ИАКО ОД ПОВРЕДАТА ВО ХЕРЕЗ ПОМИНАА НЕЦЕЛИ ДЕСЕТ МЕСЕЦИ, МАРК МАРКЕЗ И НАТАМУ Е НАДВОР ОД ХОНДА, А ВО СИТЕ ДРУГИ ТИМОВИ СЕ СЛУЧИЈА ПРОМЕНИ КОИ НОСАТ ИЗВЕСНИ „ДЕСТАБИЛИЗАЦИИ“ НА КУС РОК.
Промени и приспособување на новите ситуации е клучот на решението во услови на глобалната пандемија. Мотоциклистите ќе се соочат со скратен формат на претсезонски тестирања коишто оваа сезона ќе ги имаат само на патеката Лосаил во Катар.
За некои од возачите кои ќе дебитираат во кралската класа како Лука Марини (полубрат на Валентино Роси) и Енеа Бастианини (шампион од минатата година во категоријата Мото 2) тоа ќе биде прво искуство со најмоќните мотоцикли што се возат во овој спорт. Пред стартот на новата сезона планиран за 28 март, возачите ќе го имаат на располагање планираното петдневно тестирање во период од 6 до 12 март, што ќе значи официјално запознавање со новите машини и новите екипи. Бидејќи претходно планираниот тест во Сепанг, Малезија беше откажан поради влошувањето на ситуацијата со Ковид 19, организаторите одлучија пред тестот во Катар, на 3 и 4 март да дозволат дополнителни денови за дебитантите и официјалните тест возачи на екипите, што би требало да биде наменето само за „разработување“ на опремата. Ова тестирање ќе биде само за возачите од највисоката категорија, додека оние од Мото 2 и Мото 3 ќе тестираат на патеката Херез, во Шпанија, од 16 до 18 март.
Исто така, направени се и промени во претходно донесениот календар за 2021 година, со што светската мотоциклистичка федерација и промоторите на ова првенство се договорија во Катар да се вози и втора трка една недела по одржување на првата, поточно на 4 април. Карванот потоа, согласно планираното, се враќа во Европа, но предвидено е прво да се вози трката во Португалија на 18 април, со што се одлагаат претходно вброените трки во Аргентина и Тексас. Потоа ќе ги видиме редовните станици од европскиот дел на календарот, по три во еден месец, и тоа: шпанскиот Херез, францускиот Ле Ман и италијанскиот Муџело во мај 2021 година, како и каталонската Барселона, германскиот Заксенринг и холандскиот Асен во текот на јуни. Летната пауза би требало да започне по одржувањето на трката за Големата награда на Финска на 11 јули, по што акцијата ќе продолжи со трките на австрискиот Ред Бул Ринг и англискиот Силверстон во втората половина на август. Сегашниот изглед на календарот укажува дека во Европа се планирани две трки во септември (Арагон и Мизано), по што треба да следи прекуокеанската турнеја со четирите трки во Јапонија, Тајланд, Австралија и Малезија, сите во октомври.
Финалето на сезоната традиционално е на средината на ноември во Валенсија, а дополнително патеката во Индонезија ја вбројуваат како резервно место за одржување на гран при трка во случај некоја од предвидените да се откаже. Доколку ситуацијата дозволи, во последниот квартал е можно и одржување на одложените трки (Аргентина и Тексас). Иако до почетокот на тестирањето сите екипи и возачи ќе го знаат својот распоред за новата сезона, двајца од нив сепак ќе бидат во исчекување. Состојбата со осумкратниот светски шампион Марк Маркез сè уште е непредвидлива и без јасни прогнози за негово можно враќање на асфалтот. Мотоциклистот на Хонда својата трета операција ја имаше на 3 декември, но обновената повреда (скршеница на десната рака) во случајов бара од него сè уште да мирува и да дозволи коската цврсто да зарасне. Поради тоа се шпекулира дека тој нема да ја започне оваа сезона според планираното иако првите индикации беа дека тој добро закрепнува. Светските медиуми сè повеќе се занимаваат со прашањето кој би можел да го добие неговото седиште доколку Хонда одлучи да повика друг возач на негово место. Се издвојуваат две имиња: Штефан Брадл којшто е официјален тест возач на екипата и од неодамна ослободениот пилот и предводник на Дукати, Андреа Довициозо. Италијанецот како намерно да ги одби сите други понуди и реши да земе „пауза“, но неговите очекувања беа потврдени со изјава за италијанските медиуми дека „доколку телефонот заѕвони, јас сум подготвен“. Сепак, шансите на Довициозо пред Брадл се чинат мали, бидејќи официјалниот инженер на Маркез во Хонда, Санти Ернандез, даде изјава за шпанските медиуми во која вели дека е пологично да се продолжи со Брадл.
– Не ми се чини дека би било нормално Хонда да потпише со Довициозо за да го замени Марк. Ако во текот на сезоната било размислувано за опцијата Брадл како тест возач да биде вклучен во тимот, на крајот ќе испадне дека сте го откачиле. На крајот на краиштата, Штефан заврши одлична работа и јас не би можел да разберам зошто би потпишале некој друг возач за три трки. Многу поголема логика има замената да биде со Брадл бидејќи тој е оној што најдобро го чувствува моторот. Тој ги разбира работите што се случуваат во трката, а кои можат да се разберат само во едно гран при, бидејќи тој ја има брзината и бидејќи е тестер што тестира нешта за да го подобри моторот, па кој би бил подобар од него за да го замени Марк,-запраша шпанскиот инженер.
Минатата година Брадл имаше два пласмани меѓу првите десет на последните шест трки од сезоната, при што во финишот одржан на португалската патека во Портимао тој дојде до седмото место и беше пред тимскиот колега Алекс Маркез, а само две секунди зад младиот Јапонец Такаки Накагами. Во меѓувреме, Маркез објави дека започнува со лесен фитнес тренинг како, на пример, возење статичен велосипед, со што почнува да работи на својата физичка форма некаде од 20 јануари. Сепак, споделените фотографии од овој настан јасно укажуваат дека неговата лева рака сè уште е цврсто бандажирана и постои голема неизвесност кога тој ќе биде навистина закрепнат, бидејќи најави дека овојпат нема да избрза со одлуката за враќање.
Во таборите на противниците, исто така, е раздвижено. Во Дукати имаат два нови возачи, додека кај шампионите во Сузуки задржана е возачката постава со Жоан Мир и Алекс Ринс, но тимскиот шеф Дави- де Бривио замина за да гради кариера во Формула 1. Говорејќи за „Скај спортс“ актуелниот светски првак изјави дека тоа не би требало да се рефлектира на нивните перформанси на патеката.
– Ситуацијата ќе биде мошне тешка, бидејќи Давиде беше референтна точка за овој тим, но јас сум смирен и уверен дека повторно ќе завршиме добра работа бидејќи ги имаме луѓето што можат тоа да го постигнат, – рече Мир.
Наспроти ова, најраздвижено е во Јамаха, каде што се случи „големата трампа“ меѓу фабричкиот и сателитскиот тим. Деветкратниот светски првак Валентино Роси иако има 41 година останува во спортот, но овојпат преку тимот на Петронас, којшто минатата сезона изненадувачки имаше двајца возачи кои беа подобро пласирани од оние во фабричкиот тим. Сега, Фабио Квартараро му се приклучува на Маверик Вињалес, додека Роси кој лани комплетираше петнаесет сезони со фабричкиот тим, за првпат по својата дебитантска сезона во 2000 година ќе вози за сателитски тим, при што тимски колега ќе му биде Франко Морбидели.
-Тоа сепак е промена, во тоа нема сомнение, иако преселбата е само до „следната врата“ и е малку различна. Но, од друга страна за Валентино нема да има никаква разлика бидејќи тој и натаму ќе ја има поддршката од Јамаха и ќе користи мотор со иста спецификација како и нашите возачи. Голема вистина е дека натамошниот развој ќе биде предводен од возачите во фабричкиот тим, но Валентино останува мошне важен дел од нашиот процес за собирање податоци. Да се имаат повеќе возачи на патеката е важно и нашите инженери ќе ги разгледуваат податоците од Фабио и Маверик, но и од Валентино, за да можат да направат добар развој на фабричкиот мотор,-изјави тимскиот шеф Лин Јарвис.
Најавено е дека освен што ќе го има истиот мотоцикл Роси ќе го задржи и истиот инженер кој го имаше минатата сезона, со што би требало да има безболна транзиција во новата натпреварувачка сезона.