Твид-ИКОНА НА НЕФОРМАЛНАТА ОБЛЕКА ЗА ЕСЕН

28/11/2024

СО ДОАЃАЊЕТО НА ЕСЕНТА, КОГА ВРЕМЕТО ЗАСТУДУВА, ИЗБОРОТ НА ГАРДЕРОБАТА ПО ПРАВИЛО БИ ТРЕБАЛО ДА ГИ СПОЈУВА ПРАКТИЧНОСТА ИЛИ КОРИСНОСТА (ДА ВЕ ЗАГРЕЕ) И ЕСТЕТИКАТА. БЕЗ СОМНЕВАЊЕ, ТВИДОТ Е ПОЛН ПОГОДОК. ДЕБЕЛАТА ВОЛНЕНА ТКАЕНИНА СО РАЗНОБОЈНИ НИШКИ СЕ НОСИ ВЕЌЕ 2 ВЕКА  СЕКАКО, БЛАГОДАРЕЈЌИ НА ШКОТЛАНЃАНИТЕ

 

Начинот, стилот на облекувањето во голема мера е условен од времето, следствено и просторот или местото (средината), како и да било. Твидот е одличен за есен, зима. Не случајно модата е адаптибилна, спојувајќи ги околностите од кои зависат нештата. Кога се работи за дебелата волнена ткаенина со разнобојни нишки, изборот на Шкотланѓаните, Ирците, Британците воопшто се подразбира. Без исклучок на лицата кои живеат во земјите каде што се протегаат и Алпите, вклучувајќи ја Словенија. Нема дилема, твидот сам по себе се врзува со планинските краеви, поради неговото потекло, а лежерноста му е другото име. Но, тоа не значи дека не се карактеризира со префинетост. Напротив, извонредната финост му е супстанцијална, исто како и отменоста  заокружувајќи ја претставата за неговата елеганција. Независно дали е костум во прашање или јакна, палто или аксесоар.

ВРВНО МАЈСТОРСТВО ВО ТКАЕЊЕТО

Освен што е дебела, волнената ткаенина со разнобојни нишки во исто време се одликува и со рапавост. Груба е поради начинот на ткаењето, независно дали во прашање е рамно, кепер (вид ткаење со карактеристични дијагонални пруги) или пак во форма на рибина коска. Шарките се резултат на различните бои со кои се обојува волната пред усукувањето на нишките. Твидот е модна, т.е. икона на неформалната облека чија цел е да ве заштити од надворешните влијанија. Естетските потреби се разбирливи, дополнувајќи ја. Издржлив е на ниски температури, остар воздух…, отпорноста на влага му е главна црта обично се носи за време на лов, стрелање по што следува и релаксација, опуштање во некој ловечки дом, на пример. Сепак, модните креатори ја проширија неговата употреба, искористувајќи го и за шиење одела, костуми за на работа, во разни пригоди. Аксесоарите не изостануваат во изработката. Производството на дебелата волнена ткаенина со разнобојни нишки е врвно мајсторство, уметност. Некогаш се масовизирало, а денес е ограничено, сведено на мал број мануфактури. Во Шкотска се концентрирани на островот Харис, познат по плажата Ласкентаир, додека во Ирска на поголемата административна територијална единица Донегал.

Изворно, називот на твидот е твил со кој Шкотланѓаните и денденеска го именуваат кеперот, а случајноста е инспирација за неговата приказна што се пренесува од колено на колено, според која некаде во 1831-ва лондончанецот Џејмс Лок, инаку трговец, добил едно писмо за некаков си твил со печат на фирмата „William Watson & Sons“ од Хавик. Нечитливиот ракопис довел до погрешно толкување, прочитал твид по истоимената река што минува низ Англија и Шкотска истото го напишал на стоката, рекламирајќи ја така. Оттогаш е и неговото име.

Активните учесници во општествениот живот се заинтересирале за дебелата волнена ткаенина со разнобојни нишки во 1848-ма, откако принцот Алберт го купил шкотскиот замок Балморал и по него го крстил надалеку прочуениот твид  „балморал“. Од тој момент, големите имоти во планинските области дизајнирале свој, не само за да се разликуваат меѓу себе туку и да се препознаваат во текот на ловот и другите активности.

Популарноста на дебелата волнена ткаенина со разнобојни нишки ја достигна својата врвна точка, па денес од неа се изработуваат и јакни, палта и костуми. Незаобиколно и аксесоари. Првите, без разлика на должината, се одликуваат со практичност, удобни се, топлат и траат долго. Украсните шари, дезените ги карактеризира естетика. Вторите не изискуваат модерен крој, се препорачува класичен  „винтиџ“. Убавината на старото време не може да се надмине. А третите, пак, се одлични за спарување, разноразни комбинации: торби, качкети… Минатото се преплетува со сегашноста.

ДОПАДЛИВОСТА Е И ВО НЕГОВАТА РАЗЛИЧНОСТ

Твидот е достапен во различни видови, а нивната систематизација, класификација се темели врз определени критериуми. Поделбата се заснова и на потеклото, на пример од која овца е добиен, од кое место е, каква е шарата, какво е ткаењето. Харис е заштитен со закон, се произведува на истоимениот остров, дел од архипелагот на северното крајморје во Шкотска. Според законот од 1993 година, твидот „харис“ е дефиниран како рачна изработка на островјаните, ткаен во нивните домови на Хебридите со чиста, девствена волна. Донегал е името на твидот чие производство се наоѓа во истоимениот дистрикт, округ на Ирска и важи за еден од најпознатите во светот, издвојувајќи се со шарите во боите на виножитото. Саксонскиот твид се прави од мерино, првично во Саксонија (покраина во Германија). Ткаенината е мазна, мека. Твидот „рибина коска“ е всушност резултат на кепер ткаењето со прекини, налик на рибината коска и латиничната буква V. Шетланд-твидот се добива од истоимената волна, благодарејќи на овците што се одгледуваат на Шетландските Острови во северна Шкотска. Негова карактеристика е леснината, која бара посебен однос и внимание. Јачменовиот твид бегло потсетува на житното растение, зрната на површината. Динамичен е и рапав. Твидот „шевиот“ се врзува со волнавите овци што се чуваат на шкотскиот граничен појас, во Шевиот Хилс. Груб е, има релативно голема тежина. Напоредно, големи симпатии кај мажите кои држат до себе ужива и ткаењето со дезен во вид на четириаголник со поголема димензија. Бојата секако е контрасна во споредба со основната боја на твидот.

Без оглед на изборот што ќе го направите, внимавајте на спарувањето, комбинирањето со модните додатоци, особено ако се изработени од твид. Не мора да се исти. Допадливоста е и во нивната различност. Не само во боите ами и во украсните шари. Торбата, качкетот нека му контрира на оделото, јакната, палтото  независно дали е кусо, долго. Истото важи и за џебното шамиче, вратоврската, кошулата, плетената блуза… Така ќе ѝ се спротивставите и на меланхолијата или тажното расположение својствено за есента. Во друштво, се разбира. И жените ја претпочитаат, во различни комбинации. Поради висококвалитетните својства, изработувачите на пијана ја користат дебелата волнена ткаенина со разнобојни нишки твидот и како подлога на механизмот во неговата внатрешност, изум на „Danemann“. Во духот на старото време, доста често се употребува и за покривање на гајдите, заменувајќи го тартанот.

 

Игор Ландсберг

ПОВРЗАНИ СТАТИИ