Светско првенство во Мото ГП-РОСИ МЕЃУ ЛЕГЕНДИТЕ, ФАБИО МЕЃУ ШАМПИОНИТЕ

23/11/2021

ОТКАКО СТАРТОТ НА СЕЗОНАТА МИНА ОДБЕЛЕЖАН ОД ПЕРФОРМАНСИТЕ НА ДУКАТИ, ВО СРЕДИНАТА ЈАМАХА ПОКАЖА ПОГОЛЕМА КОНСТАНТНОСТ ШТО НА КРАЈОТ РЕЗУЛТИРАШЕ СО ТИТУЛА НА ФАБИО КУАРТАРАРО

Ако цела претходна сезона беше „во прашалници“ поради отсуството на Маркез и големиот број победници што се најдоа во игра за тронот, оваа година имаше поинаков заплет и расплет.

Дукати и Јамаха „покажаа заби“ уште на почетокот на годината, но, за разлика од италијанската фабрика, Фабио Куартараро во своите настапи демонстрираше поголема конзистентност. Џек Милер и Франческо Бањаја блескаа за Дукати во повеќе наврати, но токму примерот од последната трка во Италија, за Големата награда на Емилија Ромања, каде што Бањаја падна на четири круга пред крајот го промовираа соперникот од Јамаха во нов светски првак. Минатогодишниот шампион Жоан Мир лани,  исто така, благодарејќи на конзистентноста на Сузуки стигна до титулата, но овој пат Куартараро и Јамаха имаа подобро завршена работа.

Конечната табела го покажува шампионот во поинаква светлина бидејќи оние 278 поени зад неговото име се добиени со 10 пласмани на подиумот, од кои половината се победи. На крајот Бањаја му се приближи со 252 бода, а фактот дека Жоан Мир се најде на третата позиција со 208 бода доволно говори за „тивкиот“ Шпанец кој вредно собира поени.

Возачите на Дукати покажаа дека имаат потенцијал: Џек Милер имаше две победи во Шпанија и во Франција, но Бањаја доминираше во финишот со четири победи во шест трки, а дури и сателитските тимови, како Прамак со дебитантот Хорхе Мартин, имаа свои моменти. Во повеќе наврати годинава тој беше на подиумот, еднаш како победник, а на финалето во Валенсија и со уште една пол-позиција по онаа на почетокот на сезоната.

На крајот, Бањаја славеше во Валенсија со Мартин на второ место и тимскиот колега Милер како трет. Дефинитивно, моментот е на нивна страна и во предвечерјето на новата сезона изгледаат опасно, но ќе мора да се потрудат да не бидат „само свои најголеми непријатели“ за да можат да сонуваат за титулата. Најавениот нов мотор за 2022 година може да биде меч со две сечила бидејќи со перформансите од крајот на сезонава дефинтивно беа доминантни. Од друга страна, пак, во 2022 година се очекува и враќање на некои други домаќини на трките, како Јапонија, Австралија и Тајланд, па мозаикот ќе биде за нијанса поинаков.

Во Портимао направивме грешка во квалификациите, па не можевме да престигнуваме во трката. Но во Валенсија беше поинаку, сите зборуваа дека ова не е нивна патека, но имаа 1-2-3 во квалификациите, а потоа и 1-2-3 во трката. Направија огромен чекор, така што е разбирливо дека сум загрижен за идната сезона. Сега имам премногу нешта во главата, едноставно ќе й препуштам сè на Јамаха, тие знаат што треба да направат за идната сезона. Ние сме шампиони за оваа година, можеме да уживаме во моментот, изјави Фабио Куартараро.

Сепак, финалето на сезоната беше во сенка на повлекувањето на Валентино Роси. Иако за тоа се знаеше неколку месеци, сепак за време на викендот илјадници врвни спортисти најдоа начин како да му се заблагодарат на „докторот“ за неговиот придонес во мотоциклистичката историја: „феноменот“ Роналдо, Џиџи Буфон, Андреа Пирло, Роже Федерер, Рафаел Надал, Луис Хамилтон и уште многу други. Неговиот пласман на десеттото место во трката го израдува бидејќи и покрај големиот број проблеми со формата во овие две сезони, сепак, успеа да дојде до збогување „на висока нога“.

За овој викенд се подготвував како да ќе возам за нова светска титула. Притисокот беше голем уште од понеделникот пред трката, па требаше да завршам многу нешта. Но добро работевме со тимот и успеавме да го подобриме мотоциклот за трката. Возев добро, не направив грешки и дадов максимум од почетокот до крајот – изјави легендарниот деветкратен светски првак Валентино Роси.

Пред почетокот на трката сакав да бидам колку што е можно подалеку од него, но кога веќе се најдов зад него, сакав да се обидам да го престигнам. Но тој беше извонредно брз и не ми даде шанса да го нападнам, па останав зад него. Мислам дека беше неверојатна среќа да бидам на таа позиција и да ги гледам неговите последни кругови во кариерата. Тој возеше фантастично, неверојатно, дури и ја зголеми брзината во финишот, изјави Франко Морбидели, кој ја започна сезоната како тимски колега на Роси, а потоа го наследи Маверик Вињалес во фабричкиот тим на Јамаха. Се предвидува новата сезона во Мото ГП да почне на 8 март во Катар.

ВО ТРИТЕ КЛАСИ ШАМПИОНИТЕ ДО ПРВАТА ТИТУЛА!

Иако фокусот на јавноста секогаш е на „кралската класа“, на крајот на сезоната вообичаено се добиваат и светските прваци во пониските категории. Педро Акоста од Португалија ја освои титулата во најниската категорија Мото 3 и стана втор најмлад возач во историјата со 17 години и пет месеци. Во класата Мото 2 шампионот е од познатата мотоциклистичка фамилија Гарднер. Синот Реми стигна до првата светска круна и му се придружи на татко му Вејн, шампион во најсилната категорија за 1987 година. Тие станаа втор пример на татко и син кои биле светски прваци во мотоциклизам, по Кени Робертс и Кени Робертс Јуниор.

Титулата на Фабио Куартараро е специфична затоа што му е прва, а за разлика од многумина, тој не бил шампион во пониските категории. Вообичаено тоа е случај со оние што доаѓаат од САД и „влетуваат“ директно во најсилната класа, барем такви се последните два примера со титулите на Хејден во 2006 година и Кени Робертс Јуниор во 2000 година. Покрај ова, статистичарите објавија податок дека во 73- годишната историја на спортот деветти пат се случува сите тројца на тронот да бидат првпат шампиони.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.