патеките во Финска, Австралија и Велика Британија. Како некој овие три релија да ги пикнал во едно. Меѓутоа колку што важеа за убави, толку важеа и за опасни. Токму ова на свој грб го почувствуваа дел од екипажите кои не го завршија релито. Најголем губитник на релито на Чиле беше Нувил. Релито на Чиле за Нувил започна проблематично. Не можеше да најде вистински ритам и првиот ден од релито го заврши четври. Водството му припадна на Танак чиј напад траеше од првиот до последниот брзинец во петокот. Нападот на Танак не сопре ниту следниот ден. Го заврши на врвот и можеше да спие мирно откако најголемиот ривал Нувил се повлече од релито после страшна несреќа во која неговиот автомобилот беше тотално уништен. Залетаниот Нувил започна да се приближува до водечките, меѓутоа откако излета во еден свијок на осмиот брзинец неговиот автомобил се преврте седумпати за да заврши во ендек крај патот. Нувил и неговиот совозач Николас Гилсул беа однесени во болница на преглед, но за среќа им беше дадено зелено светло дека минале неповредени. После оваа несреќа на Нувил полесно можеше да дише и Ожие. Тој го заврши релито веднаш зад победникот Танак, додека трет беше рели легендата Себастијан Лоеб кој годинава вози за Hyundai.

После возбудливите релија во Јужна Америка Нувил останува да биде лидер во шампионатот за возачи. Води со 110 бода пред второпласираниот Ожие кој има 100 бодови и третопласираниот Танак со 82 бода. Меѓу производителите Hyundai е тој што доминира. Води со 152 бода пред Toyota која има 120. Трет е Citroen со 117 бодови, а четври Ford со 78 бода.

За следниот настан екипажите се враќаат на тлото на Европа и ја продолжуваат борбата на патеките низ Португалија.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.