Тојота се враќа во најбрзиот циркус и тоа на средина од сезоната 2024. Беше присутен од 2002 до 2009 и тоа со најголем буџет, но резултатите изостанаа. Очигледно некаде „шкрипеше“, нешто не беше како што треба, затоа Тојота се повлече и засега е премногу тешко да се врати со свој тим.
Зошто сега влегува во ф 1? Тојота е гигант во светот на автомобилската индустрија и има развојни планови за 50 години однапред, затоа повторно влегува во ф 1. Тие таму не прават развоен план за неколку месеци или години, туку за најмалку пет – шест десетлетија. Овој пат учеството е од поинаков карактер, односно спортската дивизија Тојота Газу Рејсинг Тим потпиша партнерство со тимот на Хас за техничка поддршка. Ќе се грижи за секој технички детаљ во тимот, а нејзините инженери ќе имаат прилика да бидат директно вклучени во вкупната подготовка и сервисирање на болидите. Заштитниот знак на Тојота веќе е на болидите од тимот на Хас, почнувајќи од трката за ГН на САД, што се возеше во Остин, Тексас.
Со овој потег Тојота обезбедува искуство и знаење кое подоцна ќе биде вградено и во сериските автомобили. Така било отсекогаш, изумите внесени во тркачките автомобили и болидите, сѐ уште се вградуваат во сериските. И не само тоа, туку младите талентирани возачи ќе имаат прилика да влезат во тој најбрз циркус, како на пример Рио Хиракава возач на Тојота во Светскиот шампионат на издржливост, сега е во тимот на Мекларен како резервен возач.
Штом Тојота е повторно во ф 1, нешто подготвува, нешто многу големо, но овој пат тргнува речиси од почеток. Да видиме до каде ќе стаса.