Светско првенство во МОТО ГП – МАРКЕЗ ЗА ИСТОРИЈА, ДОВИЦИОЗО ЗА ПУБЛИКА

12/09/2019

ОД ДЕНОТ КОГА ПРИСТИГНА ВО МОТО ГП, МАРК МАРКЕЗ ПОСТАВУВА СВОИ РЕКОРДИ ИЛИ СОБОРУВА ТУЃИ, ПА НЕ Е НИ ЧУДНО ДЕКА ВО „ВЕЧНИТЕ СТАТИСТИКИ“ СЕ НАМЕТНА КАКО СЕРИОЗНО ИМЕ КОЕ ФАЌА ЧЕКОР СО ЛЕГЕНДИТЕ НА СПОРТОТ. ОД ДРУГА СТРАНА, НА АСФАЛТНИТЕ ПАТЕКИ, ТОЈ СЕ СООЧУВА СО СЕРИОЗНА КОНКУРЕНЦИЈА, А МЕЃУ НЕГОВИТЕ НАЈТЕШКИ ПРОТИВНИЦИ СЕ ИСПРОФИЛИРА АНДРЕА ДОВИЦИОЗО, КОЈ СТАНУВА НЕПОБЕДИВ КОГА ЈА ИМА ПОТРЕБНАТА ИНСПИРАЦИЈА.

 

По летната пауза која уследи по трката за Големата награда на Германија на Заксенринг, трките од светското првенство во мотоциклизам традиционално продолжија на автодромот во Брно, во Чешката република.

Од аспект на победникот Маркез, ова беше рутински викенд во кој немаше соодветни предизвикувачи во борбата за трофејот. Сепак, за Шпанецот ова е шеста победа сезонава и стана четврти возач во историјата кој стигнал до бројката од 50 победи во најсилната класа (тоа претходно им успеало само на Валентино Роси, Џакомо Агостини и Мик Дуан).

Актуелниот светски шампион донесе нов триумф за Хонда и си ја зголеми предноста во генералниот пласман, откако без никакви сериозни проблеми го издржа притисокот на Андреа Довициозо од Дукати. Италијанецот се обидуваше да парира во трката за првото место, но на неколку круга до крајот Маркез се одлепи доволно за да нема никакви драми во финишот. Победничкиот пиедестал го комплетираше Милер кој успеа да ја добие битката со Ринс, додека Крачлоу го освои петтото место пред Валентино Роси кој немаше сили за повеќе од шестата позиција. До десеттото место се пласираа Картараро, Петручи, Накагами и Вињалес.

Сепак, на релативно новата станица од каледнарот, Ред Бул Ринг, шоуто беше мошне подобро од аспект на тоа дека во борбата за првата позиција Маркез имаже жесток дуел со Довициозо од Дукати. Популарниот „Дови“ се погрижи за уште еден вонсериски крај во една епска и жестока битка со Марк Маркез која заврши во негова корист, со престигнувачки маневар изведен во последниот свиок од последниот круг.

Со тоа, двајцата фантастични возачи ни понудија „веќе видена“ ситуација од трката во 2017-та година, кога Маркез нападна во последната кривина, но Довициозо го издржа налетот за прво место. Овојпат, улогите беа променети, но повторно крајот беше подобар за Италијанецот кој смисли фантастичен напад во последната кривина, а со кој зададе и завршен удар во трката на Ред Бул Ринг за четврта победа во низа.

– Имав подобар контакт со подлогата во десните свиоци, во оние средишни свиоци немав шанса. Кога стигнавме до последниот свијок, не чувствував дека ќе дојдам до перфектна линија и дека ќе успеам да почнам со кочење на истото место како Марк. Но, исто така, се работеше за последен круг, а јас ја сакав победата, решив да пробам бидејќи во најлошото сценарио ќе бев повторно втор. Чувствував дека имам моќен моторцикл и решив да пробам нешто лудо, среќен сум што ми успеа, – истакнал Довициозо.

Милиметарски прецизното престигнување донесе огромна радост во таборот на Дукати, додека светскиот шампион Маркез мораше да се задоволи само со второто место, кое сепак е и тоа како доволно со оглед на големата предност која ја има во генералниот пласман. Покрај битката за првото место, вреди да се издвои одличната трка на Квартараро кој се избори за нов пиедестал благодарение на тактиката да користи мека задна гума, а четврти беше Валентино Роси кој имаше медиум смеса на садниот пневматик. Зад нив завршија Вињалес и Ринс. На табелата Маркез е прв со 230 бодови, додека Довициозо повторно се етаблираше како единствен противкандидат на второто место со 172 бода. Пласманот на Данило Петручи на третото место со 136 бода е показател дека Дукати има подобра тркачка машина од Јамаха, па дури можеби и Сузуки, бидејќи Ринс е четврти со 124 бода. Возачите на Јамаха се следни на табелата: Роси има 103, а Вињалес е шести со 102 поени. До крајот на сезоната има уште осум трки, при што прво следи финишот на европскиот дел од сезоната, најпрво на легендарната англиска патека Силверстоун, потоа во Римини и шпанскиот Арагон. Она што во минатото беа три прекуокеански трки на крајот од годината сега ќе биде серија од четири трки во кои ќе се најдат Тајланд, Јапонија, Австралија и Малезија. Веќе десетина години по ред, последната трка од сезоната се вози за Големата награда на Валенсија, што значи дека „спуштањето на завесата“ за трките во 2019 година е планирано на 17 ноември.

КАДЕ Е МАРКЕЗ НА ВЕЧНИТЕ ЛИСТИ?

Маркез нема само 50 победи во Мото ГП, бидејќи зад неговото име има уште 26 победи во пониските категории од светското првенство. Со вкупно 76 гран при триумфи тој е сега на исто ниво со легендарниот Мајк Хејлвуд. Пред него во оваа класификација се Анхел Нието со 90, Валентино Роси со 115 и Џакомо Агостини со 122 гран при победи. Кога ќе го прејде Дуан на листата со 54 победи во МотоГП, како и Нието со 9о гран при триумфи, Маркез во двете конкуренции ќе остане во „топ 3“ заедно со Роси и Агостини.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.