TOYOTA AYGO X-УРБАНИОТ АВАНТУРИСТ Е ДОСТАПЕН ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КУПУВАЧИ

09/05/2022

AYGO X Е НОВАТА ВИЗИЈА НА TOYOTA ЗА АВАНТУРИСТИЧКИ ГРАДСКИ АВТОМОБИЛ ШТО НАСТАПУВА НА ПАЗАРОТ КАКО НАСЛЕДНИК НА „ОБИЧНИОТ“ AYGO КОЈ ЗАМИНУВА ВО ЗАСЛУЖЕНА ПЕНЗИЈА

 

За разлика од неговите „роднини“ со кои ја делеше платформата и продукциската линија, моделите  Citroen C1 и Peugeot 107, Toyota одлучи да го задржи малиот, градски автомобил во понудата, но подготви порадикален пристап за новата генерација која сега пристигна и на македонскиот пазар. Како еден од малкуте преостанати производители кои сè уште инвестираат во А-сегментот, Toyota реши да им понуди на европските купувачи „компактен урбан кросовер“. Концептот е дизајниран во Франција, а продукциската верзија е развиена во Европа. Дизајнерите на Toyota завршија одлична работа трансферирајќи го дизајнот од концептот на продукцискиот модел и конечниот резултат на Aygo X е навистина одличен. За разлика од своите претходници, целосно новиот Aygo X е базиран на сопствената GA-B платформа на Toyota на која, исто така, се поставени и Yaris и Yaris Cross.

Секако, станува збор за најкомпактниот модел во опсегот на Toyota со должина од 3.700, ширина од 1.740, висина од 1.525 и меѓуоскино растојание од 2.430 милиметри. Новата платформа носи поголем отпечаток, со дури 235 милиметри поголема должина од претходно, а тоа резултира со поголем простор за задните патници и поголем багажник, чиј капацитет сега изнесува 231 литари. Кросоверскиот изглед е нагласен благодарение на пластичните заштити над тркалата, што се совпаѓа со двобојниот третман на извајано тело. Full LED фаровите и задните светла имаат модерни графики, додека формата на страничните прозорци додава и спортски микс во конечната изведба. Aygo X добива некои одважни бои како Cardamon, Chilli, Ginger и Juniper, сите комбинирани со црна боја на Б-столбовите, покривот и задниот дел. Дизајнот на ентериерот е насочен кон помладата популација.

Фокусот е ставен на 9-инчен екран на допир со Toyota Smart Connect инфозабавниот систем, бежични унапредувања и „клауд“ навигација. Тука е и трикракиот управувач со интегрирани копчиња, мал екран на инструменталниот кластер, амбиенталното осветлување и JBL аудио систем. Возачкото седиште е поставено повисоко во однос на претходникот модел со што е унапредена прегледноста. Новиот Aygo X пристигнува со само една опција за погонот и тоа со природно аспирираниот 1,0-литарски трицилиндерски бензинец кој испорачува 72 КС и 93 Nm максимален вртежен момент. Моторот пристигнува во комбинација со петстепен мануелен менувач или S-CVT автоматик кои ја испраќаат моќност до предните тркала. На македонскиот пазар новиот Aygo X ќе се нуди во четири нивоа на опременост: Joy, Play, Pulse и Envy, а почетната цена изнесува 13.490 евра.

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.