Тест Land Cruiser 2.8 D-4D 8 Aut Executive-НОВО ПОГЛАВЈЕ

11/07/2025

НОВИОТ LAND CRUISER, ПОКРАЈ НАДГРАДЕНИТЕ ТЕРЕНСКИ СПОСОБНОСТИ ПО КОИ ОТСЕКОГАШ БИЛ ПРЕПОЗНАТЛИВ, СЕГА НУДИ И ЗНАЧИТЕЛНО ПОСОФИСТИЦИРАНО ОДНЕСУВАЊЕ НА АСФАЛТ. СЕТО ТОА Е ЗАОКРУЖЕНО СО ДИЗАЈН ИНСПИРИРАН ОД БОГАТО НАСЛЕДСТВО И ЕНТЕРИЕР ШТО УМЕШНО ЈА СПОЈУВА ФУНКЦИОНАЛНАТА ЕДНОСТАВНОСТ СО СОВРЕМЕНИТЕ ТЕХНОЛОГИИ

 

Кога ќе се спомне името Land Cruiser, веднаш се помислува на робусност, сигурност и бескомпромисна теренска способност. Овој легендарен модел, со историја долга над седум децении, го има освоено секој континент и секоја подлога, од огромни пустини до највисоки планинските предели. Кај новата генерација, Toyota ја комбинира проверената ДНК со современи технологии, порафиниран пристап и доза на урбана елеганција. Ова е модел кој не само што продолжува таму каде што претходникот застана, туку и ја отвора вратата за нова генерација на авантуристи, професионалци и семејства што сакаат доверба без компромис.

МОДЕРЕН ИЗГЛЕД СО ПОЧИТ КОН НАСЛЕДСТВОТО

Дизајнот на новиот Land Cruiser претставува успешен баланс помеѓу традицијата и современата естетика, што е забележливо на прв поглед. Силуетата ја задржува коцкастата, мускулеста форма која потсетува на култните серии 40 и 70, но со значително порафиниран пристап. Предниот дел е дефиниран со широка, вертикално поставена маска, која сега носи квадратни LED светлосни групи инспирирани од иконскиот дизајн на серијата 40. Логото на марката е поставено централно и гордо сведочи за потеклото и припадноста. Капакот на моторот е долг и хоризонтален, со остри рабови што создаваат чувство на масивност и сигурност. Ветробранското стакло е исправено, кое освен што придонесува за ретро изглед, истовремено ја подобрува и прегледноста во теренски услови. Од страна, најмногу доаѓа до израз долгата, рамна линија на покривот. Квадратните стакла, засилени со изразени рабови и црна рамка, дополнително го акцентираат класичниот профил. Вратите имаат јасно исцртани рамки, а долниот дел е заштитен со пластични облоги, кои не се само декоративен елемент туку нудат реална заштита при „off-road“ возење. Посебно внимание заслужуваат трапезоидните заштитни лакови на тркалата, обложени со мат црна пластика, кои визуелно ја прошируваат каросеријата и ја потенцираат неговата физичка подготвеност. Под нив се сместени 18 инчни алуминиумски фелни со гуми чии димензии од 265/65, се уште една потврда дека стилот и функционалноста одат рака под рака.

Задниот дел е минималистички, но со јасна порака. Светлосните групи се вертикални и едноставни, без непотребни украси, а големиот натпис на компанијата по средината на багажникот претставува омаж на ретро моделите. Под браникот се наоѓа изразена заштита на подвозјето, што не остава сомнеж за неговата теренска ориентација.

СОВРЕМЕНА ФУНКЦИОНАЛНОСТ

Ентериерот на Land Cruiser верно ја одразува неговата двојна природа, груб и непопустлив теренец однадвор, но со рафинирано и промислено уредена внатрешност што обезбедува комфор и интуитивна функционалност на подолги патувања. Во внатрешноста преовладува практичниот и робустен дизајн, но не на сметка на квалитетот. Toyota се одлучила за издржливи материјали кои можат да издржат сериозна употреба, а сепак оставаат пријатен и премиум впечаток. Распоредот на елементите е строго логичен и фокусиран на леснотија при користење. Командите се големи, механички и интуитивни, дизајнирани да може да се ракува со нив и со ракавици, што е повеќе од добредојдено за ентузијастите кои Land Cruiser го користат за неговата примарна, теренска намена. Контролните копчиња за блокади, режими за теренско возење, менување високи/ниски преноси и другите функции се сместени близу менувачот, јасно означени и лесно достапни во движење. Во центарот на контролната табла се наоѓа 12.3-инчен мултимедијален екран, со нов интерфејс што реагира брзо и е лесен за користење. Поддршката за Apple CarPlay и Android Auto е веќе стандардна, и овозможува безжично поврзување. Системот е прилагоден и за потребите на offroad ентузијастите, каде камерите со поглед од 360 степени креираат слика која покажува што се наоѓа под возилото, функција која на возачот во голема мерка му помага при совладување на пречки вон асфалтната подлога. Под екранот има физички команди за клима уредот, што е значаен плус во време кога сè се сведува на дигитални менија. Возачката позиција е висока и доминантна, со одлична видливост, а ветробранското стакло е поставено вертикално, што помага за чувство на отворен простор. На задната клупа има впечатливо голема количина простор и за главата и за колената на сите три позиции. Багажниот простор е конфигурабилен во зависност кои се вашите моментални потреби, варијацијата се движи од огромен-комбиевски до нормаленхечбек волумен. Лесно пристапен, со рамна товарна површина и можност од него да се извлечат дополнителни две седишата кои се на преклопување, а кога не се користат незабележливо „потонуваат“ во багажникот со што се добиваат 571 литри во конфигурација со 5 седишта.

ТЕХНИЧКИ КАРАКТЕРИСТИКИ НА ВОЗИЛОТО

МОТОР: ЧЕТИРЦИЛИНДРИЧЕН
ТУРБО ДИЗЕЛ
ЗАФАТНИНА: 2.755CM3
МОЌНОСТ НА
АГРЕГАТОТ:
204 КС при 3.400 врт/мин
МЕНУВАЧ: 8 СТЕПЕН АВТОМАТСКИ МЕНУВАЧ
ПОГОН: НА СИТЕ ЧЕТИРИ ТРКАЛА
ПОТПИРАЊЕ НА ТРКАЛА: НАПРЕД: MCPHERSON
НАЗАД: MULTILINK
СОПИРАЧКИ: НАПРЕД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
НАЗАД: ВЕНТИЛИРАЧКИ ДИСКОВИ
ГУМИ: НАПРЕД 265/65 R18,
ПОЗАДИ 265/65 R1
МАСА НА ВОЗИЛОТО: 2.325 КГ
ДИМЕНЗИИ:
Д/Ш/В:
4.925Х1.980Х1.935 ММ
ЗАБРЗУВАЊЕ ОД
0 ДО 100 КМ/Ч:
9.5 СЕКУНДИ
ПРОСЕЧНА
ПОТРОШУВАЧКА:
9.1 ЛИТ/100 КМ
МАКСИМАЛНА
БРЗИНА:
175 КМ/Ч
ЦЕНА НА
ТЕСТИРАНИОТ МОДЕЛ:
95.290 ЕВРА

 

ИНСПИРИРА САМОДОВЕРБА

Во својата најнова итерација, Land Cruiser останува верен на корените и механичките принципи кои го прославија низ децениите, но истовремено прави чекор напред со имплементација на современи технологии што му даваат на возачот повеќе прецизност, сигурност и софистицираност во возењето, без да се изгуби теренската душа. Во срцето на возилото работи добро познатиот, но унапреден 2.8-литарски четирицилиндричен турбодизел агрегат, кој сега испорачува 204 КС и 500 Nm вртежен момент, веќе достапни од ниски 1.600 вртежи во минута. Благодарение на оптимизираниот турбополнач и подобреното вбризгување, моторот реагира побрзо и работи посмирено. Во прилог оди и поврзаноста со осумстепен автоматски менувач, кој менува незабележливо и интелигентно го користи распонот на вртежниот момент. Покрај својата масивност и теренска ориентација, Land Cruiser изненадува со економичноста. За време на тестот, просечната потрошувачка на гориво не премина 10,5 литри дизел на 100 километри, резултат што е навистина респектабилен за возило со вакви димензии, тежина од преку 2.300 килограми и сериозни погонски карактеристики. Забрзувањето до 100 км/ч за помалку од 10 секунди и крајната брзина од 175 км/ч се податоци на солидни постигнувања, но никогаш не се во прв план кај овој тип на возила. Новата генерација ја користи платформата GAF, развиена за поголемиот брат од „серијата 300“, која останува верна на традиционалната конструкција. Она што е ново е начинот на кој е изработена, марката имплементира напредни техники за зајакнување околу критичните делови на каросеријата. Како резултат е добиена 50% поголема торзиона крутост на рамата и 30% поцврста структура на целото возило, што директно се одразува во подобра стабилност, прецизност и рафинираност при возење. Редизајнираната суспензија ја подобрува стабилноста и комфорот на асфалт, но без компромис за теренските способности. Во моментот кога Land Cruiser ја напушта асфалтната патека, тогаш до израз доаѓа неговата вистинска природа. Со перманентен погон на сите тркала, централен и заден блокирачки диференцијал, како и интелигентни системи за помош како, „Crawl Control“ и „Downhill Assist Control“, делува на начин што и најпредизвикувачките терени да изгледаат како лесна прошетка. Дури и возачи без многу искуство во „off-road“ услови брзо ќе стекнат доверба, благодарение на интуитивните системи кои работат во позадина. Во целиот процес голема заслуга имаат и 215- те милиметри оддалеченост од тлото, како и аглите на пристапување и отстапување од 32 и 22 степени, лесно се справува со препреките, без непотребни контакти со подлогата.

Новата генерација на Land Cruiser не е создадена да ги следи трендовите, туку да продолжи со својата мисија, да биде незапирлив и да опстане таму каде другите се откажуваат. Серијата 250 не се менува за да стане допадлива, туку се надградува за да остане верна на себе. Токму затоа и останува вистински Land Cruiser како што го паметиме низ децениите.

 

 

Данчо Здравковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.