НАБРЗО ПО СВЕТСКАТА ПРЕМИЕРА, НОВИОТ ЛУКСУЗЕН КРОСОВЕР LEXUS NX ВО СВОЈАТА ВТОРА ГЕНЕРАЦИЈА ОТСЕГА Е ДОСТАПЕН И ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КУПУВАЧИ. ВО ПОНУДАТА СЕ ДВЕ ПОГОНСКИ ЕДИНИЦИ, Т.Н КЛАСИЧЕН ХИБРИД ОПРЕМЕН СО „SELFCHARGINGHYBRID“ ТЕХНОЛОГИЈА И ВО „PLUG-IN“ ХИБРИДНА ИЗВЕДБА НА СИСТЕМОТ
Моделот Lexus NX сега пристигнува со сосема нов дизајн и целосно нова предница на која се истакнува ревидираната решетка, благодарение на која автомобилот добива нов и свеж изглед. Променет е и остатокот на каросеријата, па така на задниот дел се истакнуваат LED светлата кои се протегаат низ целата должина на задницата. Ентериерот има целосно нов изглед и материјали со далеку повисок квалитет од претходно и модерен дизајн. Зад управувачот се наоѓа 7-инчниот дигитален инструмент кластер, а до него е поставен 9,8-инчниот екран на допир кој функционира со најновата генерација на инфозабавниот систем Lexus Link Connect.
Во понудата е и поголемиот 14-инчен екран на допир. Димензиите на кросоверот се минимално променети, па така ширината и должината е зголемена за два сантиметри, односно сега Lexus NX е 4.660 милиметри долг и 1.865 милиметри широк, додека висината изнесува 1.650 милиметри. Меѓуоскиното растојание е зголемено на 2.690 милиметри, а поголемите димензии се благодарение на модуларната GA-K (TNGA) платформа.
ОТСЕГА И СО „PLUG IN“ ИЗВЕДБА
Купувачите кај нас можат да изберат една од двете понудени хибридни опции Основата во понудата е моделот NX 350h погонуван од 2,5-литарскиот атмосферски мотор и електромотор, а за трансмисијата е задолжен електромеханичкиот варијатор. Стандардно кај овој модел погонот е на сите четири тркала, а неговата моќноста изнесува максимални 244 КС. На врвот во понудата е NX 450h+ кој е првиот plug-in хибриден модел на Lexus. Вкупната системска моќ на оваа варијанта изнесува 306 КС. Во чисто електричен режим на работа Lexus NX може да помине преку 90 километри во градски услови, додека на отворен пат може да се движи само на електро погон до максимали 135 километри на час. Сето ова е возможно благодарение на дарежливиот батериски систем кој располага со капацитет од 18.1 kWh. Системот на пренос на силата на сите четири тркала е перманентен и покрај тоа што ниту една верзија на поседува диференцијал, што значи дека кај овие хибриди задниот електромотор се вклучува при секое поаѓање. Цените на македонскиот пазар стартуваат од 49.990 евра за „класичниот“ хибриден модел NX 350h, односно 69.990 евра за „plug-in“ хибридната верзија NX 450h+.