WRC-ПОЧЕТОК НА КРАЈОТ НА СВЕТСКИОТ РЕЛИ АВТОМОБИЛ

11/05/2021

СО ПОТПИШУВАЊЕТО НА ТРИГОДИШНИОТ ДОГОВОР НА ПРОИЗВОДИТЕЛИТЕ ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО РЕЛИ ЗА ВЛЕЗ ВО ПРОГРАМАТА ЗА ХИБРИДЕН РЕЛИ АВТОМОБИЛ И ДЕФИНИТИВНО ПОЧНУВА КРАЈОТ НА ЕРАТА НА СВЕТСКИОТ РЕЛИ АВТОМОБИЛ – WRC

Во подолгата пауза меѓу Арктичкото рели и релито на Хрватска трите производители кои се натпреваруваат во Светскиот шампионат во рели потпишаа тригодишен договор дека ќе учествуваат во долго најавуваната хибридна ера на шампионатот и ќе се натпреваруваат во сезоните 2022, 2023 и 2024.

Hyundai, M-Sport Ford и Toyota, ги наведуваме по азбучен редослед, ја прифатија иднината во која рели автомобилот ќе претрпи обемни промени од кои најважна е воведување на хибриден систем како дел од погонот за да биде зелен. Ќе се смени и називот: WRC – „World Rally Car”, станува „Rally 1 car”. Новата технологија беше најавена уште во 2019 година, а новите технички правила беа објавени минатата година и за нив веќе стана збор во овие редови. Првите тестирања започнаа. M-Sport Ford носи позитивен коментар и од возачите и од техничарите, но без објавување детали бидејќи тимот сè уште ги држи во тајност своите обиди. Тест возачот на M-Sport, Метју Вилсон веќе откри дека автомобилот бил прилично импресивен. А, шефот на M-Sport, Малком Вилсон, посочи дека новиот автомобил е создаден од бел лист хартија и е комплетно различен од актуелниот – Fiesta WRC. Единствено моторот е префрлен, сè друго, вклучувајќи го кафезот, суспензијата, геометријата, електрониката… сè е ново.

Hyundai и Toyota сè уште не ги извадиле своите миленичиња на пат, или, пак, не го откриваат тоа. Се знае само дека Hyundai својот нов натпреварувач ќе го постави на основата на серискиот автомобил i20 N, кој во суштина е набилдана варијанта инспирирана од актуелниот i20 Coupe WRC. Сето ова означува дека започнува крајот на Светскиот рели автомобил, крајот на една златна ера во Светскиот шампионат во рели врз која сонцето сјаеше во полн сјај добри 25 години. Ера во која светското рели го достигна врвот на својата слава. Ера од која излегоа најголемите имиња во релито со грст шампионски титули. Ера во која релито се доближи до поголем број на фанови преку малите екрани. Ера која создаде икони од возачите на релито. Ера во која релито влезе и во дигиталниот свет преку видео игрите и го отвори виртуелниот шампионат во рели еSports WRC.

А, целата приказна почна пред четвртина век, во веќе далечната 1997 година на релито Монте Карло кога првиот автомобил WRC стартуваше за да ги освои француските алпи. Со стартот го смени и ликот на Светското рели како спорт. Светскиот рели автомобил или WRC, дојде како вистинско освежување. Како витаминска инјекција за Светското рели кое цела декада како да тапкаше во место по забраната на легендарната и воедно опасна Група Б во која беснееја рели монструми од типот на Audi Quattro S1, Ford RS200, Lancia 037, Lancia Delta S4, Peugeot 205 T16, Renault 5 Turbo. Поради несреќите на релито во Португалија каде беа повредени триесетина гледачи и тројца загинаа, и на релито во Корзика каде во својата Lancia Delta S4 изгоре рели легендата Хенри Тоивонен во 1986 година, веднаш ставија забрана за Група Б.

FIA предложи создавање на Група А која производителите иако неволно, ја прифатија. Lancia веднаш излезе со проектот Delta HF, Audi го дотера големиот 200 quattro, Ford го испрати во бој Escort Cosworth, Mazda ја стокми 323, Toyota својата Celica, Misubishi заврши добра работа со Lancer, а прилично успешно во оваа група се снајде и Subaru прво со Legacy, а потоа со Impreza. Иако голем дел од овие автомобили се претворија во легенди давајќи им значение и на сериските изведби: Lancia Delta HF Integrale, Escort Cosworth, Mitsubishi Lancer EVO, Toyota Celica, Subaru Impreza WRX, сепак се увиде дека имаат технички ограничувања кои сами по себе го ограничуваа и развојот на релито воопшто. Затоа мораше да се создаде нешто послободно. Нешто на средина меѓу тврдокорната Група Б и ограничувачката Група А. Нешто кое место да го ограничува, ќе го вивне Светското рели до небо и ќе му ја даде тежината и важноста која ја заслужува.

Секако тоа и се случи во таа 1997 година. Воведувањето на WRC како група се покажа и повеќе од исправно. Дури и не беше неверојатно скапо. За да направи Светски рели автомобил производителот треба да искористи сериски модел со продукција од најмалку 25.000 примероци кој не мора ниту да има погон на четири тркала, ниту мотор со турбо натполнење. Доволно беше да има турбо мотор во било кој сегмент од својата понуда, а погонот на четири тркала можеше да се купи од било кој специјалист. Потоа се преправа подвозјето за да се сместат екстра погонски вратила и диференцијали и ете, Светскиот рели автомобил е спремен за акција. На овој начин испегланата регулатива се покажа совршена, а светското рели покажа и докажа дека ова е еден од евтините начини да се добие шампионат на глобално ниво со врвен квалитет и перформанси. Така производители кои воопшто немаа допирни точки со релито станаа сила на која треба да се смета. Пример е Skoda со својата Octavia WRC која остави силен печат на почетоците од оваа ера. Тука беа и силните противници од истата групација Peugeot и Citroen кои буквално владееја со рели сцената повеќе од една декада. Во оваа група не може да се изостават ниту Ford со својот Focus WRC, ниту Subaru со Impreza WRC, ниту Mitsubishi со Lancer Evo. Всушност Mitsubishi и Томи Макинен беа непобедливи во првите три сезони од ерата на WRC. Потоа на врвот се менуваа Subaru со Ричард Барнс и Петер Солбер, и Peugeot со Маркус Гронхолм секој со по две титули. И тогаш настапи ерата на Citroen и Себастијан Лоеб. Французинот за влакно ја загуби титулата од Солберг во 2003, но затоа наброја девет едно по друго од 2004 до 2012 година. Тогаш и се повлече од светското рели како апсолутен рекордер. Заминувањето на Лоеб и повлекувањето на Citroen отворија врата за Volkswagen со Polo R WRC и Себастијан Ожие. Оваа комбинација освои четири титули едно по друго. VW се повлече на крајот на 2016 година, меѓутоа Ожие го продолжи својот подем и освои уште две титули зад волан на Ford Fiesta WRC, или вкупно шест едно по друго. Лани ја освои и седмата титула со Toyota Yaris WRC. Неговата низа ја прекина само От Танак во 2019 година, исто така, со Yaris WRC.

Што ќе донесе крајот од оваа последна сезона од ерата на Светскиот рели автомобили или WRC останува да видиме. Но, факт е дека како и да заврши, во јануари 2022 на релито на Монте Карло ќе стартува првиот хибриден рели автомобил кој ќе ја отвори јубилејната 50-та сезона, а со неа и новата ера во Светскиот шампионат во рели.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ