ВО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО НА ФОРМУЛА Е СЕ ВОЗЕА ДВА ГРАН ПРИ ВИКЕНДИ СО ПО ДВЕ ТРКИ, ВО ЈАПОНИЈА И КИНА, НО СИТУАЦИЈАТА НА ТАБЕЛАТА И НАТАМУ ВЕЛИ ДЕКА ИМА САМО ЕДЕН КАНДИДАТ ЗА ТИТУЛАТА.
Оливер Роуланд се етаблираше како најконзистентен поединец за 2025 година и неговото име како предводник на табелата можеби изненадува од аспект на тоа дека „никаде го немаше минатите сезони“, но никој не може да ја оспори неговата кампања оваа година.
Јапонското гран при за него не беше само уште еден гран при викенд, туку и домашна трка за неговиот тим Нисан. Нештата не одеа во посакувана насока во смисла на тоа дека улиците на Токио беа поплавени за време на вториот слободен тренинг, а бидејќи невремето продолжи, квалификациите беа откажани па во првата трка возачите стартуваа според пласманот на вториот слободен тренинг. Ако тоа беше шанса за некој, секако беше за некој од оние во позадина, но во пракса – Оливер Роуланд се најде на првата стартна позиција, потврдувајќи го својот имиџ на најконзистентен возач. Сепак, првата трка му ги донесе победничките почести на Стофел Вандорн кој стартуваше од 14 место, но имаше стратегија рано да ги посети механичарите во боксот за надополна на енергија, а откако излезе (13 круг) се случи прекин и нов старт поради дефектот на Максимилијан Гинтер, чиј болид остана на патеката. Така Вандорн доби шанса да се најде веднаш зад фаворитите и да ја искористи енергетската надмоќ за да ги престигне во финишот.
– Имавме среќа со црвеното знаме. Знаев дека ќе излезам во водство на извесен дел од трката и дека ќе треба да го довезам болидот до целта. Дури мислам дека возев и премногу „на сигурно“ и направив некои грешки, но на крајот стигнав до целта и среќен сум,- изјави победникот Вандорн.
Роуланд влезе во бокс дури во 24 круг, по што падна на осмо место, но успеа да се врати во борба за подиумот и на крајот заврши втор по 35 круга од трката низ улиците на Токио.
– Знаевме дека се можни такви ризици со возачи кои рано ќе влезат во бокс, но за нас што бевме напред тоа не беше можно. Од моја гледна точка, извадив максимум од возилото,- рече Роуланд кој во финишот беше под притисок од Тимо Барнард со Мекларен.
– Жал ми е за публиката која комплетно беше наводенета, но ако ви е полесно, ќе ви кажам дека и мајка ми беше на трибините. Се надевам на подобри услови во втората трка!
Како што посака, Роуланд доби стабилни временски услови во втората трка, па најпрвин брилјираше во квалификациите со освојување на пол позицијата пред Дан Тиктум и Паскал Верлен. Тој ја поведе трката, но штедејќи енергија падна до шестото место, за во финишот да го активира напаѓачкиот пакет на енергија. На пет круга до крајот, го стигна и престигна актуелниот шампион Верлен, кој воедно му е најсериозен противкандидат за титулата оваа година. Со освоената четврта победа годинава, Роуланд замина од Јапонија со зголемена предност во генералниот пласман. Нештата се сменија откако Формула Е се префрли во Кина, каде што исто така на програмата беа две трки во еден гран при викенд. За првата, во квалификаците се издвоија четири возачи: Макс Гунтер, Тимо Барнард, Паскал Верлен и Ник Касиди. Изненадување беше пласманот на Касиди од Јагуар, кој лани беше ривал за титулата, но оваа година имаше катастрофален старт. Трката покажа дека на патеката во Шангај најдобро подготвен тим е оној на Пенске, па Макс Гунтер заедно со колегата Жан Ерик Верње стигнаа до „еден-два“ победа. Додека за Гунтер трката значеше старт од пол позицијата, Верње беше десетти на стартот, но успеа да дојде до ситуација да ги нападне Тиктум и Барнард во последниот круг, а со тоа и да ја запечати судбината на Мекларен како втор тим на оваа трка.
Петтото место му припадна на Оливер Роуланд, но бидејќи неговиот противкандидат не се пласираше пред него, ова значеше и зголемување на разликата во однос на него (Паскал Верлен). Стартот на втората трка беше поместен поради дожд, а квалификациите кои беа повлијаени беа прекинати и стартните места беа доделени согласно пласманот од првата сесија. Така, Ник Касиди повторно се најде во центарот на вниманието бидејќи и покрај добриот пласман во квалификациите за првата трка, не успеа да ја заврши поради судир со Мортара. Овој пат доби уште подобра шанса со пласман на пол позицијата и ја поведе трката создавајќи рана предност. Паскал Верлен од третото место успеа да напредува и да покаже желба за трка, но успеа да стигне само до втората позиција, додека Антонио Феликс да Коста во вториот болид на Порше дојде до третото место.
– Повторно сме во игра! Навистина сум горд на мојот тим, се вративме онаму каде што бевме. Нашата брзина беше неверојатна, каква трка! Имаше многу трки кои требаше да ги победиме, но тоа не се случи. Сега се чувствувам како предолго да сум чекал. Такви нешта обично на возачите им минуваат низ глава во последните кругови, па да се симне тој товар од грбот е навистина олеснување. Среќен сум, моите родители се тука со мене овој викенд, имам фантастична група на луѓе околу себе. Првенствено, тука е Џеф, мојот инженер за трка, потоа и Кац, Фаб, Фил, одлична група на луѓе. Сега ќе имаме шанса да уживаме во финишот на сезоната,- рече возбудениот победник Ник Касиди.
– Условите за возење беа зафркнати, особено на почетокот, а малку се поправија кон крајот на трката. Нашата брзина беше добра, но недоволна за првото место. Сепак, бевме мошне брзи во однос на оние зад нас. Лично сум среќен со освоеното второ место, затоа што чувствував дека сме конкурентни и на влажна подлога, што не беше случај во Монако и Токио. Се трудиме да ја освоиме конструкторската титула, да бидам искрен, таа е поверојатна од возачката во моментов, таму задоцнувањето е преголемо во момоентов. Имаме уште пет трки до крајот и ќе продолжиме да се бориме,- изјави Верлен.
За разлика од победниците, Роуланд го имаше најлошиот финиш сезонава, откако заврши на 13. место. Затоа, тој остана на 171 поен, а Верлен се доближи на 103 поени. Да Коста и Барнард се на трето и четврто место со 88 и 86 бода. Порше сега води на табелата кај екипите со 191 поен, додека Нисан има 190, а Пенске 145 бода. Во јуни се вози трката за Големата награда на Индонезија, а потоа следат два гран при викенда во Берлин и Лондон со по две трки, каде што ќе биде спуштена завесата на сезоната.