Валентино Роси-ПОСЛЕДНОТО ШОУ НА „ДОКТОРОТ“

29/12/2021

ТРКАТА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА ВАЛЕНСИЈА СО КОЈАШТО БЕШЕ „СПУШТЕНА ЗАВЕСАТА“ ВО СВЕТСКОТО МОТОЦИКЛИСТИЧКО ПРВЕНСТВО, ВОЕДНО ДОНЕСЕ НЕСЕКОЈДНЕВЕН МОМЕНТ, КОГА НА КРАЈОТ ОД ТРКАТА НАМЕСТО ДА ПОИТААТ ДА ИМ ЧЕСТИТААТ НА ПОБЕДНИЦИТЕ, СИТЕ ВОЗАЧИ И ОФИЦИЈАЛНИ ЛИЦА ЗАСТАНАА ДА ГО ПОЗДРАВАТ ДЕВЕТКРАТНИОТ СВЕТСКИ ПРВАК ВАЛЕНТИНО РОСИ, КОЈ СТАВИ ТОЧКА НА СВОЈАТА БЛЕСКАВА КАРИЕРА

 

Минативе сезони бевме сведоци дека од светското првенство во мотоциклизам се пензионираа повеќе успешни возачи, како Кејси Стонер, Дани Педроса, Хорхе Лоренцо и трагично загинатиот Ники Хајден. Сепак, овој пат се беше поинаку. Преполните трибини на автодромот „Рикардо Тормо“ во Валенсија како никогаш претходно беа обоени во жолто, препознатливата боја во имиџот на Валентино Роси. На возраст од 42 години тој порача дека е подготвен да се повлече од активното занимавање со овој спорт, во којшто дебитираше пред нецели 26 години.

Љубителите на статистиката ќе бидат задоволни ако знаат дека во тоа време тој извозе 432 трки, почнувајќи од најниските категории во 1996 година, а по освојувањето на титулите во нив, се вклучи во „кралската класа“ на средината од 2000 година. Оттогаш наваму успеа да го направи славен препознатливиот стартен број 46, којшто всушност го презеде од неговиот татко Грацијано, кој немал толку успешна кариера. Она што малкумина ќе поверуваат дека е коинциденција е фактот дека последната трка на Валентино Роси се случи на14.11.21, при што ако се соберат сите овие цифри се добива збир 46 и сето тоа да нема никаква врска со нумерологијата.

Она што ќе влезе во историјата се неговите победи, вкупно 115, при што не успеа да го достигне рекордот на Џакомо Агостини, кој останува водечки со 122 триумфа. Сепак, Роси е рекордер според времето изминато од неговата прва до неговата последна победа, при што разликата меѓу нив е 20 години и 311 денови. Неговите спектакуларни прослави на шампионските титули му донесоа имиџ на вонсериски забавувач, во чија ера гледаноста на мото трките неколкукратно се зголеми.

Штета е што не ја освоив десеттата титула, бидејќи „десетката“ е убава бројка. Неколку пати бев блиску да ја освојам „десетката“ и сметам дека ја заслужив со мојата брзина и со моето возење, но за несреќа, излезе вака и не можам да се жалам со девет титули, изјави Роси којшто потсети на неславниот судир од 2015 година кога беше казнет поради дуелот со Марк Маркез, па трофејот му припадна на Хорхе Лоренцо. Тоа е можеби најлошиот момент во мојата кариера. Цела сезона имав одлична борба со Хорхе Лоренцо, кој беше мој тимски колега во Јамаха, за на крајот сосема друг возач да одлучи дека јас не треба да ја освојам титулата, а со тоа и да не станам светски шампион по десетти пат,- изјави Роси за медиумите.

Според зборовите на денес 42-годишниот Италијанец негово најголемо ривалство  било она со сонародникот Макс Бјаџи на почетокот од неговото пробивање во „кралската класа“. Потоа дојдоа Стонер и Лоренцо, па оцената на Роси е дека со овие тројца конкуренти трките му биле најинтересни.

Понекогаш јас ќе победев, понекогаш ќе изгубев, но секогаш имавме одлични дуели, наведува Италијанецот кој и во оваа прилика одбегнува да го спомне името на Марк Маркез. Социјалните мрежи еруптираа и многумина го поздравија „Докторот“ на денот на неговата последна трка, користејќи го хаштагот „#GrazieVale“. Меѓу нив беа Том Круз, Кијану Ривс, Луис Хамилтон и Андреа Пирло, додека „феноменот“ Роналдо Назарио се појави во Валенсија за лично да му честита на големиот шампион.

Блиската иднина ќе донесе две нови поглавја во животот на Валентино Роси: едната е трки со ГТ автомобили, и тоа најмногу во првенствата на издржливост во Европа, додека вториот новитет е исчекувањето на првото дете од бракот со неговата партнерка Франческа Софија Новело.

Секогаш сум возел тркачки автомобили, тие се, исто така, моја страст. Почнав со картинг и забавно е да се возат овие коли. Бидејќи сега сум повозрасен, физички ми е полесено. Сакам да останам на патеката, сакам да бидам возач, но да сочекаме. Морам да го согледам мојот потенцијал, ќе мора да се сочека следната година.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.