ОТКАКО ПОЧЕТОКОТ НА СЕЗОНАТА ПОКАЖА ДЕКА ВОЗАЧИТЕ НА ПОРШЕ И АНДРЕТИ (КОИ КОРИСТАТ ТЕХНОЛОГИЈА НА ПОРШЕ) СЕ НАМЕТНАА КАКО ГЛАВНИ ФАВОРИТИ, ПОСЛЕДНИТЕ ДВЕ ТРКИ ВО ИНДИЈА И ЈУЖНА АФРИКА ДОНЕСОА СЕНЗАЦИИ ОД ПОРАНЕШНИТЕ ШАМПИОНИ ЖАН ЕРИК ВЕРЊЕ И АНТОНИО ФЕЛИКС ДА КОСТА
За волја на вистината, на трката во Индија доминантни перформанси покажа Ник Касиди, чиј што тим користи машинерија од Јагуар, додека возачите на фабричкиот тим на оваа марка не успеаја да го постигнат истото. Сепак, победата на Верње со стариот покровител „ДС автомобили“, но со нов тим (Пенске), остави простор за големи очекувања. Французинот почувствува дека треба да ги „приземји“ таквите очекувања, па еднаш по самата трка, а потоа и во пресрет на Јужна Африка, укажуваше дека се далеку од посакуваното ниво.
Мора да бидеме повнимателни, бидејќи сè уште не сме стигнале до целта. Ја видовме трката: ние победивме, но не бевме најбрзи, рече Верње, кој претходно славеше за последен пат во Рим 2021 година. Ова е добро за моралот на секој во тимот, бидејќи во првите три трки освоивме премалку поени, а вложивме многу труд. Сепак, имаме уште многу нешта за подобрување, да ги сфатиме нештата, како би можеле да постигнеме уште вакви резултати. Секако дека имаме подобрување во однос на првите две трки, тоа се гледа, но не смееме да помислиме дека сме готови, мораме да продолжиме да притискаме, гласеше првиот коментар на Французинот, кој алудираше на тоа дека двајцата возачи на Јагуар се судрија меѓусебно, а Порше го уништи возилото на Верлен по инцидентот во тренинзите.
Касиди на крајот од трката имаше повеќе енергија, но не успеа да го престигне Верње, кој прикажа одлични одбранбени способности. На стартот од викендот во Јужна Африка, Французинот посочи дека ниту имале перформанси, ниту брзина потребна за победа во трка.
Тоа беше тешка победа и сè уште мислам дека ја немавме вистинската брзина за победа. Имаме направено чекор напред, како од првите две трки до Индија, така и од Индија досега. Но, за да дојдеме тука и да кажеме дека сме во ситуација да одиме на победа, сметам дека е комплетно нереално, повтори Верње.
Но, како што одминуваше викендот, стануваше јасно дека ДС Пенске не треба да се исклучат од калкулациите, бидејќи Верње повторно се наметна, иако негов клупски колега е минатогодишниот шампион, белгискиот возач Стофел Вандорн.
Во квалификациите, Саша Фенестраз од Нисан и Максимилијан Гунтер од Масерати го украдоа шоуто, елиминирајќи ги Ник Касиди (Енвизион) и Рене Раст (Мекларен). Квалификациите донесоа уште еден куриозитет, кој што се однесува на најголемата просечна брзина со која што е извозен кругот кој му ја донесе пол позицијата на Саша Фенестраз од Нисан, а изнесуваше 154.987 километри на час. Јасно е дека ова во голема мера се должи и на новата „генерација 3“ болиди кои се користат од оваа сезона. Трката беше сосема поинаква, бидејќи Порше го искористи вториот „џокер“. Антонио Феликс да Коста им се врати на победите триумфирајќи на петтата трка од светското првенство на Формула Е, со која ова натпреварување ја прошири организацијата со настан во Јужна Африка. Португалецот по зимскиот трансфер во екипата на Порше стигна до првата победа со новиот тим и тоа откако во трката на два пати го престигна Верње, кој до лани беше негов тимски колега. Ова е продолжение на добрите пласмани за Антонио Феликс да Коста откако на претходната трка, што се возеше во Хидерабад, Индија, го освои третото место зад Верне и Касиди. Да Коста стартуваше од единаесеттото место и со континуиран напредок во првите 20 круга успеа да стигне до третото место. Кога имаше развиени жолти знамиња во дваесет и првиот круг, првата четворка беше „набиена“ во интервал помал од 2 секунди.
Португалецот успеа да се избори за позиција да го нападне Ник Касиди за првото место и со добро изработен престигнувачки маневар од надворешна страна успеа да го преземе водството откако возеше паралелно со лидерот до следниот свиок во кој што излезе напред. Во следните пет круга гледачите можеа да видат вистинска тркачка драма каде што Да Коста прво почна да создава предност, па направи грешка со што му го препушти првото место на Верње, за на крај да успее повторно да го престигне поранешниот колега кој, исто така, е во подем по освојувањето на победата на претходната трка во Индија.
Првпат по долго време едноставно немам што да кажам! Имав голем притисок, но ја користам можноста да им заблагодарам на оние кои „заглавија“ со мене и ми помогнаа да стигнам тука. Ова беше вистинско патешествие, чувството е убаво. Знаев дека ова ќе биде стратешки дуел, имав вакви трки и порано, каде што го предавав водството во трката на други и планирав потези кон крајот на трката, затоа што калкулирањето со енергијата има голем удел, а кога возиш зад некого имаш мала предност. Затоа јас сакав да бидам зад Верње во извесен број на кругови, за да можам да стигнам до таа енергетска предност и да ја искористам. Кога оставаш нешто за подоцна, тоа секогаш е ризик, а Верње воопшто не е лесен за да го престигнеш. За момент мислев дека зафркнав во свиокот број девет, но на крајот добро е што се тркав со него на ден како денешниот, рече победникот.
Навистина сум среќен за Феликс, тој извози фантастична трка, и имаше мошне добар престигнувачки потег. Среќен сум со мојата трка, второто место ми носи нови поени, а тоа е добро во првенството. Овој пат му честитам, затоа што успеа да ја искористи предноста, но се разбира дека сум и малку фрустриран! Беше многу изедначено, но денеска имав некои свои причини. Подобро беше да сум второпласиран отколку да имаме судир, а јас да бидам во средина. Мислам дека на крајот од првенството ќе бидам среќен со оваа трка, изјави Жан Ерик Верње.
Ритамот и брзината во трката се сведуваат на тоа колку енергија ти е преостаната. Мора да бидеме среќни со денешниот резултат бидејќи третото место во Формула Е значи дека си имал добар ден. Имавме силно издание и ќе си одам дома со насмевка. Дел од мене ќе жали зошто не победивме во оваа трка, но имавме неколку проблеми со кои што се соочивме, а особено нè погодија развеаните жолти знамиња. Тоа беше среќна околност што ја смени енергијата во трката, но таков е спортот и мора да се помириме со тоа, објасни од своја страна Ник Касиди.
По пет извозени трки, Верлен е на врвот од генералниот пласман со 80 бода, пред Џејк Денис со 62. Тројката што се наметна во последните две трки ги зазема следните три позиции, при што Верње има 50, Да Коста 46, а Касиди 43 поени. Следната, шеста трка, од светското првенство во Формула Е, ќе се вози во бразилскиот град Сао Паоло што е уште една новост за овој шампионат, како што беше и трката во Јужна Африка.