WRC – НЕИЗВЕСНОСТ ВО ЗАВРШНИЦАТА ОД СЕЗОНАТА

26/10/2019

ОТ ТАНАК Е НА ЧЕКОР ОД ГОДИНЕШНАТА ТИТУЛА, НО И НА ПРАГОТ ДА ЈА ПРЕКИНЕ ШЕСТ ГОДИШНАТА ДОМИНАЦИЈА НА СЕБАСТИЈАН ОЖИЕ. СЕПАК, ДО КРАЈОТ НА СЕЗОНАТА ОСТАНУ-ВААТ УШТЕ ДВЕ РЕЛИЈА КОИ ЌЕ ОДЛУЧУВААТ ЗА КОНЕЧНИОТ ИСХОД.

 

После неприкосновената доминација на релито на Финска, охрабрениот От Танак ја продолжи својата освојувачка низа и на асфалтното рели на Германија. Иако не доминираше на асфалтните германски патеки, како низ шумите во Финска, сепак успеа да освои хет-трик, односно да победи три пати едно по друго на ова исклучително рели. Победата во Германија му го донесе и петиот најголем успех годинава. За жал, за разлика од доминацијата на германскиот ас-

фалт релито на Турција беше поразително за Танак. Но, не и за Ожие кој по пехот во Германија и расклатената сезона конечно се врати во трката за титула на грубите патеки над Мармарис. Се чинеше дека со победата во Турција, Ожие ја претвори завршницата на сезоната во неизвесна драма чиј расплет требаше да се одвива на непредвидливите патеки на релијата на Велика Британија, на Шпанија и на Австралија. Но, работите тргнаа лошо по актуелниот шампион кога Танак однесе уште една победа, шеста годинава, на релито на Велика Британија каде повторно се покажа надмоќен во однос на главните конкуренти за титула Ожие и Нувил.

Апсолутната доминација на релито на Финска го охрабри Танак да атакува кон уште една голема победа и на релито на Германија. Асфалтниот настан на кој Танак брилиираше и во 2018, и во 2019 година го очекуваше загреаниот Естониец повторно да ја растури конкуренцијата. Токму тоа и се случи, иако за волја на вистината годинава конкуренцијата беше жестока. Борбата на Танак со Тиери Нувил беше прилично изедначена на почетокот на релито. Всушност овие лути ривали се менуваа на водечката позиција сè до пред крај на вториот ден од релито. Оваа возбудлива битка за жал беше прекината кога во саботата попладне Нувил мораше да застане и да смени дупната гума со што изгуби премногу време за да се врати во игра за победа. Така Танак доби шанса лесно да се избори за врвниот резултат. Но, и за него работите не одеа како подмачкани. Не можеше да атакува на победа на последниот телевизиски брзинец заради проблеми со сопирачките. Тука Танак се грижеше само да стигне до целта и дополнителните 5 бодови му ги препушти на Нувил кој на крај беше петти, со тимскиот другар Сордо на четвртото место. Танак не беше единствениот кој брилиираше на асфалтот во Германија. Тоа се случи и со неговиот тим Toyota Gazoo Racing WRT. Имено со второто и третото место на Крис Мик, и на Јари-Мати Латвала, Toyota стигна до првата 1-2-3 победа после истиот ваков успех дури во далечната 1993 година. Воедно како куриозитет интересно е да се знае дека една ваква 1-2-3 победа во Светскиот шампионат во рели се нема случено во изминатите четири сезони.

Ловориките на славата не траеја долго за Танак. На следното рели, релито на Турција среќата не му беше наклонета. Барем не како минатата година кога извојуваше победа на грубите патеки во планините над Мармарис. Без оглед на тактиката да се биде внимателен која лани му донесе победа во моменти кога главните ривали Ожие, Нувил и Микелсен ги искршија своите автомобили, Танак годинава немаше среќа. Проблеми со електриката на автомобилот го спречија да атакува на победа. Беше принуден да се откаже во саботата, но се врати следниот ден кога успеа да извојува победа на последниот телевизиски брзинец и со тоа да замине со мали, а вредни 5 поени. Победата отиде во рацете на Ожие кој ја научи лекцијата од лани и се одлучи за внимателен пристап. Ова е негова трета победа годинава и прва после релито во Мексико во март на почетокот од сезоната. Така Ожие се доближи на само 17 бодови до Танак со три преостанати релија до крајот на сезоната. Второто место во Турција го заслужи тимскиот другар на Ожие, Есапека Лапи. Всушност Лапи водеше низ поголемиот дел од релито, но доцна во саботата моторот на неговиот Citroen C3 згасна кога избра погрешен степен на пренос на еден спор свијок. Тука загуби бесценети секунди кои на крај го чинеа победа. Заврши втор, додека трет беше Андреас Микелсен со Hyundai.

Куси беа моментите во кои Ожие можеше да воздивне после победата на релито на Турција. Остриот меч на От Танак удри повторно со цела сила на релито на Велика Британија. Естонецот на грубите непредвидливи и лизгави патеки на британскиот остров ја однесе тешко заработената победа. Во една епска битка со најлутите ривали Тиери Нувил и Себастијан Ожие кои, исто така, се во тесна борба за годинешната титула, Танак ја покажа својата надмоќ. Ниту калливите шумски патеки на северен и среден Велс, ниту дождот, ниту маглата не му попречија во намерата да победи. За него релито на В. Британија не беше лесно. Иако следен од минатогодишниот пех кој токму на ова рели му ја уништи шансата за титула Танак одлучи да не попушти. Челичните нерви му помогнаа да истрае. Секако победата не можеше да дојде без претрпен страв. На отворањето на релито во четврток навечер на Танак му изгаси моторот и промаши свијок. За момент помисли дека го стигнува лошата среќа од минатата година. Но, набрзо се си дојде на место. Моторот стартуваше и тој го заврши брзинецот. Неговиот тимски другар Крис Мик го поведе релито и водеше сè до крајот на следниот ден. На последниот брзинец во петокот промаши свијок и загуби драгоцени секунди. Тогаш Танак прејде во водство и не го испушти до крај. Но, следен од лутите ривали Нувил и Ожие, Танак немаше простор за одмор. Возеше на нож до последниот брзинец од релито, победи и ја осигура водечката позиција во битката за титула. Нувил заврши втор, а Ожие трет. Крис Мик до крајот на релито не успеа да ги улови загубените секунди и заврши четврти. Сепак, заедничкиот резултат на Танак и Мик ја доближија Toyota на 8 бода до лидерот меѓу производителите Hyundai.

Со две релија до крајот на сезоната Танак води со 240 бода пред Ожие со 212 и Нувил со 199 бодови. Бројките велат дека доколку Танак победи на следното рели на Шпанија ќе ја освои и годинешната возачка титула. Кај производителите Toyota се доближи до Hyundai на само 8 бода. Има 332 бодови наспроти 340 бодови на Hyundai. Трет е Citroen со 278, а четврти Ford со 200 бодови. Со два интересни настани во завршница на сезоната релијата на Шпанија и на Австралија, и тесната разлика меѓу возачите и меѓу производителите, неизвесноста во Светскиот шампионат во рели станува сѐ поголема •

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.