Светско првенство во МОТО ГП-ДУКАТИ И ЈАМАХА СЕ ФАВОРИТИ ЗА СТАРТОТ ВО КАТАР

05/04/2021

СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО МОТОЦИКЛИЗАМ ЌЕ ЗАПОЧНЕ СО ДВЕ ТРКИ ШТО ЌЕ СЕ ВОЗАТ ВО КАТАР НА 28 МАРТ И 4 АПРИЛ, НОВИТЕТ КОЈ БЕШЕ ВОВЕДЕН ОТКАКО СТАНА ЈАСНО ДЕКА И ОВАА СЕЗОНА ОВОЈ КАРВАН ЌЕ ЈА ЗАОБИКОЛИ САД И АРГЕНТИНА КОИ БЕА ТРАДИЦИОНАЛНИ СТАНИЦИ, НО ПОРАДИ ПАНДЕМИЈАТА ЌЕ ОТСУСТВУВААТ И ОД ОВОГОДИНЕШНИОТ КАЛЕНДАР.

Иако имаше прекини поради влошени временски околности (песочни бури), претсезонското тестирање на мотоциклистите во Катар даде првична слика за распоредот на силите во новата сезона. Поради стабилноста на правилата и во овој случај спортистите мораа да се задоволат со еден директен претсезонски тест, но не смее да се заборави дека имаа шанса да испитуваат одредени новитети и веднаш по крајот на сезоната во Валенсија.

Бидејќи тест програмата беше различна за секој возач, а временските околности отежнуваа да се испроба возење во квалификациски режим со полно оптоварување, фаворитите беа повеќе сконцентрирани на самите себе. Низ нивните изјави може да се разбере кој како настапил во оваа тест сесија и што мисли за актуелниот распоред на силите.

Во кампот на новопечените шампиони, Сузуки, генерално преовладуваше незадоволство од неможноста да се извршат сите посакани тестирања, пред сè обвинувајќи ги за тоа силните ветришта.

– Се чувствувам подготвен, но само околу 70%, бидејќи планиравме повеќе да работиме на некои измени во електрониката кои би ни помогнале во тркачки викенд. Но, еден ден за тоа не ни беше доволен. Јас сум подготвен, но колку што гледам, Дукати е навистина брз, а оваа патека добро и одговара на Јамаха. Би требало да ни одговара и нам, но мислам дека не сме на исто ниво со некои од нивните возачи,- рече светскиот шампион за 2020 година, Жоан Мир.

Тој откри дека во Сузуки подготвуваат нова шасија, но најверојатно на првите две трки ќе одат со ланската, додека новата ќе дебитира кога ќе почувствуваат дека е доволно тестирана и дека ги имаат потребните знаења за да ја штелуваат за трка. Притоа, Мир ја нагласи важноста на компјутерските симулации, за потоа во фабриката да можат да се сконцентрираат на новиот погонски агрегат за 2022 година.

Наспроти ова, во Дукати имаат комплетно нова возачка постава откако се разделија од Андреа Довициозо, па новите возачи покажуваат желба да се етаблираат во оваа фабричка екипа, која досега само со Кејси Стонер успеа да стигне до шампионска титула.

Џек Милер го имаше најбрзото време на тестирањата кое изнесуваше 1:53.183 и важи за неофицијален рекорд на патеката. Дополнително, возачот од Австралија беше еден од ретките кои не се пожали на технички проблеми или попреченост од друг вид за да ја одработи целата предвидена програма, вклучувајќи и симулација на цела трка, при што имаше конзистентни времиња по еден круг кои беа нешто повеќе од една секунда побавни (околу 1:54.500). – Уживам во улогата на фаворит. Никогаш порано не ми се случило во кариерата, па сега можам да речам дека е фантастично чувство. Најбитно е да се остане приземјен, да се продолжи со работа сè до постигнување на целта. Крајот на сезоната е далеку во ноември и ќе има многу време после Катар. Можат да се случат многу нешта и најважно е да ни се случи нешто лошо и да можеме да се фокусираме само на тоа како да бидеме подобри од трка во трка,- изјави Милер.

Сепак, вреди да се спомене дека за време на тестирањата Милер го пофали и Пол Еспаргаро, кој направи трансфер од КТМ во Хонда и имаше конкурентни времиња, со што му оставил впечаток на својот ривал „бидејќи не секој успевал да се снајде со тој мотор“. Статистиката на патеката Лосаил, исто така, е во корист на Дукати кој таму победи во последните две посети. Милер ја забележа првата победа на дождот во Холандија 2016 година, па сега ќе се обиде да ја збогати својата биографија со неколку победи каде што ќе може да извади максимум од новиот мотор.

Оптимисти се и во Јамаха, каде што Маверик Вињалес и Фабио Куартараро ќе ги бранат боите на фабричкиот тим, додека „докторот“ Роси оваа сезона ќе биде дел од сателитскиот тим Петронас Јамаха. – На овие тестирања се сконцентриравме да бараме штелувања за таму каде што нема доволно добар контакт со подлогата, но тука тој е одличен. Тешко е да се рече дека сме подготвени за спротивното, бидејќи времињата се супер брзи. Моторот дава одлично чувство и долготрајноста на пневматиците, како и нивното однесување на крајот од животниот век е мошне значајно, а засега сето тоа е добро. Сигурен сум дека ќе биде поразлично во тркачки услови, но мора да останеме позитивни бидејќи сметаме дека моторот е подготвен,- изјави Вињалес.

И неговиот тимски колега е оптимист бидејќи низ пример објаснува дека дури и кога не се чувствува најдобро, времињата по круг се респектабилни.

– Се обидов да испробам неколку работи што не ми се допаѓаа, но брзината секогаш беше добра. Дури и кога пробувавме нешто што не беше добро со различни гуми, пак бевме во граница на 1:54. Можеби не сум целосно среќен, но сè подобро се чувствувам на новата шасија што ни ја дадоа за 2021 година. Очекувам на различни патеки да имаме поинакво чувство, можеби веќе на третата трка во Португалија каде што патеката нуди добар контакт со гумите. Но, тука е поинаку и треба да не се биде премногу оптимист пред трката,- вели Куартараро. Од новата шасија е задоволен и деветкратниот првак Валентино Роси, кој на почетокот се жалеше на балансот на тежината, но потоа успеа да стигне до резултат под 1:54, што е осум десетинки разлика од она на Милер и го позиционира на 11 место од сите возачи.

– Добро е што во Јамаха работеле преку зимата и тука донесоа некои нови и добри работи, како новата шасија и некои аеродинамички надградби. Сметам дека работат итро, а тоа е многу важно. Второ нешто што е важно е добрата атмосфера во тимот, а сето тоа ме прави многу среќен. Роси рече дека надградбите сами по себе не се подобри, туку сега работат на подобар начин, но во трка има и многу други фактори кои влегуваат во игра, па затоа мора да се сочека со оцените. Она што е главна предност на новата шасија во однос на 2020 година е во способноста полесно да се справи со вртењето во свиоците.

Настрана од перформансите, главни вести од Катар беа оние поврзани за здравствената состојба на браќата Маркез. Постариот Марк ја пропушти целата мината сезона поради обновената повреда и потребата од повторна операција, додека Алекс се повреди за време на тестирањата во Катар, пријавувајќи фрактура на десното стопало, по што му беше забрането да продолжи да тестира. И кај обајцата главниот проблем е дека не се знае кога точно ќе се вратат во седиштето, иако Марк го одработе првиот тест на патеката Портимао во Португалија. Можеби возачот ја таргетира таа трка како возможна за негов камбек (18 април), па точно еден месец порано имаше самостоен тест таму. Сепак, Хонда најави дека тој ќе се појави во Катар, каде што ќе ја прими вакцината за Ковид-19 заедно со останатите членови на тимот.

И двете трки во Катар ќе се возат традиционално под рефлектори, во 19 часот по средноевропско време, додека локланото време ќе биде еден час подоцна.

 

Довициозо подготовува изненадување со Априлија?

Андреа Довициозо се раздели од Дукати, најавувајќи дека ќе има една сезона за одмор, иако остави простор дека можеби би прифатил повик од Хонда доколку Маркез не е подготвен за враќање во седиштето. Откако стана јасно дека Хонда нема да смета на него, тој ги сврте своите амбиции кон единствената опција за да ја реактивира својата кариера – односно кон италијанскиот конструктор Априлија.

Таа понуда беше актуелна уште пред да се повлече од Дукати а, исто така, имаше и можност да прифати едногодишен договор како тест возач на Јамаха, но и таа опција не му гарантираше место во тркачкиот тим за 2022 година. Првите информации велат дека преговорите со Априлија рестартирале во насока на тоа да започне како тест возач, но наводно 15-кратниот победник на трки во Мото ГП за време на февруарските тестирања брзо сфатил дека тој мотор има одличен напредок во однос на лани.

– Бев пријатно изненаден од интересот на Априлија и договоривме триденевен тест во Херез во текот на април, јас веднаш прифатив бидејќи сакам да возам Мото ГП мотоцикл и да останам во форма. Ќе поработам со инженерите и ќе им ги дадам моите наоѓања. Сакам да се заблагодарам на Априлија за оваа можност,- скромно најави Довициозо.

Фабриката го потврди тестот, но побрза да го „стиши“ сензационалистичкиот призвук на веста, навестувајќи дека сè уште нема договор за трка.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ