ЦЕЛОСНАТА ДОМИНАЦИЈА НА FERRARI ПРОДОЛЖУВА. СО ТРИУМФ НА СПАФРАНКОРШАМП ЦРВЕНИТЕ ЗАБЕЛЕЖАА ТРЕТА ПОБЕДА ЕДНОПОДРУГО ГОДИНАВА. И НЕ САМО ПОБЕДА. ПО ТРЕТ ПАТ ГОДИНАВА ИМАА ПОЛПОЗИЦИЈА И НАЈБРЗ КРУГ
Продолжува налетот на Црвената фурија. Очекувањата дека доминацијата на Ferrari можеби ќе биде сопрена на 6 часа на Спа-Франкоршамп, и трката за титула ќе се измеша, не се исполнија. После исцрпувачките 6 часа на патеката во Белгија црвените знамиња со жолт штит повторно беа развиорени. Нема двојби дека Ferrari годинава гази како валјак. Покрај убедливата победа, марката од Маранело повторно имаше полпозиција и повторно забележа најбрз круг на една трка. Овие остварувања се повторуваат трет пат годинава. Три победи, три полпозиции, три најбрзи круга! Не е само триумфот, Ferrari забележа 1-2 победа. Ferrari број 51 и број 50 беа неприкосновени во текот на трката. Без оглед на превирањата, не попуштија и останаа на чело. Најблизок им беше тимот на Alpine со автомобилот број 36 пилотиран од Жил Гунон, Фредрик Маковиецки и Мик Шумахер. Триото на Alpine го повтори успехот од Имола и повторно застана на третото скалило од подиумот. Оваа најбрза тројка и избега на останатиот дел од глутницата за повеќе од 30 секунди, што јасно говори за перформансите со кои располага. Toyota број 8 заврши на четвртата позиција, а број 7 на седмата. Автомобилите на Cadillac број 12 и број 38 ги поделија петтото и шестото место. Ferrari ја однесе победата и во класата LMGT3 со број 21 на Vista AF Corse, додека вториот автомобил на тимот со број 54 заврши трет. Нив ги раздели број 88 Ford Mustang GT3 на Proton Competition, кој првпат годинава се качи на подиум. Ferrari буквално ја смете конкуренцијата. Минатогодишните шампиони Toyota и Porsche се декласирани. Ваква доминација на еден производител не се памети во Светскиот шампионат во трки на издржливост на FIA од неговото воведување во 2012 година кога Audi беше неприкосновен делумно и заради тогашните проблеми на Toyota. Денес, после само три трки Ferrari со 136 освоени бодови води убедливо пред Toyota која има 71 бод и пред BMW кој има 64 бодови. Огромна разлика од 65 бодови предност во однос на Toyota и 72 бодови предност во однос на BMW. Минатогодишниот шампион Porsche го нема на повидок. Лежи долу на шестата позиција, со мали 14 бодови собрани од три трки. Голем пресврт во шампионатот, и би додале, сосем неочекуван.
Ако се осврнеме на минатата сезона, после три трки, односно после трката 6 часа на Спа-Франкоршамп, разликата меѓу водечките три тима во шампионатот беше значително потесна. Лидер беше Porsche со 83 освоени бодови. Toyota на свое конто имаше 60 бодови, а Ferrari 59 бодови. Тесни разлики, кои, борбата за титула ја доведоа буквално до последните метри од последната трка во сезоната. Но, тоа беше во 2024 година.
Годинава, во колку Ferrari го повтори истиот успех и на 24 часа на Ле Ман, трка која носи двојно повеќе бодови, има добри шанси Светскиот шампионат во трки на издржливост на FIA, да го добие шампионот на средина на сезоната. Во колку ова се случи, тогаш се поставува прашањето: каде исчезнаа изедначеноста на перформансите и возбудливоста на натпреварувањето кое се етаблира на светската мотоспорт сцена како шампионат на еднаквост? Ferrari е гласен во одбрана на своите перформанси, наведувајќи дека тие се должат на значителните подобрувања кои тимот успеал да ги направи во паузата пред почетокот на сезоната. Прогресот е енормен, дури и зачудувачки. Подеднакво за чудење е и значителниот пад на перформансите на Porsche. Уште повеќе ако се земе предвид доминацијата на Германците во американската серија IMSA, кои во досегашниот дел од сезоната освоија сè што можеше да се освои. Исто како и Ferrari во WEC. Но, ако Porsche е одличен во IMSA, и лани беше одличен во WEC, како одеднаш падна толку ниско? Раководството од Цуфенхаузен падот во формата стихијно го адресира на системот на FIA за еквивалентност, односно, за баланс на перформансите наречен BoP – Balance of Performance. Негодување доаѓа и од таборот на Toyota. Секако заради ограничувањата поставени од спортските правила на FIA, учесниците не смеат јавно да се противат на овој систем. Па сето тоа се прикажува во завиена форма.
35 CHATIN Paul-Loup (fra), HABSBURG Ferdinand (aut), MILESI Charles (fra), Alpine Endurance Team, Alpine A424 #35, Hypercar, pitlane, during the TotalEnergies 6 Hours of Spa-Francorchamps 2025, 3rd round of the 2025 FIA World Endurance Championship, from May 8 to 10, 2025 on the Circuit de Spa-Francorchamps in Stavelot, Belgium – Photo Joao Filipe / DPPI
Системот BoP во Светскиот шампионат на трки на издржливост на FIA е создаден за да овозможи, автомобили со различен пристап во конструкцијата, да се тркаат во иста категорија, и да имаат слични перформанси. Односно да имаат подеднакви шанси за успех. Овој иновативен систем развиен од FIA и организаторот на трки на издржливост асоцијацијата ACO користи читачи на вртежен момент, или сензори, поставени на погонските вратила на автомобилите. Отпорни на електромагнетно поле и топлина, сензорите ја мерат моќноста и соодветно ја лимитираат според податоците добиени од напредните алгоритми за пресметка на перформансите кои ги одредува FIA.
Пресметките кои ги прави оваа најново развиена технологија се базираат врз параметри добиени од автомобилите за време на трка и врз хомологациските параметри на автомобилите приложени од производителите. Овој сложен систем на пресметки треба да овозможи фер натпревар и изедначена конкуренција. И досега успеваше. Се споредуваа перформансите после секоја трка и се поставуваа параметрите за следната. Доколку автомобилите покажат подобри параметри, перформансите се придушуваат, или пак, се дозволува да се ослободат повеќе. Доказ за работата на овој систем се изминатите сезони.
Меѓутоа минатата сезона после трката на 6 часа на Сао Паоло, FIA одлучи да го смени начинот на пресметка. Место после секоја трка, за споредба се земаат параметрите од последните три трки, и се поставуваат за следните три. Сето ова не враќа на крајот од минатата сезона. Колку за потсетување. Ferrari победи на Лоун Стар Ле Ман 2024, веќе на следната трка 6 часа на Фуџи 2024 заврши деветти, а на последната трка 8 часа на Бахреин 2024 дури единаесетти. Во моменти кога Porsche и Toyota борејќи се за титула покажуваа извонредни перформанси, Ferrari, знаејќи дека титулата му е далеку од дофат, нагло опадна по прашање на перформансите. Мудра тактика која му донесе значителна предност на почетокот од годинешната сезона.
Можеби правилата се правила, и се создадени со најдобра намера, но дали е во ред снимањето на перформансите од крајот на претходната сезона да влијае врз почетокот на следната, како прашање останува да лебди.
Знаејќи дека за трката на 24 на Ле Ман, за процесот на пресметка на перформансите не се земаат предвид остварувањата во останатите трки од шампионатот, голема е веројатноста за првпат годинава да добиеме пореална слика за распоредот на силите на терен. Но, да не заборавиме дека лани Ferrari славеше на 24 часа на Ле Ман и сигурно гори од желба да го повтори успехот и годинава. Сигурни сме дека со нетрпение се очекува стартот на 24 часа на Ле Ман на 14 јуни, но со уште поголема неизвесност се очекува и останатиот дел од сезоната во WEC. Бидејќи можеби таму ќе се најдат одговорите на прашањата кои засега остануваат да лебдат во воздух. До тогаш, Ferrari останува убедлив лидер во шампионатот.