Светско првенство во мотоциклизам-ШПАНСКА СЕРИЈА БЕЗ ПРЕСВРТ?

23/07/2025

СРЕДИШНИЦАТА НА СЕЗОНАТА ОД СВЕТСКОТО МОТОЦИКЛИСТИЧКО ПРВЕНСТВО ВЛЕЗЕ ВО ФАЗА КОГА ИМЕТО НА ПОБЕДНИКОТ СЕ ПОВТОРУВА ОД ТРКА ВО ТРКА – МАРК МАРКЕЗ СО ОСУМ ПРВИ МЕСТА ВО НИЗА!

 

Откако Марко Бецеки победи на трката за Големата награда на Велика Британија возена на 23 мај, уследија четири гран при викенди со идентичен победник – Марк Маркез. Шесткратниот светски шампион ја искористи секоја шанса да извади максимум од ситуацијата и да замине дома со максимум поени од победите во тие осум настани: четири во спринт и четири „главни трки“. Поради ваквите факти и самото покривање и објаснување на нештата е потешко, па затоа фокусот на овој текст ќе биде на околните нешта кои можеа да се забележат за време на трките во Арагон, Муџело, Асен и Заксенринг. Бидејќи една од темите беше дека второпласираниот во генералниот пласман е неговиот брат Алекс Маркез, па затоа отсуствува жестоко ривалство, Марк ја искористи шансата во Асен да одговори на оваа теза, без притоа директно да биде прашан.

Вчера го прашувавте Алекс зошто не ме нападнал во спринт трката, а денеска? Зошто Бецеки не ме нападна? На оваа патека, која е супер тесна, не можеш да го нападнеш оној што е во водство. Се бранев на најдобар можен начин против Алекс, а истото го направив и денес против Марко. Барам од вас да ги почитувате сите возачи во Мото ГП, секој од нив ги брани боите на својот тим. Секој возач тука сака да победи, но проблемот е во тоа што може да има само еден победник,- порача Марк Маркез во обраќањето до акредитираните претставници на седмата сила во Холандија. Токму таа победа во Асен, за Марк претставуваше изедначување на резултатот на легендарниот Џакомо Агостини – 68 победи во најсилната („кралска“) класа, денес наречена Мото ГП, додека броејќи ги оние од другите категории има вкупно 94 триумфи во светските мотоциклистички првенства.

Трката во Холандија беше несреќна за Алекс Маркез, кој имаше незгоден пад од кој произлезе полесна скршеница на неговата десна рака и мораше да биде опериран, но сепак по двонеделната пауза доби дозвола за настап на Заксенринг во Германија. Марко Бецеки ја немаше потребната конзистентност и веднаш по големата победа на Силверстоун не успеа да освои нов подиум во Арагон и Муџело, но во Холандија и Германија тоа му појде од рака. Во два наврати се најде на пиедесталот во Асен, додека во Заксенринг беше втор во спринт трката, но не успеа да ја заврши главната трка.

Наспроти ова, Алекс Маркез со вторите места од спринт трките и главните трки на Арагон и Муџело продолжи да се одвојува од останатите, додека на Асен имаше подиум само во спринтот, а во Заксенринг само во главната трка.

Поранешниот светски првак со Дукати, Франческо „Пеко“ Бањаја, беше трет во Германија, а претходно истото успеа да го постигне и во Арагон и во Муџело. Тој е индиспониран од успесите на тимскиот колега, па дури и разочаран бидејќи иако има пристап до податоците од другите мотоциклисти кои користат Дукати, не успева да се подобри.

– После секоја сесија, ги анализирав податоците од другите возачи за да дознаам зошто и како губам две секунди во секој круг. Сепак, разбирањето на проблемот не промени ништо во текот на денот, јас останав на истото бавно ниво. Ова е големо разочарување за мене, за моите перформанси. Шокиран сум од она што го постигнав. Не се сеќавам на друга трка или сесија на која сум бил волку бавен на влажна патека. Навистина е тешко да се разбере. Единствено нешто позитивно беше стартот на спринт трката, кој што беше правовремен и со добро забрзување. Но преостанатиот дел, беше кошмар, – искрено кажа Франческо Бањаја по спринт трката во Германија.

Овие тројца возачи во моментов се најактуелни од оние кои возат зад Марк Маркез, но радуваат вестите дека и актуелниот светски шампион Хорхе Мартин веќе се враќа на тестирањата и се очекува да биде активен во втората половина од сезоната, што би било некаква гаранција за повозбудливи трки, особено што тој требаше да биде главната сила во развојот на новиот мотор на Априлија, а во оваа ситуација тамошниот „втор возач“ Марко Бецеки беше единствениот што нижеше успеси надвор од кампот на Дукати. Марк Маркез е неоспорен како главен кандидат за шампионската титула бидејќи води на табелата со 344 бода, Алекс Маркез има 261, додека Франческо Бањаја е трет со 197 поени. Со трката за Големата награда на Чешка во Брно ќе се затвори првиот дел од сезоната, а по летната пауза следуваат нови четири европски трки: Австрија, Унгарија, Каталонија и Сан Марино.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.