ВОЗАЧОТ НА НИСАН ИМАШЕ СЛАБО ИЗДАНИЕ НА ТРКАТА ВО МАЈАМИ, НО СЕ ВРАТИ СО ДВА ФИНИША НА ПОДИУМ ВО МОНАКО И ОСТАНУВА ЛИДЕР НА ТАБЕЛАТА.
По речиси двомесечна пауза од последните трки во Саудиска Арабија, со трката во Мајами продолжи Светското првенство на Формула Е. Петтата рунда беше очекувана со надеж дека може да донесе изненадувања и многу поподготвени екипи за средишницата од сезоната, па враќањето на Јагуар на водечките позиции во првите тренинзи беше толкувано како добар знак во таа насока.
Сепак, продолжението на викендот покажа дека Јагуар не е подготвен за борба во квалификациите, па Касиди и Еванс кои лани беа протагонисти во борбата за титулата стартуваа од 13 и 14 место, но сепак имаше нови имиња на врвот: Норман Нато од Нисан се претстави подобро од тимскиот колега, а на втората позиција се најде и поранешниот шампион Џејк Денис со тимот на Андрети.
Сепак, во трката имаше многу измени на водечките позиции и кога двајцата возачи на Порше, Антонио Феликс да Коста и Паскал Верлен се најдоа еден до друг, направија своевиден ѕид за останатите. Верлен го престигна Коста во финишот, за веднаш потоа да има инцидент во кој беа инволвирани тројца возачи.
Расплетот кој се очекуваше во финишот всушност стана нов заплет, бидејќи поради тесната временска рамка сите кои немаа искористен „атак мод“, поитаа да го направат тоа, но многумина згрешија и беа казнети. Стјуардите имаа прилично многу работа после трката за да испорачаат казни и да ја прекројат табелата, па така Норман Нато кој ја мина целта како прв по добиената казна падна на шесто место, а Верлен беше прогласен за победник пред Лукас ди Граси и Антоно Феликс да Коста. Најголем напредок имаше Нико Мулер од 18 до 4 место со вториот болид на Андрети.
– Уживав во предизвикот да возам тука на оваа патека која бара прецизност, а е мошне ризична поради блиските ѕидови. Знаевме дека треба да ја чуваме енергијата, а имавме проблем и со големата нечистотија на патеката. Ова беше среќна победа, но пласман на подиумот ни беше секако на дофат. Имавме доста малери, па заслуживме и ние малку среќа,- изјави Верлен.
Оливер Роуланд кој имаше пласман на 16 место во квалификациите ја помина целта како четвртопласиран, но и тој беше меѓу возачите што добија казна и на крајот заврши десетти.
Но, веќе на следниот гран при викенд во Монако, Роуланд се врати со победа во првата трка и пласман на второ место во втората трка која се извозе во кнежевството на Азурниот Брег.
На свиокливата патека во првата трка пол позицијата ја имаше Тимо Барнард од Мекларен, додека Роуланд беше втор и од првиот ред ја чекаше својата шанса, а ја дочека во финишот кога по неколку менувања на позиции успеа да дојде до првото место.
Во втората трка (два дена подоцна), Роуланд имаше пол позиција на влажната патека, но во трката најголемиот дел од времето беше втор и на крајот така заврши, без можност да престигне.
– Тешко ќе се најде нешто подобро од освојување на прво и второ место во Монако. Во првата трка имавме одлична стратегија и јас успеав да престигнам, но во втората загубив многу време заглавен на второто место. Се надевам дека ќе го задржиме овој моментум на следниот гран при викенд во Токио, каде што е домашното гран при на нашиот тим,- изјави Роуланд.
Британскиот возач има 115 бода и е осамен на првото место од табелата во средината од сезоната, додека возачите на Порше, Антоно Феликс Да Коста и Паскал Верлен се зад него со 67 односно 66 бода.
Во мај и јуни предвидени се пет трки на Далечниот Исток: две во Токио, две во Шангај и една Џакарта.