TOYOTA GR86 RALLY-РЕЛИ ВО СРЦЕТО И ДУШАТА

15/11/2024

Саемот СЕМА е место каде производителите на автомoбили ги прикажуваат своите достигнувања, на пример поединците и малите работилници се фалат со своите фризирани автомобили кои најчесто се многу побрзи од тие што излегле од фабриките. Многу концепти беа прикажани, како на пример тие во сопственост на Тојота, а меѓу нив и „гр 86 рели легаси концепт“. На времето, кога Тојота жареше и палеше во Светскиот шампионат во рели, имаше еден модел кој по многу нешта беше привлечен, не само за рели тимовите, туку и за публиката. Зборуваме за „тојота селика гт 4 рели“ од ’90 години од минатиот век. Во чест на тоа легендарно купе, производителот подготви концепт на основа од моделот „гр 86“, исто така купе. За стандардниот „гр 86“ да добие рели особини, мораше да се изведат неколку поправки, како во предниот дел, така и задниот. Корекциите беа неопходни за да биде вграден погонот на сите тркала и да го вградат турбо моторот. Таа движечка механичка направа поседува три цилиндри во линија со зафатнина од 1,5 л способна да произведе зачудувачки 300 КС со помош на турбо полначот. Спомнатиот мотор е позајмен од моделот „гр корола“. Преведено со речникот на математичарите, тоа се огромни 200 КС на еден литар зафатнина.

Сѐ е во знакот на некогашниот рели автомобил, дури и боите: бела, зелена и црвена. Овој потфат го прави одделот на Тојота во САД од три причини, првата е преголемата страст (и носталгија) на Тојота кон рели натпреварите, втората е вербата дека еден ден Светското првенство во рели ќе се врати во САД, а третата е да се испочитуваат успесите на претходно споменатиот автомобил „тојота селика гт 4 рели“.

Концептот како концепт ќе биде изложен во некој музеј на Тојота, тоа е сигурно, но прашањето не е кога, туку дали воопшто Светскиот шампионат во рели ќе се врати на тлото од САД.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ