Светско првенство во МОТО ГП – ТРИ ПОБЕДНИЦИ ВО ТРИ ТРКИ

23/04/2019

СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МОТОЦИКЛИЗАМ НЕ МОЖЕШЕ ДА ПОЧНЕ НА ПОГОЛЕМО ЗАДОВОЛСТВО НА ПУБЛИКАТА, ПРОДУЦИРАЈЌИ ИНТЕРЕСНИ ТРКИ И НЕОЧЕКУВАНИ ПОБЕДНИЦИ. ОТКАКО ДОВИЦИОЗО ЈА ОТВОРИ СЕЗОНАТА СО ТРИУМФ ВО КАТАР, СЛЕДЕА ПОБЕДИТЕ НА МАРКЕЗ ВО АРГЕНТИНА И РИНС ВО ТЕКСАС.

 

Првите четири возачи се во интервал од само девет бода по извозени три трки, па ситуацијата на табелата може да се споредува со други епски сезони во кои големите имиња покажувале кој е најцврст кога треба да се бори против директните ривали. Во ваков контекст, вреди да се нотира дека Марк Маркез падна додека водеше на трката во Тексас, па во моментов е на четвртото место со 45 бодови, а пред него се Довициозо (54), Роси (51) и Ринс (49).

За да биде драмата поголема, секој од првите четири настапува за различен тим и вози различен мотор, а тоа дава на знаење колку е изедначена ситуацијата и дека колку што е можно некој од овие кандидати „да изгуби здив“ во трката за титулата, уште поверојатно е дека кон водечката група може да се приклучат уште возачи кои настапуваат за тимовите кои се водечки: Дукати, Јамаха, Сузуки и Хонда.

За волја на вистината, иако Маркез дојде во Тексас како победник од Аргентина и на крилјата на претходните успеси на овој автодром (шест победи во низа) стигна и до одличен резултат во квалификациите (седма конзекутивна пол позиција). Временските услови крај Остин беа мошне променливи, па викендот започна со невреме и грмотевици, што се одрази и со откажувањето на третиот слободен тренинг.

Добрите перформанси на Хонда ги најави Хорхе Лоренцо кој прв го сврте вниманието во квалификациите и поставуваше најбрзи времиња едно по друго додека се подобруваа условите на патеката. Но, во втората квалификациска сесија тој беше сопрен од технички проблем и се пласираше на 11 -то место. Но, потоа целото шоу се сврте кон Маркез, тој ги заврши квалификациите како најбрз, и водеше во трката сè до деветтиот круг. Тогаш, во свиокот број 12 му се поткрадна возачка грешка и тој ја загуби управливоста. По падот, моторот не беше во можност да продолжи, иако Маркез беше неповреден и се обидуваше да го рестартира. За тоа време, Лоренцо, исто така, забележа откажување повторно поради технички дефект кој според официјалното соопштение воопшто не бил поврзан со оној од претходниот ден.

– Имавме шест чудесни години тука, но денеска направив голема грешка. Штом се вратив во гаражата им се извинив на сите од тимот, а сега сакам да побарам прошка и од навивачите бидејќи ова беше моја грешка. Друго е да се направи грешка кога се бориш за петта позиција наспроти кога се бориш за победа. Потребното ниво беше тука, но правиме грешки, а тоа е човечка одлика и може да се случи. Треба да научиме што е можно повеќе од ова и да се вратиме посилни на следната трка во Херез. На тој начин во трка за победата останаа Алекс Ринс со Сузуки и Валентино Роси со Јамаха. Во прв момент Роси го презема водството, по што личеше дека тој ќе стигне до првиот триумф по пауза од речиси две години. На половина од трката тој имаше видлива предност од неколку секунди пред Ринс, но тој му се приближи во финишот и го престигна на четири круга пред крајот. Роси се обиде да го возврати ударот на 12 свиок, но не успеа и се задоволи со второто место.

– Жал ми е што ја загубив победата. Кога видов дека Маркез излета, си реков на себе дека можам да го направам ова, но потоа Ринс се појави. Искрено, возев давајќи максимум од себе. Трката беше мошне брза, но на крајот тој беше подобар од мене, возеше добро и јас не бев во состојба да го престигнам. Штета, помина толку многу време од последната победа, но сепак чувствувам дека сме доволно силни и дека ќе се обидеме тоа да го направиме на следната трка, – рече легендарниот деветкратен првак.

Австралискиот Џек Милер беше на третата позиција и го дочека крајот на трката штедејќи ги пневматиците за финиш. Тој одбра мека предна гума и мека задна гума, но на прес конференцијата по трката рече дека перформансите од предниот пневматик исчезнале на средина од трката која траеше 20 круга.

– Тоа е кога ќе го пропуштите третиот тренинг. Другите двајца возачи на подиумот кажаа дека чувствувале како предниот медиум пневматик пролизгувал или блокирал за време на петочните тренинзи, а денеска беше сосема поинаква приказна. Јас цело време време следев кој е зад мене и колку ми се приближува, па ги штедев гумите бидејќи Довициозо ми беше „на опашката“,- рече Милер.

Следна се вози трката за Големата награда на Шпанија, која ќе биде прва од серијата европски трки на 5 мај, а воедно е домашен терен за повеќе возачи кои ќе сакаат да заблескаат пред своите навивачи.

 

РИНС: ГО ПОБЕДИВ СВОЈОТ ИДОЛ

Возачот на Сузуки, Алекс Ринс, стигна до својата прва победа во „кралската класа“, а патот до неа водеше преку дуел со Валентино Роси.

– Среќен сум, немам зборови да го опишам ова чувство. Им благодарам на сите во Сузуки, навистина направија одлична работа денеска. Го дадов максимумот од себе, моите чувства се неверојатни. Го победив Валентино, тоа е нешто во што сè уште не можам да поверувам, тој ми е идол од малечок. Бевме блиску и во Катар, во Аргентина стартувавме од „опашката“, овој викенд беше хаотичен поради временските околности и во трката возев со стандарден сет-ап, откако во загревањето моторот беше „катастрофа“, но потоа стана неверојатен, – откри победникот Ринс, кој изби на второто место во генералниот пласман.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.