ДАЛИ ДЕНЕШНОТО ВРЕМЕ Е ВРЕМЕ НА РОБОТИ, ОДНОСНО ДАЛИ ТИЕ ПРОГРАМИРАНИ МАШИНИ ПОЛЕКА ВЛЕГУВААТ ВО СЕКОЈДНЕВИЕТО И ГО ЗАМЕНУВААТ ЧОВЕКОТ. НА ПРВ ПОГЛЕД
НИВНИОТ СЕГАШЕН НАПРЕДОК ОДИ СПОРО, НО И НЕ Е ТАКА КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА СУПЕР
МОДЕРНИТЕ РОБОТИ.
Секој од нас ја имал првата средба со роботите на телевизиските екрани или во кино. Машини во облик на човек или друг облик, кои умеат да се движат, да трчаат, да скокаат, да спасуваат, да произведуваат други роботи, да разговараат итн. „Терминатор“, „Војна на ѕвездите“ и сличните на нив се само дел од долгиот список на филмови во кои роботите неретко имаат главна улога. Филмовите, односно режисерите, создале роботи користејќи ја својата фантазија, а во пракса создавањето на роботи оди малку потешко.
Роботите може да се поделат во две групи, социјални и индустриски роботи. На почетокот од ’80 години од минатиот век, бевме изненадени од Фиат кога изјави дека неговиот модел „уно“ го прават роботи. Во тоа време фиатовата фабрика беше најсовремената во светот и речиси целосно роботизирана – роботите правеа автомобили. Тука човечкиот фактор играше улога на надгледувач на работата и тоа беше сè.
Социјалните роботи се тие кои умеат да разговараат со луѓето, да помагаат, да разнесуваат најразлични нешта, да даваат информации во продавници во хотели и туристички бироа, да прават друштво додека шетате, да потсетуваат кога забораваме нешто да направиме. Хондиниот робот Асимо беше претставен во 2000 година и оттогаш до денес постојано е осовременуван од конструкторите. „Асимо“, „пепер“, Волкер, Бот Ритеил, Бот Кеар, Бот Ер, Санбот, НАО, Ромео се само дел од роботите кои наскоро ќе бидат секојдневие во цел свет. Вокер наскоро ќе може да се купи, Сан- бот умее да рекламира и говорно да ги опишува производите, НАО е првиот и единствениот кој умее да работи со аутистични деца, а Ромео им помага на болните и стари лица кои имаат потреба од друштво и секојдневна помош.
Тоа беа хуманоидите за кои досега пишувавме во два наврати. Покрај нив во групата на социјални роботи покрај хуманоидите, има и такви кои не се хуманоиди. Тоа се роботи кои личат на пример на најразлични животни, слични на домашните галеничиња, а има и такви кои имаат најразлична форма во зависност од нивната намена.
Роботот „паро“ е робот фока, од тие малите, белите. Умее да се гали, да испушта звуци на задоволство кога ја гушкаат, се насмевнува и главно се користи во болниците и во домовите за стари и изнемоштени лица. Живите галеничиња, „паро“ ги заменува и помага каде ќе стигне, дури и дечињата во болниците ги развеселува. Другарчето „бади“ (Бади) или сината жаба, така го нарекуваат овој робот кој слично како и првиот игра улога на некој вид милениче. Дури и на еден од официјалните плакати е претставен со „ве молам посвоите ме“. „Тој“ е секојдневен сопатник во домот и забавувач на децата, но и возрасните. Ист како претходниот и роботот Миро е домашно милениче, кученце, но направен е и во изведба робот риба, која во вечерните часови изгледа необично со разнобојното или двобојното светло.
И производителот Асус е во игра со роботите. Неговиот „зенбо“ е домашно милениче, но и здравствените услуги му се во „умот“. Потсетува што треба да се јаде и пие, во кое време кои витамини и лекови да се пијат и потсетува да се измери крвниот притисок. Негов директен конкурент е претходно опишаниот робот „бади“. Ни Сони не остана имун на роботиката. Неговиот робот домашно милениче е кученцето „аибо“ кое прави буквално сè што прават вистинските домашни миленичиња, во случајов кученцата. Производителот вели дека тоа е достојна замена на тие кои можат да направат „мал“ неред во домот, но затоа неговото милениче на батерии може само да ве развеселува, а никако да ве изнервира кинејќи ги вашите обувки. Впрочем, робот миленичињата не се митарат и нема потреба од толку многу работа со правосмукалката.
Кој сè се нема приклучено во трката или играта наречена робот. „Гита“ е робот произведен од надалеку познатиот производител на мали мотоцикли, Пјаџо. Италијанскиот производител направи робот кој има форма на цилиндар или подобро да кажеме тапан кој игра улога на носач. Вашата ташна, папка, алатот, шминките или храна за децата и нивните играчки. Роботот „гита“ преку посебна безжична врска ве прати каде одите. Нешто слично како куче кое оди по вас, но ова е „тапан“ со оддел за сместување разновидeн лесен товар. „Веспа“ и „гита“, а заедно со нив и авионот „п 180 аванти“ и сето тоа произведено од Пјаџо.
Исто како што целиот свет е преплавен со компјутери и телефони, на сличен начин ќе биде преплавен и со роботи од најразличн вид, робот помошник, робот носач, робот забавувач, робот куќно милениче, робот чистач и уште какви нè роботи. Во следниот број ќе пишуваме повторно за роботите и воедно ќе ги претставиме тие што помагаат во индустријата.