СВЕТСКО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА Е-ЈАГУАР ИМ СЕ ВРАТИ НА ПОБЕДИТЕ, НО, РОУЛАНД ЈА ОБЕЗБЕДИ ТИТУЛАТА

18/07/2025

МИЧ ЕВАНС И НИК КАСИДИ ПОБЕДИЈА НА ДВЕТЕ ТРКИ ВОЗЕНИ ВО БЕРЛИН, НО ЗАДОЦНЕТИОТ КАМБЕК НА ЈАГУАР НЕ ГО СПРЕЧИ ОЛИВЕР РОУЛАНД ДА СТИГНЕ ДО ПРВИОТ ШАМПИОНСКИ НАСЛОВ

 

Со освојување на четвртото место во трката која се возеше под името Берлин Е-при, Оливер Роуланд стигна до недостижна предност во однос на противкандидатите за титулата во Светското првенство на Формула Е.

Најблиску до него беше актуелниот светски првак Паскал Верлен кој за да ја продолжи неизвесноста во првенството мораше на оваа трка да биде високо над Роуланд, но наместо тоа, заврши на 16. место и не освои бодови во втората трка во Берлин. На овој начин Роуланд се стекна со предност од 59 бода, пред последните две трки кои ќе се возат во Лондон. Бидејќи за победа е можно да се освојат по 25 бода, како и по 3 за пол позиција и еден за најбрз круг во трката, предноста на Роуланд математички го надрасна збирот на сите можни поени за освојување од страна на еден возач.

– Горд сум што го освоив светското првенство со Нисан, но ќе ми треба време за сето ова да ми слегне. Вчера имав тежок ден, па денеска имав пристап да ја лимитирам потенцијалната штета, но таквата стратегија речиси никогаш не функционира во Формула Е. На крајот, си верував сам на себе и се фокусирав во испорака на најдобри можни перформанси, па тоа се исплатеше,- рече британскиот возач кој оваа година има четири победи. – Сезоната не е готова, имаме уште две титули за кои што ќе се бориме и нашиот фокус ќе биде на тоа во последните трки во Лондон,- додаде Роуланд.

Што се однесува до самите трки во Берлин, главниот заплет беше за време на првата трка. Квалификацискиот формат беше скратен поради дожд, па во тие услови Мич Еванс најдобро се снајде за да ја освои пол позицијата, додека Верлен од деветтото место стигна до втората позиција. На крајот, Паскал беше само една секунда зад победникот, правејќи активација на модот за напад во 35 од 41 круг. Во корист на Верлен беше и фактот дека Роуланд не ја заврши трката, па тој му се доближи во генералниот пласман, но веќе следниот ден среќата се смени.

Верлен доминираше во квалификациите и стартуваше од пол позицијата, а Роуланд од осмото место, но во трката германскиот возач беше престигнат и потиснат на дното од поредокот. Ник Касиди воопшто не беше меѓу фаворитите бидејќи стартуваше од 20-то место. Тој полека се пробиваше кон врвот, а најголем ривал му беше светскиот првак од 2023 година, Џејк Денис, кој се пласираше на второто место со болидот на Андрети. Жан Ерик Верње го „капариса“ третото место, откако Роуланд ги остави првите тројца самите да го решаваат прашањето за победник во трката, а самиот тој беше сконцентриран на сопствената стратегија која се базираше исклучиво на лошиот пласман на Паскал Верлен.

Сепак, на два круга пред крајот беа развеани жолтите знамиња и возачите мораа да забават, по што следеше мала драма и летечки рестарт во последниот круг, но позначајни промени не се случија.

– Во минатото имав соработка со екипи кои беа дефанзивни, не толку отворени, додека во Нисан можам да кажам што сакам и никој нема да го сфати тоа лично, туку „како да се подобриме“. Отсекогаш било така, мислам дека тоа е останато од основачот Жан Пол Дрио, основачот на тимот ДАМС (што Нисан подоцна го презема – з.а.). Тоа е нешто што навистина го сакам во овој тим, никогаш ништо не е лично, колку и да си негативен за нешто, ние секогаш тоа ќе го претвориме во позитивно и ќе биде подобро,- вели Роуланд во една од првите изјави по освојувањето на шампионскиот наслов.

Иако прашањето за титулата е решено во поединечна конкуренција, на ниво на екипи и конструктори, дуелот сѐ уште е отворен. Порше ја има водечката позиција со 228 бода, наспроти Нисан со 205. Иако се чини дека ДС Пенске со 168 и Јагуар со 162 се во игра смо за третото место, последниот гран при викенд покажа дека со двете победи Јагуар обезбеди дури 70 поени, па доколку го повтори истото може од четвртата позиција да скокне и до првата.

„Спуштањето на завесата“ со гран при викендот во Лондон ќе биде спектакл сам по себе и е планиран за последниот викенд во месецот, на 26 и 27 јули.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.