Тојота го обнови својот пикап „хајлукс (хајлакс)“ кој веќе е влезен меѓу легендите од автомобилската индустрија. Редизајнот донесе поагресивен изглед каде доминира предниот дел во кој рељефните површини се забележливи уште од далеку. Тоа кажува за желбата на дизајнерите нивното возило да биде повпечатливо, да се двои од останатите во средината и да „запнува“ за око на секој минувач.
Покрај новите дизајнерски решенија, „тојота хајлукс“ има и нов дизел мотор со зафатнина од 2,8 литри со 204 коњски сили и 500 Нм вртежен момент. Овие два параметри се доволни возилото да забрза од 0 до 100 км/ч за точно 10 секунди, што е повеќе од солиден резултат, ако се има во предвид неговата носивост од еден тон заедно со неговите два тона, вкупно три. Новиот мотор ќе се нуди во изведбата, со продолжена кабина и во изведбата со двојна кабина, со автоматски или обичен шестстепен менувач и тоа само со погон на сите тркала, затоа што некои од изведбите имаат погон 4х2.
Денес овој вид возила сè повеќе ги сретнуваме во градските средини, а производителот соодветно одговара на потребите од купувачите. Затоа конструкторите во обновениот модел од осмата генерација го имаат дотерано подвозјето да биде повеќе накај лимузинско кога се движи по асфалт и истовремено да биде врвно теренско возило кога се наоѓа некаде на планина, долина или некој друг предел. Велат сега возилото е поудобно за возење на асфалт од сите претходни генерации.
Одделот за патниците речиси и да нема нешто што имаат класичните лимузини. Сè што е во служба на удобноста, сè е внатре ставено, така што најдобро е човек добро да се преслуша и дури потоа да одлучи што да купи кога ќе влезе во салонот на Тојота, пикап или лимузина.
„Тојота хајлукс“ за првпат се појавува во 1968 година и со секоја нова генерација ја докажува својата доминација во класата. Го има освоено и Северниот и Јужниот пол, вулканите во Исланд, а во 2019 се закити со титула од релито Дакар.