VOLVO EM90-ГОЛЕМИОТ ВОЛВО

27/11/2023

Ако некој најавуваше многу брзо преминување од погон со класични мотори на електрични, тогаш мора да нагласиме дека Волво беше најбучен и најмногу ветуваше. Сепак целосната електрификација не оди така брзо, не само кај Волво туку и кај останатите производители. Како што претходно најавуваше премиум марката дека до почетокот на 2027 година ќе исфрли пет целосно електрифицирани модели, еве го првиот од нив, големиот еднопросторен модел наречен „ем 90“ (електрик моноволумен 90). Чист дизајн, внатрешност која зрачи со едноставност, но со многу квалитетни природни материјали, пред сѐ кожените делови. Шест кралски седишта и удобност на која завидува цела конкуренција. Сѐ е тоа убаво, но се чини таа толку препознатлива „волво линија“ е некаде по пат изгубена. Љубителите на оваа премиум марка негодуваат во врска со дизајнот – тоа не е она што отсекогаш се очекува од Волво.

„Волво ем 90“ располага со 5.206 мм во должина, широк е импозантни 2.024 и висок 1.859 мм, со 3.205 мм растојание меѓу оските. Големо чудо на четири тркала со врвна завршна доработка, но за жал овој модел засега е наменет исклучиво за азискиот пазар. Зошто Волво се одлучил на ваков чекор, сѐ уште не е познато. Возилото е повеќе од тешко, над 2,7, а поседува електрични 272 КС доволни за 8,3 секунди од 0 до 100 км/ч. Батеријата со едно полнење дозволува изминување на максимални 738 км, а од 20% до 80% се полни за помалку од 30 минути. Во домашни услови полнењето трае околу 12 часа. Еден електромотор и погон само на една оска, а за во иднина Волво ќе понуди два електромотори и погон на сите тркала.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ