TOYOTA ЈА ЗАПОЧНА ОДБРАНАТА НА ПЕТТЕ ЕДНОПОДРУГО ТИТУЛИ ВО СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО ТРКИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ – WEC. СО ПОБЕДАТА ВО ИМОЛА ЈАПОНСКИОТ ТИМ ПОКАЖА ДЕКА ЗА ПОБЕДА НЕ Е ВАЖНА САМО БРЗИНА, ТУКУ И ТАКТИКА
Во една драматична завршница Toyota извојува голема победа на 6 часа на Имола возвраќајќи го ударот по апсолутната доминација на Porsche на првата трка од сезоната во Катар. Минатогодишниот шампион доби шанса и покажа дека нема лесно да се откаже од потерата по нова титула. Всушност влогот на Toyota е многу поголем. Јапонците не ја бранат само титулата од минатата сезона, туку нивната апсолутната доминација во Светскиот шампионат во трки на издржливост WEC во последните пет сезони. Имено Toyota е на тронот од 2019 година и нема намера да се повлече. Иако годинава конкуренцијата е далеку поголема од претходните сезони и одбраната на титулата ќе биде значително потешка.
Автодромот Имола годинава за првпат вдомува трка од WEC. Иако трките на издржливост не се непознаница за славната патека. Интернационална патека Енцо и Дино Ферари како што гласи нејзиното полно име беше домаќин на трките на издржливост од Европската серија на Ле Ман од 2013 до 2016 година. Потоа се врати во календарот во 2022 година, а ќе биде домаќин и годинава во јули. Најславна трка на издржливост која се возела на овој автодром е 1.000 km на Имола во далечната 1974 години, или точно пред 50 години.
Интересно за Имола е што се вози спротивно од насоката на стрелките на часовникот. Таа е една од трите патеки во годинешниот календар со ваква насока. Другите две се: Интерлагос во Сао Паоло и COTA во Остин Тексас. На оваа патека од стар ков со должина од 4,9 km тркачите од класата Hypercar достигнуваат максимална брзина во опсег од 312 km/h и дури во 50% од кругот возат под полн гас. Глетка која е реткост на модерните автодроми и која останува запаметена.
Имола се смета и за домашна патека на Ferrari. Затоа на домашен терен истопорениот коњ покажа целосна доминација на квалификациите и во првата половина од трката. Но, обилниот дожд ги расипа плановите на великанот од Маранело. Овие шест часа на Имола беа класичен пример дека трките на издржливост не се добиваат само со брзина туку и со тактика: Добра проценка кога да се влезе во бокс, кога да се направат измените, дали да се наполни малку гориво за да се избие напред, кога да се нападне а кога да се чува позицијата, да се предвиди изборот на гуми итн. Тука Ferrari потфрли и ја загуби трката.
На квалификациите дури три автомобили на Ferrari се најдоа на врвот. Беше јасно дека тркачите од Маранело се на добар пат да остварат целосна доминација на домашен терен. После сесијата Hyperpole број 50 Ferrari 499P на Ferrari AF Corse со Антонио Фуоко во кокпит зазеде полпозиција со време од 1:29.466. До него стартуваше број 83 Ferrari 499P на AF Corse со време од 1:29.885, а зад нив број 51 Ferrari 499P со време од 1:29.953 и број 6 Porsche 963 на Penske со време од 1:30.101. Интересно е што трите автомобили на Ferrari го свртеа кругот на Имола за време помало од 1:30.000 што е доказ за брзината на тркачите од Маранело. Од третиот ред стартуваа број 5 Porsche 963 на Penske и број 7 Toyota GR010 на Toyota Gazoo Racing.
Полпозицијата во класата LMGT3 после сесијата Hyperpole ја освои победникот од трката во Катар број 92 Porsche 911 GT3 R на литванскиот тим Manthey Purerxcing со Александар Малихин зад волан. До него од втората позиција стартува број 27 Aston Martin Vantage AMR на тимот Heart of Racing со Ијан Џејмс зад волан, а од третата стартна позиција тргнува број 46 BMW M4 на тимот WRT со Ахмад Ал Харти.
Ferrari ја поведе трката со комбинацијата 1-2-3. Полсетерот број 50 стартуваше со Никлас Нилсен зад волан кој по стартот успеа да се задржи на врвот. Меѓутоа зад него Антонио Џованаци со број 51 успеа да го престигне Робер Кубица зад волан на број 83 во првите неколку свијоци по стартот. Сепак, првите три места останаа во посед на истопорениот коњ. Зад нив се случуваше вистинска битка меѓу Toyota и Porsche. Во костец беа фатени: број 6 Porsche Penske со Лоренс Вантор, број 7 Toyota Gazoo со Мајк Конвеј и број 5 Porsche Penske со Фредерик Маковијецки.
Поредокот остана не сменет во текот на првиот час, односно сè до предвидените застанувања во бокс. Различната тактика на број 7 Toyota, на број 6 Porsche и на број 51 Ferrari со многу куси дополнувања на гориво го сменија распоредот на терен. Број 51 Ferrari со Џованаци успеа да избие на чело на поредокот, следен од број 6 Porsche со Вантор и број 7 Toyota со Конвеј. Четврти и петти беа број 83 Ferrari со Кубица и број 5 Porsche со Маковијецки. Од првото застанување во бокс најмногу загуби лидерот број 50 кој падна на шеста позиција. Битката за второ место во овој втор час од трката беше поголема од онаа за водечката позиција. Со постојани напади Конвеј се обидуваше да избие пред Вантор пред следните сопирања во бокс.
Работите се сменија во понатамошниот дел од трката. Брзите застанувања во бокс и правилната тактика му помогнаа на број 7 Toyota да избие на чело на поредокот. Ferrari се најде во вториот ешалон, иако број 51 и број 50 возејќи повеќе кругови браник на браник ги одушевија Тифозите кои скандираа на трибините. На почеток од четвртиот час дожд се очекуваше во Имола. Брзата рекалкулација на тактиката и преоѓањето од слик на гуми за дожд им помогна на Toyota и на Porsche подоцна да го свртат текот на трката во своја полза. Ferrari тука калкулираше со слик гуми надевајќи се дека дождот ќе одмине и дека ќе биде во предност. Неговите тркачи и беа во предност откако лутите ривали застанаа да стават гуми за дожд. Поредокот 1-2-3 се задржа, број 7 Toyota, број 6 Porsche и број 8 Toyota останаа зад нив, но не за долго. Во последните два часа од трката дождот ја преплави патеката и Ferrari остана немоќен. Беше принуден да им ги отстапи највисоките три позиции на Toyota и на Porsche.
Во домот на Ferrari победата отиде во рацете на Toyota. Број 7 Toyota GR010 Hybrid на Toyota Gazoo Racing со Мајк Конве, Камуи Кобајаши и Ник Де Вриј успеа да им одолее на нападите на број 6 Porsche 963 на Penske со Кевин Естре, Лоренс Вантор и Андре Лотерер и да победи. Третото место му припадна на вториот автомобил на Penske, Porsche 963 број 5 со Мет Кемпбел, Макл Кристенсен и Фредерик Маковијецки. Четврти заврши полсетерот број 50 на Ferrari, петти беше вториот автомобил на Toyota број 8, а шести број 20 на BMW M WRT. Победата во класата LM3GT отиде во рацете на BMW. Автомобилите на BMW WRT ги освоија и првото и второто место. Победник беше број 31 BMW M4 на тимот WRT со Дарен Леунг, Шон Гелаел и Аугусто Фарфус. Зад него се пласираше број 46 со Валентино Роси, Ахмад Ал Харти и Максим Мартин.
Победникот од минатата трка број 92 Porsche 911 GT3 R на Manthey Purerxcing со Александар Малихин, Џоел Штурм и Клаус Бахлер заврши трет. После две трки во шампионатот во категоријата Hypercar води Porsche со вкупно освоени 57 бодови, додека второпласираната Toyota има 48 бода. Трет е Ferrari со 31 бод, а четврти BMW со само 17 бодови. Во категоријата LMGT3 води тимот на Manthey Purerxcing со Porsche 911 GT3 R со 54 бодови, втор е тимот WRT со BMW M4 со 37 бодови, а трет е тимот Heart of Racing со Aston Martin Vantage AMR, исто така, со 37 бодови но без победа. Следната трка е на 11 мај и нè носи во Белгија на уште една 6 часовен настан на легендарната патека Спа-Франкоршамп.