НА СВОЕТО ГОДИШНО СОБРАНИЕ ФИА ПО ТРАДИЦИЈА ГИ УСВОЈУВА КАЛЕНДАРИТЕ НА СПОРТСКИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА КОИ СЕ „ПОД НЕЈЗИНА КАПА“, А ВОЗБУДАТА ПОЧНУВА СО ТРКИТЕ ОД ФОРМУЛА Е ВО МЕКСИКО, ВЕЌЕ НА 13 ЈАНУАРИ
Претстојната сезона на Формула Е ќе биде воедно и јубилејна, бидејќи ќе биде прославена 10 годишнината од стартот на шампионатот, кој беше прифатен како светско првенство во Формула Е од 2020 година. Иако првата трка е извозена во септември 2014 година во Пекинг, замислата за овој шампионат датира од 2011 година, а негови идејни творци се шпанскиот бизнисмен Алехандро Агаг и тогашниот претседател на ФИА, Жан Тод.
Во сезоната 2022/23 година, шампионската титула ја освои Џејк Денис со тимот на Андрети, користејќи машинерија од Порше. Неговите најголеми конкуренти имаа погон подготвен од Јагуар, при што Мич Еванс возеше за фабричкиот тим на оваа фирма, додека Ник Касиди лани возеше за сателитскиот тим Енвижн, но сега ќе му се вози на сонародникот во тимот на „големите мачки“.
Во трките, општо земено може многу лесно да бидеш измамен и ништо не треба да се зема за дефинитивно, особено не во Формула Е. Нивото на натпреварување во овој шампионат е фантастично, но мислам дека може да се каже дека нашиот основен пакет, спореден со она што го имавме минатата година, го гледаме како добра стартна основа, изјави тимскиот шеф на Јагуар, Џејмс Баркли.
За време на претсезонските тестови во Валенсија, се покажа дека разликата меѓу најбрзото и најбавно време што беше постигнато изнесува 7 десеттинки, а тоа ветува голема изедначеност во пресрет на новата сезона. Поранешниот шампион, Ник де Вријс, кој во меѓувреме настапуваше во Формула 1, од оваа сезона се враќа во Формула Е и ќе ја зголеми конкуренцијата настапувајќи за Махиндра.
Од оваа година, со правилата се дозволува надополнување на енергија на пит-стоп. Минатата година, поради стравување дека нема да имаат подготвена технологија за реализација на оваа замисла, беше дадена алтернатива истата да почне да се реализира од 2024 година. Но на претсезонските тестирања, првична варијанта за оваа технологија беше достапна за тестирање и дел од екипите увежбуваа таков тип на сервисна акција чиешто времетраење е апроксимативно околу 30 секунди, но притоа се работеше со редуциран напон (волтажа).
Не успеавме да направиме доволно тестови со опремата. Имавме неколку симулации на она што би требало да биде дополнување на енергија за да може да имаме подобро разбирање на пит-стопот како стратешки елемент. Веројатно публиката не знае дека постојат повеќе нешта што треба да бидат средени, затоа што не е само технологијата туку и колку е таа опрема робусна, колку е издржлива, колку може да се потпре човек на неа за да функционира при секое користење? Постои спортски елемент, но исто така треба да се види како тоа ќе резултира во пракса, каков резултат ќе даде на куси, а каков на долги патеки. Има многу нешта што треба да се доработат и би рекол дека ова тестирање беше малку подоцна отколку што требаше за да можеме да бидеме комфорни во текот на сезоната, вели Роџер Грифитс од тимот Андрети.
По прашање на календарот, истиот веќе беше усвоен на седницата на Светскиот совет за моторспорт на ФИА, но со дополнителна одлука беше направена една промена. Трката низ улиците на Рим ќе биде преселена на автодромот Мизано крај Римини, кој минатава деценија беше домаќин на трките од Мото ГП. Причината е дека болидите на Формула Е кои й припаѓаат на таканаречената „Генерација 3“, станале пребрзи за патеката која е базирана на градските улици и во текот на трката од претходната сезона се случил сериозен инцидент.
КАЛЕНДАР НА ФОРМУЛА Е ЗА 2024 ГОДИНА
13.01.2024 – Мексико Сити, Мексико |
Постојат и најави дека патеката направена на поранешниот берлински аеродром Темпелхоф, треба да биде комплетно реновирана, а низ медиумите циркулираат и информации дека е можно враќање во календарот на Индонезија, со патеката во Џакарта, но тоа не би требало да биде на штета на некоја друга трка. Шпекулациите беа лансирани додека не беше потврдено местото на Токио како организатор на трка за оваа година, но откако тоа се случи, се претпоставува дека враќањето на Џакарта би било како додатна трка во идните сезони.