WEC 6 часа на Фуџи-ЗАПРЕНА ДОМИНАЦИЈАТА НА TOYOTA

21/10/2024

TOYOTA НЕ УСПЕА ДА ГО СОПРЕ PORSCHE ВО ПОТЕРА ПО ГОДИНАШНАТА ТИТУЛА МЕЃУ ВОЗАЧИТЕ ДУРИ И НА ДОМАШНАТА ПАТЕКА НА ФУЏИ НА КОЈА ДОМИНИРА КАКО ДЕЛ ОД СВЕТСКИОТ ШАМПИОНАТ ВО ТРКИ НА ИЗДРЖЛИВОСТ ЦЕЛИ ЕДИНАЕСЕТ ГОДИНИ

 

Тринаесеттата сезона од Светскиот шампионат на трки на издржливост стави крај на доминацијата на Toyota на домашен терен. Oсвен во 2015 година кога загубила од Porsche, jапонската марка досега славела на сите трки на издржливост на патеката на Фуџи. Меѓутоа, годинава, боговите по втор пат не беа наклонети на црните катани GR010 Hybrid. Треба ли да напоменеме дека Porsche повторно беше во игра. Останаа разочарани 68.500 јапонски навивачи кои седеа на трибините на легендарната патека, и уште поголем број фанови покрај малите екрани кои го следеа директниот пренос. Останаа разочарани и во Toyota бидејќи Фуџи е нивна патека и токму тука се кршеа копјата за превласт во годинашниот шампионат. А најголемо беше разочарувањето меѓу Мајк Конвеј, Ник Де Вриј и Камуи Кобајаши кои беа директно инволвирани во битката за Фуџи. Уште повеќе ако се земе предвид фактот дека на оваа тројка на Фуџи им избега и шансата за шампионска титула меѓу возачите. Сепак, нивниот број 7 Toyota GR010 Hybrid сè уште има некакви шанси да се бори за превласт во шампионатот за производители.

Од крајот на сезоната ги дели уште една трка. Онаа во Бахреин. Таму Конвеј, Де Вриј и Кобајаши ќе се обидат да ги добијат своите лути противници и лидери во шампионатот Андре Лотерер, Кевин Естре и Лоренс Вантор, кои зад волан на број 6 Porsche Penske 963 се на чекор до двојна титула, односно, и онаа меѓу возачите, и меѓу производителите. Сместена во подножјето на планината Фуџи највисока планина и врв во Јапонија, истоимената патека можеби со своите 4.563 km е една од најкратките во шампионатот, но со карактеристичниот долг правец од 1.475 km кој навидум се протега до бескрај е најспецифична и една од најбрзите. Токму тука возачите имаат прилика да го ослободат целосниот потенцијал на своите болиди. На пример, минатата сезона Антонио Фуоко на овој правец достигна максимална брзина од 333,3 km/h зад волан на број 50 Ferrari AF Corse 499P. Покрај долгиот правец патеката Фуџи има вкупно 16 свијоци, 10 десни и 6 леви.

Оваа конфигурација како да му одеше во прилог на број 2 Cadillac V-Series.R кој беше најбрз на квалификациите, но и во сесијата хиперпол. Американскиот тим за 0,041 секунди го доби број 8 GR010 на Toyota со актуелните шампиони Себастиен Буеми, Брендон Хартли и Рио Хиракава и стартуваше од полпозиција. Од вториот ред стартуваа број 15 BMW M Hybrid V8 и број 7 Toyota GR010, а победникот број 6 Porsche Penske 963 од третиот ред.

Знаејќи дека стартот никогаш не е силна страна на Toyota, трката ја поведе број 2 Cadillac со Ерл Бамбер зад волан, додека Марко Витман со број 15 BMW успева да се протне и да ја украде втората позиција од број 8 Toyota со Себастиен Буеми. Бамбер прикажа одлични перформанси во првиот дел држејќи го Витман под контрола, додека болидите на Toyota број 7 и број 8 се задржаа на третата и четвртата позиција. Но, после првите планирани застанувања во бокс работите заземаа поинаков тек. Брзиот пит-стоп на број 6 Porsche со Лоренс Вантор му овозможи да ги добие американците и да ја преземе лидерската позиција. Најмногу и заради одлуката на Cadillac да ги смени возачите што му одзеде повеќе време. Број 2 Cadillac паѓа на втората позиција додека број 15 BMW сега со Рафаеле Марсиело останува зад него на третата. Дуото на Toyota број 7 и број 8 веќе паѓаат на четвртата и петтата позиција. Првата петорка вози близу еден зад друг и почнува да создава разлика во однос на останатите кога пред крај на вториот час од трката на патеката излегува безбедносното возило заради парчиња остатоци. Колоната се набива и веднаш по неговото повлекување Никлас Нилсен број 50 Ferrari тргнува во напад врз дуото на Toyota. Го престигнува број 8, а круг подоцна и број 7 и се вмешува во битката за трето место меѓу број 2 Cadillac и број 15 BMW. Тојотите паѓаат на петтата и шестата позиција.

Во средниот дел од трката различните од стратегии на тимовите заедно со истакнувањето на жолто знаме во два наврати по цел круг заради остатоци на патеката направија вистинска мешаница. Заради подолго застанување во бокс во склоп на стратегијата, број 6 Porsche Penske ја губи водечката позиција и број 50 Ferrari со Нилсен избива на чело. Рафаеле Марсиело со број 15 BMW одлучува да го нападне Бамбер со број 2 Cadillac и притоа автомобилите се допираат по што настрадува предната десна гума на американскиот автомобил. И додека Cadillac заминува во бокс и паѓа на десеттата позиција Марсиело, а по него и замената Дриј Вантор во број 15 BMW го напаѓаат број 50 Ferrari и набрзо ја преземаат лидерската позиција. Прво лидерство во трка за тимот на BMW во WEC. Се менуваат и возачите во Toyota. Број 7 на четвртата позиција го презема Ник Де Вриј, а број 8 на петтата Брендон Хартли. Во рацете на Де Вриј број 7 Toyota GR010 почнува да лета. Брзо стигнува до водечката двојка број 15 BMW и број 50 Ferrari и ги престигнува еден по еден за да избие на чело. Паметната стратегија и добрите перформанси на Холанѓанецот ја носат Toyota на лидерска позиција на 12 секунди пред број 6 на Porsche Penske во завршните два часа на Фуџи. Број 15 BMW паѓа на третата позиција, а на четвртата се пробива број 8 на Toyota откако Хартли успева да го престигне Нилсен во број 50 Ferrari кој паѓа на петтото место. Исполнета со акција трката на 6 часа на Фуџи во завршницата се преврте на глава. Водството на број 7 Toyota со Де Вриј зад волан полека се зголемуваше во однос на број 6 Penske Porsche. Се чинеше дека Toyota е на прагот на уште една голема победа на Фуџи.

Меѓутоа непредвидливоста на трките на издржливост која лебди буквално до пред целта се покажа во вистинско светло. На прагот од последниот час од трката на патека излегува безбедносното возило. Причина е оштетениот Lamborghini SC63 со број 63. Неколкуте круга зад безбедносното возило и задаваат сериозен удар на Toyota со број 7. Знаејќи дека не може да ја добие трката во директен дуел со број 6 Penske Porsche 963, Toyota смислува паметна стратегија. Кобајаши седнува на местото на Де Вриј, но при замената Toyota го губи врвот. Во обид да го надомести загубеното Кобајаши вози поагресивно. Туркајќи се на патека се судира со Мет Кемпбел во број 5 Porsche и сериозно го оштетува задникот. Ударот е доволно силен, а штетата голема за да го примораат Кобајаши да се откаже. Тука завршува сонот на Конвеј, Кобајаши и Де Вриј за освојување на годинешната титула.

Победата оди во рацете на број 6 Porsche Penske 963 со Андре Лотерер, Кевин Естре и Лоренс Вантор, а со неа и шампионската титула. Иако за неа ќе се одлучува на последната трка од сезоната 8 часа на Бахреин, на Лотерер, Естре и Вантор им е доволно осмото место за да станат шампиони. Второто место го освојува број 15 на BMW со Дриј Вантор, Рафаеле Марсиело и Марко Витман за кого ова е прв подиум во WEC. Истото важи и за третопласираниот тим на Alpine со број 36 и Никола Лапиер, Мик Шумахер и Матие Ваксиер.

 

ПОДЕДНАКВО ГОЛЕМИ ВОЗБУДУВАЊА ДОНЕСЕ И КЛАСАТА LMGT3

Полно тимови се сменија на врвот од поредокот во текот на 6 часа на Фуџи. TF Sport со број 81 Corvette Z06 ја забележа првата лидерска позиција во WEC. На чело се сменија и тимот United Autosport со број 95 McLaren 720S, и тимот на Iron Dames број 85 со Lamborghini Huracane Evo2, и тимот на Vista AF Corse број 55 со Ferrari 296. Буквално не се знаеше победникот до пред самиот крај на трката. Но, пред крај работите се извртеа најмногу заради стратегијата. Во завршницата на лидерската позиција изби број 54 Ferrari 296 на тимот Vista AF Corse и ја однесе победата сосема неочекувано. Актуелниот фаворит и лидер во шампионатот број 92 Porsche 911 GT3 на Manthey Purerxcing се пласираше на втората позиција, додека трет заврши број 46 BMW M4 на Team WRT. Класата LMGT3 останува без изненадувања во генерален пласман. Тимот на Manthey Purerxcing со Porsche 911 GT3 R број 92 останува на врвот со 136 бодови. Тимот на Manthey EMA со Porsche 911 GT3 R број 91 останува на 90 бодови задржувајќи го второто место, додека тимот Team WRT со BMW M4 број 31 со 85 бодови останува на третото место.

Следната трка е 8 часа на Бахреин која се вози на 31 октомври.

 

Љубомир Анастасовски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ