Со најновиот концепт БМВ ја нагласува и објаснува потребата од дигитализација на моторните возила. Концептот „Ај вижн дее концепт“ претставува еден вид дизајн кој во иднина ќе се применува во новите генерации на возила. Тоа „дее“ во името е кратенка од „дигитал емоушнл експериенс“, или во превод производителот сака да каже дека автомобилот е опремен со чудна технологија (панели) која овозможува, по желба на возачот, да се менува бојата на автомобилот или, пак, на одделни панели кои се 240, да се менува обликот и големината на светлата…наутро четвртасти, на пладне кругови, а навечер триаголници или петтоаголници.
Друга боја на каросеријата и друга големина и облик на светлата, тоа веќе е сосема друг автомобил. Посетителите на ЦЕС во Лас Вегас ќе имаат прилика да ја видат оваа „новина“ во режија на БМВ, каде концептот „ај вижн дее“ ќе ја доживее својата светска саемска премиера.
Како што се одвиваат нештата во семејството на БМВ, се чини дека се подготвува нова тројка која треба да ја видиме во 2025 година.
Жарко Атанасоски