Кај нас Тата не е марка со традиција, но затоа на Блискиот, Средниот и Далечниот Исток има солидно присуство и продажба која од година во година бележи пораст. Тата потекнува од Индија и нејзината филозофија е да ја моторизира целата земја, како што некогаш тоа го правеа Фиат и Ламборџини во повоена Италија.
Најновото чедо на четири тркала од Тата е наречено „пунч“, мало „сув“ возило кое треба да влезе во битка со конкуренцијата која подолго време е присутна на пазарот, како на пример: „махиндра кув 100“, „рено квид“, „сузуки ињис“, „хјундаи каспер“, „цитроен ц 3“ и останатите од класата. Малите сув возила бележат голема популарност и затоа производителите тргнуваат во таа насока, односно конструираат тоа што бараат купувачите.
„Тата пунч“ не е само конкурент на спомнатите модели, туку е водечки со цената гледано од пониска кон повисока. За основниот модел треба да платите само 7.300 долари. Оваа цена е повеќе од примамлива за возило со 1,2 литарски трицилиндричен мотор со 86 КС и должина од дури 3,83 метри. За таа цена „тата пунч“ и овде ќе биде најпосакуваното и најпродаваното возило, а челниците очекуваат возилото да се продаде во милионски тираж на домашниот пазар.
Колку што е возилото евтино, истото уште повеќе е употребливо. Според официјалните технички податоци возилото може да совлада агол на приоѓање кон нагорнина не поголем од 20,3° додека аголот на напуштање на нагорнината изнесува 37,6°, а возилото нема да се насука на „стомак“, ако аголот формиран од испакнатината не е поголем од 22,2°. Ако се земе во предвид растојанието на најниската точка од возилото и подлогата кое изнесува 190 мм и ниво на вода од 370 мм кое возилото може да го совлада, тогаш мораме да и оддадеме признание на Тата за успешно конструираното мало сув возило со завидни теренски особини.
„Тата пунч“ има четири нивоа на опрема, основната изведба носи има „пјуар“, додека таа најопремената е наречена „креатив“ и чини 12.500 долари во Индија. Вакво нешто да се појави кај нас, веднаш ќе стане најпродавано возило, затоа што за 7.300 долари добивате 3,83 метри долго возило од класата „сув“ кое има не било какви туку солидни теренски особини. Ако „тата пунч“ се појави на македонскиот автомобилски пазар, можно е веднаш да стане најпродавано возило и сериозно да ја надмине рекордната бројка на продадени „шкода фелиција“ во добите стари времиња.