Тест: Peugeot 208 GT Line-СПИРИТУАЛЕН НАСЛЕДНИК

29/11/2021

ИСТОРИЈАТА НА ФРАНЦУСКАТА КОМПАНИЈА ОТКРИВА ДЕКА СУБКОМПАКТНИТЕ МОДЕЛИ СЕКОГАШ ИМАЛЕ ПОСЕБНО ЗНАЧЕЊЕ ВО ПОРТФОЛИОТО НА МАРКАТА. СЕТЕТЕ СЕ САМО НА МОДЕЛОТ 205 GTI И ТРАГАТА КОЈА ЈА ОСТАВИ ВО АВТОМОБИЛСКИОТ СВЕТ. ВО ОВАА ПРИЛИКА ИМАВМЕ МОЖНОСТ ДА СЕ ДРУЖИМЕ ТОКМУ СО НЕГОВИОТ СПИРИТУАЛЕН НАСЛЕДНИК, МОДЕЛОТ PEUGEOT 208 GT LINE КОЈ ВЕШТО ГИ ИНКОРПОРИРА ГЕНИТЕ НА СВОЈОТ ДАЛЕЧЕН ПРЕДОК ВО МОДЕРНО ИНТЕРПРЕТИРАНА ВЕРЗИЈА

 

Со новата генерација на моделот 208 првпат се дружевме со неговата целосно електрична изведба, преку која компанијата покажа дека отсега во гамата има за секого по нешто (бензинска, дизелска и електрична верзија). Иако слични по моќ, GT Line верзијата истата ја добива од мотор со внатрешно согорување.

АКЦЕНТИРАНИ ПРЕДНОСТИ

При обликувањето на екстериерот дизајнерите користеле елементи кои асоцираат на неговиот далечен предок, моделот 205, а во исто време совршено го имплементирале правецот на градење кој во последниве неколку години е карактеристичен за Peugeot. Темната лента над задната врата и ознаката потекнува од познатата 205-ка, исто така, во предниот дел Peugeot го комбинираше минатото со сегашноста.

Означувањето на типот на поклопецот од агрегатот и логото на лавот во решетката датира од седумдесеттите години на минатиот век, додека, пак, „забите“ што навлегуваат во браникот се детали од новото време. Јасно влечените линии и речиси совршените пропорции со одлично одмерен карактер го прават 208 посебен, особено во GT Line пакетот кој додава елементи од сјајна црна пластика над отворите на тркалата, леснометални бандажи со машински финиш и димензија од 17 инчи, и секако двојните цевки на издувниот систем на задниот дел.

Сè на сè, надворешниот стајлинг кој го поседува оваа изведба не може да ве остави рамнодушни, речиси да нема конкурент во оваа класа што може да го победи кога стајлингот е во прашање, едноставно 208 стокмен на овој начин е естетски лидер за што особено голема улога игра впечатливата црвена боја, за која може да потврдиме дека во живо изгледа навистина фантастично.

СПОРТСКА НОТА И ВИСОКА ТЕХНОЛОГИЈА

Кабината кај моделот 208 е нешто сосема различно од она што сме навикнати да го сретнеме во овој сегмент, дополнително на сè, тука се и деталите од пакетот GT Line. Распоредот и амбиентот создаваат чувство кое е на врвот на класата, ова е навистина квалитетно место каде што времето поминато зад управувачот носи насмевка на лицето. Дел од тоа се должи на најновата генерација на i-Cockpit системот во 3D изведба со што сите најважни информации се прикажани во прв план како холограм и невообичаено малиот управувач т.е. спортски управувач со форма која идеално лежи во раце.

Во склоп на дигитализацијата доаѓа и инфозабавниот систем од 10 инчи, што лесно се поврзува со системите на водечките Android Auto и Apple Car Play. Управувањето со функциите е изведено преку клавирските типки кои се логички поставени и имаат предодредена улога за брз пристап до една од функциите.

Лицата кои се сместени на предниот дел уживаат максимален комфор во кожните спортски седишта, додека оние што се наоѓаат во задниот дел имаат релативно ограничен простор, особено во делот на колената. Сепак, во оваа конфигурација голем плус додава стаклениот дел кој се протега по речиси целата должина на кровот. Така што лицата сместени на задната клупа ќе немаат многу поплаки во делот на панорамскиот поглед. Во оваа класа багажниот простор игра особено важна улога, тука Peugeot 208 настапува со волумен од 310 литри во основната конфигурација, а со соборување на задните деливи седишта се ослободува место за максимални 1.106 литри.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: TУРБО БЕНЗИНСКИ
ЗАФАТНИНА: 1.199 СМ3
МОЌНОСТ: 96 kW – 130 КС
МЕНУВАЧ: АВТОМАТСКИ СО 6 СТЕПЕНИ
НА ПРЕНОС
ПОГОН: НА ПРЕДНИТЕ ТРКАЛА
ОБЕСУВАЊЕ НА
ТРКАЛА:
НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: ТОРЗИОНА ОСКА
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 205/45 R17,
ПОЗАДИ 205/45 R17
МАСА НА
ВОЗИЛОТО:
1.158 КГ
ДИМЕНЗИИ: Д/Ш/В: 4.055X1.745 X1.430 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
8.7 СЕКУНДИ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
208 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ
МОДЕЛ:
24.100 ЕВРА

ЗАБАВАТА МОЖЕ ДА ЗАПОЧНЕ

Моделот 208 GT Line со кој се дружевме ja поседуваше најмоќната конфигурација со 130 КС, истите доаѓаат како производ на моторот со зафатнина од 1.2 литри кој се смета за еден од најдобрите трицилиндрични единици во моментов. Се одликува со мазно работење без разлика дали е на ниски или високи вртежи, речиси комплетно се анулирани вибрациите и секогаш е подготвен силно да повлече, нескриено покажувајќи ги своите спортски аспирации. Задолжен за трансмисијата е 6 степениот автоматски менувач кој нуди опција и за мануелно менување на брзините. Карактерот што го поседува овој мал турбо агрегат со 230 Нм влечна сила сам по себе наметнува возбудливо доживување зад управувачот.

Перформансите кои ги испорачува се повеќе од достојни за класата, забрзувањето до 100 км/ч трае 8.7 секунди, а максималната брзина е во зоната од 210 км/ч. Иако е доста моќен, економичноста е неговата јака страна, сепак не ја постигнавме декларираната потрошувачка, во нашите раце моделот 208 GT Line трошеше во просек малку под 7 литри на секои 100 изминати километри.

Вредно е да се напомене дека овој двигател како и останатите од понудата се со ниско ниво на штетни издувни гасови и се квалификуваат во Euro 6.2 нормата. Автомобилот со оваа моќност и малку потврда суспензија поставен на тркала од 17 инчи делува доста рафинирано во секојдневната рутина.

Во свијоци е максимално сконцентриран, се држи смирено, реагира агилно и пред сè забавно што е една од неговите главни карактеристики.

Кај Peugeot 208 очигледна е поврзаноста и намерата на целиот тим во компанијата за враќање на аурата која неговиот легендарен предок ја постави како „бенчмарк“. Сепак, GT Line пакетот пред сè се однесува на дотерувања кои не се поврзани со двигателот, така што оваа конфигурација е нешто најблиску што во денешно време може да се добие од „хот хеч“ програмата на француската марка.

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ