НА ПАРИСКИОТ „МЕСОН ЕТ ОБЈЕТ“, ЊУЈОРШКИОТ „НАУ“, СТОКХОЛМСКИОТ „САЕМ НА МЕБЕЛ“, „АМБИЕНТ“ ВО ФРАНКФУРТ НА МАЈНА , „МИЛАНСКИОТ САЕМ“ , ТОМ ДИКСОН ГИ ПРИКАЖА СВОИТЕ НОВИТЕТИ ИЗЛОЖЕНИ НА ШТАНДОВИТЕ ЧИЈА ПОСЕТЕНОСТ ГИ НАДМИНА СИТЕ ОЧЕКУВАЊА, А ПУБЛИКАТА СЕ ВООДУШЕВИ ОД НИВНАТА УБАВИНА.
Неговите пријатели и соработници велат дека Том Диксон е приказна за себе, нешто посебно кога се работи за декорирање на просторот. Ентериеристите не можат да си ја замислат работата без мебел, светилка, украс што има етикета на која е потпишан Британецот, родум од Тунис. Името на педесет и деветгодишниот дизајнер е, всушност, синоним на еклектизмот во индустриското производство, чиј животен пат бил трнлив. Почнал како заварувач, швајсер на мотоцикли што ги купувал на отпад. Но, работите се промениле кога миланската фирма „Капелини“, сопственост на Џулио, го откупил авторското право на столот во форма на буквата „Ѕ“ и почнала масовно да го призведува. Имало голем интерес, нарачките пристигнувале отсекаде. Тогаш се овенчал со слава.
НЕСУДЕНИОТ МУЗИЧАР ЗАВАРУВАЛ ОШТЕТЕНИ МОТОЦИКЛИ
Талентот за дизајнирање, за оформување производи што го задоволуваат барањето на купувачите, нивните вкусови и желби, го забележал случајно додека заварувал, швајсувал мотоцикли, кои биле оштетени, стари. Неговите пријатели, со кои ја делел страста кон мотоциклизмот, велат дека немало потреба од нови моторни возила на две тркала, да се изложуваат на додатни трошоци, бидејќи Том правел чуда, од ништо и за евтини пари.
Диксон почнал да се занимава со заварување, швајсување, откако добил тешка повреда на ногата, при падот на улица, од мотоциклот. Го засакал толку што му станало преокупација. Дури и ја напуштил групата „Фанкиполитан“ што ја формирал во Лондон, како ученик на „Холанд парк скул“, и која настапувала со дископанк-музика. Во 1980-тите почнал да изработува мебел (рачно), спојувајќи метални делови со силно загревање, кое набрзо му станало, исто така, пасија. Тогаш го направил столот што Капелини го бендисал и му понудил добра цена, која била доста висока и дејствувала мотивирачки. Том ја при фатил понудата за соработка од причина што немал друг избор, му требале пари. Џулио навреме го забележал творечкиот потенцијал на младиот заварувач, верувал во неговата дарба и знаел дека ќе успее, кога-тогаш.
За кратко време дизајнерскиот анонимус Диксон станал бренд. Ја основал компанијата „Еуро лаунџ“, ги заштитил авторските права, маркирајќи ги производите и… неговото име денес е синоним на еклектицизмот во индустрискиот дизајн. Мебелот, светилките и украсите ги има во ексклузивните продавници за декорација на ентериери во многу земји од светот. Во меѓувреме шефувал на одделенијата за дизајн во мануфактурите „Хабитат“ и „Артек“, едната во Британија, другата во Финска.
БРИТАНСКОТО КУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО НЕПРЕСУШЕН ИЗВОР
Во 2001 година Том Диксон ја доби ОБЕ („Ордер оф д Бритиш Емпајр“), наградата за придонес во дизајнот. Потоа стана почесен доктор на Бирмингенскиот универзитет, по одбраната на дисертацијата во 2004-та. Книгата „Ди интериор ворлд оф Том Диксон“ ја издаде во 2008 година. Во наредната, 2009-та, имаше две инсталации. Едната, насловена „Вев клико“, која се состоеше од петстотини лустери, беше поставена на „Салоне интернационале дел мобиле ди Милано“, а другата – на док, во рамките на „Лондон дизајн фестивал“, кога ги промовираше новитетите. Неколку години учествува на „Месон ет објет“, со штанд. Големата посетеност ја потврдуваат неговата вредност, уметничка дарба, како и желбата на гостите да видат што е ново, да го имаат…
Таму ја презентираше и колекцијата „Еклектик“, која опфаќа сè, од опрема за домаќинство до украси, дреболии што можат и да се подаруваат. Изработката е квалитетна, совршена, од бакар, леено железо, мермер и месинг. Во 2013 г. ја објави книгата „Диксонери“. И перниците (со Жозефин Ортега) од минатогодишната колекција „Супер текстура“ го привлекоа вниманието на јавноста, и стручната и пошироката, вклучувајќи ги и теписите пред неколку години, чии апстрактните дезени и бои што изгледаат провидно ги опишуваат како триангуларни зраци светлина. Британското културно наследство му е непресушен извор на вдахновение. Така беше и кога ја подготвуваше колекцијата „Ког“ (забец, клин) за парискиот саем. Тогаш употреби материјали како дрво, кожа, плута и сл. Така е и кога декорира барови, резиденции, ресторани, хотели…Творечката работа на Том Диксон буди чувства од причина што внесува емоции. Иако важи за работен човек – воркохоличар, семејната среќа го исполнува со радост. Живее во Лондон. Ги сака прошетките до блиските паркови, со домашниот миленик, кои му влијаат позитивно, инспирирајќи го да создаде нешто ново, уште поинтересно, понеобично, попривлечно, попримамливо, на задоволство на купувачите.