TOYOTA BZ5-НАЈНОВ ЕЛЕКТРИЧЕН „СУВ“ НА ТОЈОТА

16/05/2025

И додека едните не можат да приметат каде грешат, другите си ја тераат работата и тоа на големо. Како тоа на едните да не им оди продажбата со електричните автомобили, а на другите да им „цветаат рози“? Малку е чудна сета оваа автомобилска „каша“, затоа што кај Кинезите електрификацијата на автомобилите и нивната продажба оди сосема добро, но на континентов и преку „големата вода“, некои работи многу „шкрипат“ – неколку фабрики го истенчија производството затоа што продажбата на електромобилите не оди според планот.

Тоа е така некаде, но не кај Тојота (и Кина). Овој производител најави доаѓање на околу 10 електрични возила, а едно од нив е сув моделот „бз 5“, прикажан на Салонот за автомобили во Шангај. Возилото има допадлив дизајн, современ, во него има вградено многу нови технолошки решенија, располага со пријатна внатрешност во која патниците ќе уживаат додека се возат. „Тојота бз 5“ засега ќе се продава само на кинескиот пазар, а дали ќе излезе оттаму, сѐ уште е загатка. Спомнатиот „сув“ е продолжение на филозофијата „бијанд зеро“. Набљудувајќи ги двата модели истовремено, слободно можеме да кажеме дека Кина располага со врвни обликувачи на автомобили. Точно е дека Тојота е во прашање, но да не заборавиме да кажеме дека моделите „бз 5“ и „бз 3“ се создадени од кинеската компанија ФАВ Тојота Мотор.

Должината на „тојота бз 5“ или („бз 5 икс“) е скоро пет метри, односно точно 4,78 м, димензија која гарантира солидна удобност за петмина возрасни. А ако ги спомнеме висината од 1.510 мм и ширина од 1.866 мм, сигурно ви станува јасно дека „бз 5“ со растојание меѓу оските од 2.880 мм нуди многу простор во одделот за патниците. Дали возилото можело да биде полесно? „Тојота бз 5“ поседува точно 1.920 кг. Колку едно електрично возило може да биде полесно, тоа е задача на конструкторите, но повеќе од јасно е дека помалку килограми гарантираат повеќе изминати километри, поголема стабилност и помало трошење на сите витални делови на автомобилот.

„Тојота бз 5“ за првпат се појави пред светската јавност на крајот од април на годинашниов Салон за автомобили што се одржа во Шангај – еден од најголемата петорка во светот. Засега возилото има само еден мотор со силина од 272 коњи и можност да одберете една од двете батерии во понудата, првата со 65, а другата со 74 kWh, доволни за изминување 550, односно 630 км. Првите примероци се очекуваат да влезат во продажни места во втората половина од годинава или на почетокот од 2026 год.

 

Жарко Атанасоски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.