Ова е втора титула за „јарис“, модел на јапонскиот производител Тојота, а првата ја освои пред 21 година во своето премиерно појавување пред светската јавност. Многумина престижната награда ја гледаа во рацете на фаворизираните конкуренти, но предвидувањата не се остварија – пехарот отиде во земјата на изгрејсонцето, кај Тојота.
Многу големи автомобилски имиња не издржаа при неколкуте предфинални бирања. Најнапред беа пријавни 38 нови модели. Во продолжение следи целосниот список на кандидатите за европската титула „Автомобил на годината“ за 2021 година: „астон мартин дб икс“, „ауди а 3“, „бентли флаинг спур“, „бмв 2 гранд купе“, „бмв 4“, „цитроен ц 4“, „купра форментор“, „дачија сандеро“, „дс 9“, „ферари рома“, „ферари сф 90“, „фиат 500“, „форд експлорер“, „форд куга“, „хонда е“, „хонда џез“, „хјундаи и 10“, „хјундаи и 20“, „хјундаи тусон“, „киа соренто“, „ленд ровер дефендер“, „линк & ко 01“, „мазда м икс 30“, „мерцедес бенц гла“, „мерцедес бенц глб“, „мерцедес бенц глс“, „мерцедес бенц с класа“, „опел мока“, „пежо 2008“, „полстар 2“, „ролс ројс гоуст“, „сеат леон“, „шкода октавија“, „тојота мираи“, „тојота јарис“, „фолксваген кади“, „фолксваген голф“, „фолксваген ид 3“.
Од овие првично пријавени 38 учесници за изборот, списокот се намали на 29 кандидати, односно девет си заминаа од понатамошното учество: „астон мартин дб икс“,„бентли флаинг спур“,„дс 9“, „линк & ко 01“, „опел мока“, „ролс ројс гоуст“,„ферари рома“, „ферари сф 90“, и „фолксваген кади“.
На 7 декември минатата година жирито повторно заседаваше, но овој пат полуфиналните 29 требаше да бидат намалени на седум финалисти. По гласањето беа одбрани седум автомобили кои влегоа во завршниот дел од изборот. Потоа жирито се повлече за повторно да се сретне во Женева на 1 март за да го прогласи победникот. Големата седморка ја сочинуваа: „цитроен ц 4“, „купра форментор“, „фиат 500“, „ленд ровер дефендер, шкода октавија, тојота јарис, „фолксваген ид. 3“. Тогаш се ширеа гласини за малата предност на целосно електричниот „фолксваген ид. 3“ пред останатите конкуренти. Меѓу овие автомобили, единствено „тојота јарис“ и „фиат 500“ претходно се носители на титула, „јарис“ во 2000, а „петстотката“ на Фиат во 2008 година.
Откако жирито ги среди резултатите од гласањето, најмногу собра „тојота јарис“, дури 266, односно за 26 повеќе „фиат 500“, додека третопласираната „купра форментор“ освои 239 бодови, поточно само еден бод помалку од „петстотката“. Фаворизираниот „фолксваген ид 3“ освои 224 бодови и се закотви на четвртото место, а по него следат „шкода октавија“ со 199, „ленд ровер дефендер“ со 164 и на седмото место е „цитроен ц 4“ со 143 бодови. Цитроен со моделот „ц 4“ по втор пат се наоѓа во седумте најдобри, но никако да ја освои титулата, во 2005 беше зад победникот „тојота приус“. Ако се има во предвид дека неговите подмодели „пикасо“ (2007 и 2014) и „кактус“ (2015) беа три пати финалисти, тогаш јасно се надзира упорноста на производителот кој постојано работи на усовршување и подобрување на моделот претставник на класата „ц“ за која владее огромен интерес насекаде во светот.
Како и сите претходни така и четвртата генерација од моделот „јарис“ е типичен претставник на градски автомобил направен на филозофија од „нова тојотина глобална архитектура“, а користи основа од модуларната платформа „га-б“ со што се подобрени динамичките способности на автомобилот, но истовремено е постигната поголема цврстина и сега тежиштето на возилото е пониско. Тоа значи поголема стабилност при сите режими на возење, но и сопирањето е побезбедно, односно нема „поигрување“ на автомобилот при наглите сопирања или се занемарливо мали. Автомобилот е правен под надзор на главниот конструктор Јасунори Суезава кој пред сè посветил големо внимание на економичноста, безбедноста, просторноста и удобноста, употребливоста и секако возните особини и способностите на возилото.
Обликот на новит „јарис“ е дело на хрватскиот дизајнер Марио Мајданџиќ, главен во одделот за надворешен дизајн. Негови се првичните линии, скици и цртежи направени во европското студио „ЕД 2“ на Тојота, а дури потоа завршните детали ги создава неговиот колега Такајуки Накаџима. Новиот, односно наградениот „јарис“ е задвижуван од 1,0, 1,5 и 1,6 литарски мотори со внатрешно согорување и сето тоа во хибридна изведба. Понудата од погонски единици зависи од тоа за кои пазари се наменети возилата. Должината на новиот „јарис“ изнесува 3.940 мм, ширина 1.745 и висина 1.740 мм, додека меѓуоскиното растојание изнесува 2.560 мм. Автомобилот се произведува во три фабрики, две во Јапонија и француската во местото Онаинг.
Моделот „јарис“ за првпат ја освои престижната европска титула во 2000 година, при своето премиерно појавување пред светот, а дојде во семејството како замена за некогаш многу популарниот модел „старлет“.