Светско првенство во ФОРМУЛА 1-ВО ПРЕДВЕЧЕРЈЕТО НА РЕВОЛУЦИЈАТА

27/02/2020

ПРЕТСТОЈНАТА 2020 ГОДИНА Е ПОСЛЕДНА ОД АКТУЕЛНИОТ ДОГОВОР „КОНКОРД“, ПА ВО 2021 ЌЕ СТАПАТ НА СИЛА НОВИТЕ ПРАВИЛА, КАКО ШТО ТОА БЕШЕ СЛУЧАЈ ВО 2014 ГОДИНА, КОГА БЕШЕ НАПРАВЕН ПРЕСВРТОТ СО ВОВЕДУВАЊЕ НА ТУРБО МОТОРИТЕ.

 

Правилата на играта во Формула 1 се договараат меѓу организаторите и учесниците врз база на она што е оценето како недостаток. Веќе неколку пати по ред големите проблеми доаѓаат во моментите кога се продолжуваат договорите меѓу двете страни, односно тимовите даваат завет дека под договорените околности (читај правила) преземаат обврска да настапуваат во следните 7 до 10 години. Сепак и оваа сезона ќе има извесни дотерувања на спортската и техничката регулатива, па затоа се осврнуваме на она што е ново во новата сезона на Формула 1. Како и секогаш, најлесно се воочуваат новитетите во календарот. Холандија се враќа со трка во Зандворт по речиси четири децении, додека Виетнам ќе дебитира како домаќин на градска трка низ улиците на Ханој. Тие две трки би требало да донесат нова свежина во традиционалните борби на најдобрите светски возачи и тимови од ова светско првенство.

Веројатно наједноставно е на почетокот да се каже дека она што беше тестирано минатата сезона, поточно означување на крај на трките со видео сигнализација (преку таканаречените лед панели) засега се укинува, па традиционалното мафтање со црно-белото знаме останува како единствен официјален знак за крај на трката. Не дека го немаше во 2019 година, бидејќи не беше забрането да се мафта и покрај видео сигнализацијата, но сепак грешката од трката во Јапонија кога електрониката прогласи крај еден круг порано од предвиденото доведе до враќање кон провереното решение од минатото.

Сите тимови ја започнаа 2019 година со осум дена тестирање поделени во две сесии. За оваа година предвидено е да се возат повторно две тренинг сесии на патеката во Барселона, но и двете ќе бидат од тридневен карактер. Првата е закажана од 19 до 21 февруари, а втората од 26 до 28 февруари. Лани на тие тестирања Ферари ја најави својата преродба, но веќе во Австралија беше достигнат од ривалите. Оваа година повторно нема да има тестирање среде сезона, па Ф1 трките и натаму остануваат феномен каде што спортистите можат да прават сè што ќе посакаат во насока на подобрување на својата форма, освен да возат.

Во купот „козметички дотерувања“ предвидено е болидите да имаат и странична табла со бројот по којашто ќе бидат препознавани, а таа ќе треба да биде на грбот од болидот што малку ќе влијае и на дизајнот од поклопецот на моторот. Сепак се очекува дека тоа нема да има големо аеродинамичко влијание врз самите болиди, освен можеби мошне мала помош за возачот при долгите свиоци. Организаторите тврдат дека таквата промена ни одблизу нема да влијае на борбата на патеката, а уште помалку при определување на шампионот за сезоната.

Најавено е дека одредени казни за прекршени правила ќе бидат омекнати, како што, на пример, беше случајот во Азербејџан, кога Пјер Гасли мораше да стартува од боксот заради пропуштено мерење на тежината. Иако не е назначено какви ќе бидат точно новите казни, од Формула 1 началството е изразена доверба кон стјуардите за повеќе лесни казнени мерки на нивна диспозиција кои ќе можат да ги употребат по сопствена дискреција.

Исто така, при предвремен старт нема да се издаваат казни за 10 секунди стоење во боксот, туку само ќе се додаваат 5 или 10 секунди на конечниот резултат, согласно одлуката на стјуардите.

Во конструкцијата на предните крила сега со правилата е наложено во надворешните 50 милиметри од истите, каде што има различни завршетоци, да мора да бидат комплетно изработени од јаглеродни влакна. Со тоа се сака да се постигне да нема метал на периферијата од предното крило, којшто потенцијално може да биде причина за оштетување на гума на противнички болид и на тој начин да го наруши тркачкиот спектакл. Металните елементи, сега е пропишано, се дозволени „на триесет милиметри поназад од грбот на првото „ребро“ од предното крило“. Корекции ќе има и кај сопирачките, кадешто цревата за ладење ќе треба да бидат самостојно дизајнирани од тимот, како и повеќето други делови од шасијата и заштитната ќелија.

Квачилото, кое што е монтирано на воланот досега возачите го контролираа со притискање, а во иднина пропишано е тоа да биде на извлекување. На тој начин, возачите ќе имаат и поголема контрола на стартот од трката бидејќи се предвидува 90 посто од влечната сила да биде под команда на возачот, а не на електрониката којашто би можела да продуцира некаков автоматски старт. Што се однесува до електромоторите, означени како МГУ-к, возачите ќе имаат на располагање три генератори, колку што имаат и мотори и турбо полначи, наместо досегашните два. Тоа би требало да значи и помалку казни по тој основ, бидејќи девет пилоти во 2019 добија послаби позиции на стартот поради прекршување на овој лимит. Сепак, сè уште ќе имаат само по два акумулатори за сезоната и два контролни уреди за електрониката. Во техничките правила за 2020 година се предвидува промена во количеството на гориво коешто се наоѓа надвор од заштитениот резервоар. Досега тоа можеше да биде 2 литри, а отсега само 250 милилитри. Ова би требало да ги спречи тимовите да пробуваат да најдат бенефит на таквото чување на горивото надвор од резервоарот.

На механичарите најмногу ќе им се допадне тоа што е предвидено, таканаречениот задолжителен полициски час да им обезбеди подолг сон за време на тркачкиот викенд. Имено, со прилагодувањето на новите правила, во четврток и во петок навечер зголемено е времетраењето на забраната за ноќна работа за 60 минути, поточно од 8 часа на 9. Сепак, во вонредни ситуации, на екипите им е дозволено да добијат две вонредни дозволи за работа во текот на целата сезона, за работа во забранетиот период, без притоа да бидат казнети.

Со други зборови, доколку им се случи трета таква ситуација, стјуардите ќе треба да изречат казна. Сето ова споменато во овој текст е своевидна увертира за големите промени што би требало да се случат во 2021 година. Притоа, воведувањето на пневматици со дијаметар од 18 инчи се чини дека ќе биде најголемиот диференцијатор во перформансите од механички аспект, додека нови прописи за конструкции на предните и задните крила, исто така, ќе ги зачинат техничките правила.

Постојат неколку работи што публиката со нетрпение очекува да ги види во 2020 година, бидејќи за 2021 година сè уште не се шпекулира со распоредот на силите. Така, на пример, рекордот на Михаел Шумахер од 91 гран при победа може да биде соборен од Луис Хамилтон кој има 84, односно само седум помалку. Исто така, Шумахер се издвојува по седумте шампионски титули, а Хамилтон има шест. Од друга страна, Рубенс Баричело кој има 322 настапи и важи за најискусен возач во Формула 1, исто така, може да биде симнат од врвот на оваа вечна листа од страна на Кими Раиконен, којшто има 312 настапи во Формула 1 зад своето име. Втор највозрасен возач на патеката е Луис Хамилтон, поради што неговата „потера“ по рекордите на Шумахер ќе биде истовремено и голем притисок за него.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ

Преглед на приватност

Оваа веб-локација користи колачиња за да можеме да ви го обезбедиме најдоброто можно корисничко искуство. Информациите за колачињата се зачувуваат во вашиот прелистувач и извршуваат функции како што се ве препознаваат кога ќе се вратите на нашата веб-локација и му помагаат на нашиот тим да разбере кои делови од веб-локацијата ви се најинтересни и корисни.