ПОСЛЕДНАТА ТРКА ПРЕД ЛЕТНАТА ПАУЗА ВО ФОРМУЛА 1 ВОЗЕНА ЗА ГОЛЕМАТА НАГРАДА НА УНГАРИЈА, ДОНЕСЕ НЕОЧЕКУВАНИ РЕЗУЛТАТИ БЛАГОДАРЕНИЕ НА МОКРАТА И ЛИЗГАВА ПАТЕКА НА КОЈА СЕ СЛУЧИЈА НЕКОЛКУ ИНЦИДЕНТИ, НО ОНА ШТО СЛЕДУВАШЕ ВО БЕЛГИЈА БЕШЕ СО ДАЛЕКУ ПОПРОБЛЕМАТИЧНА ПРИРОДА
Дождот отсекогаш бил добар „зачин“ за поинтересни трки во автомобилизмот, но како и во секој добар рецепт, магијата е најдобра кога дозирањето е соодветно на сите вкусови. Токму кога сезоната на Формула 1 стигна до својата средишница и најголем заплет, се случија две трки на кои дождот се појави – но, остави силен печат врз резултатите.
На трката за Големата награда на Унгарија лизгавата подлога направи проблеми на стартот: Валтери Ботас направи погрешна процена кога да ги притисне сопирачките во првиот свиок од штотуку стартуваната трка и го удри болидот на Ландо Норис. Тоа предизвика верижен судир во кој беа инволвирани и двата болида на Ред Бул, со што возачот на Мерцедес беше изложен на столбот на срамот, бидејќи во распламтениот дуел за титулата, ваквиот расплет го погазува фер плеј односот.
Комплетно ги разбирам чувствата, но се што можам да направам е да ја прифатам одговорноста. Тоа беше мала грешка при сопирањето, но конечниот епилог е дека се исфрлени три болида, оној на Норис и двата од тимот на Ред Бул. Ова не е вистинскиот пат како треба работите да одат, но со дождот секогаш е зафркнато. Ботас на некој начин беше во сендвич и кога „се стиснаа“ едноставно ги притиснаа сопирачките малку подоцна. Мала грешка, но голем дент кој ги чини многу бодови и веројатно два пласмани на подиумот, за што искрено жалам,- рече Тото Волф, тимскиот шеф на Мерцедес.
Медиумите шпекулираа дека Волф се обидел и лично да се извини кај тимскиот шеф на Ред Бул, Кристијан Хорнер, но според непотврдени неофицијални информации, тој не сакал да разговара и прашал кој ќе ја плати сметката, алудирајќи на големата штета што ја претрпеле.
Рестартот на трката донесе уште почудни моменти. Кога болидите го завршија загревачкиот круг, на стартот Луис Хамилтон беше оставен сам да ги чека зелените светла, додека сите други поитаа во боксот бидејќи проценија дека патеката е сува и треба да ги сменат пневматиците. Кога Луис влезе во боксот, падна на 14 место.
Тоа доведе до ситуација некои нови ликови да се борат за победата, при што треба да се напомене дека Ред Бул успеа да го доведе во извесен ред болидот на Ферстапен, кој стартуваше од боксот како последен и се бореше за да освои поени. Но, за жал, тој болид не беше на потребното ниво и таа борба му одеше мошне тешко. Себастијан Окон од тимот на Алпин се етаблираше како лидер во трката, а зад него се позиционираше Себастијан Фетел. Четирикратниот светски првак се обиде да го престигне младиот Французин, но откако не успеа во тоа мораше да ја промени својата тактика и да чека грешка, но и тоа не се случи. Во меѓувреме зад нив Луис Хамилтон успеа да престигне десетина ривали и да стигне до водечката група, а најголеми проблеми имаше со Фернандо Алонсо, кој неколку круга одолеваше на нападите и со тоа му помогна на Окон да има помирна завршница и да стигне до првата победа, со двајцата големи шампиони како Фетел и Хамилтон заедно со него на подиумот.
Следуваше уште една драма: по крајот на трката ФИА го проверува горивото на секој болид, а од екипата Астон Мартин не успеале да извадат потребната количина од еден литар од болидот на Фетел, туку само 0,3 литри. Уследи дисквалификација, по што тимот вложи официјална жалба на одлуката на стјуардите, па второстепената инстанца на ФИА го разгледуваше случајот и на крајот ја потврди казната. Во куси црти, екипата пресметала дека во болидот треба да има околи 1,5 литри гориво, но поради дефект на пумпата за гориво тоа не можело да биде испумпано. Дефектот бил потврден, но во исто време било востановено и протекување на горивото, поради што пресметката на Астон Мартин за количеството на горивото била проценета како погрешна. Со тоа Луис Хамилтон беше унапреден на второто место, па го презема водството во генералниот пласман. Карлос Саинц го доби пехарот за третото место, а сите возачи од првата десетка, исто така, беа унапредени за една позиција, па на крајот четврти беше Алонсо пред Гасли и Цунода, а возачите на Вилијамс, Латифи и Расел финишираа пред Макс Ферстапен. Последниот поен оди кај Кими Раиконен, кој во регуларното време на трката беше на 11 место.
РАИКОНЕН „СЕ ОДЈАВИ“: ВРЕМЕ Е ЗА НОВИ НЕШТА!
Финскиот автомобилист Кими Раиконен објави дека на крајот од сезоната ќе се повлече од Формула 1. Тој го собори рекордот на Рубенс Баричело според бројот на настапи во трките од светското првенство во Формула 1, иако во текот на кариерата направи прекин и се испробуваше во други дисциплини како рели и НАСКАР.
Тоа е тоа. Ова ќе биде моја последна сезона во Формула 1. Оваа одлука ја донесов последнава зима. Не беше лесно да се одлучам, но по оваа сезона е време за нови нешта! Иако сезоната сè уште е во тек, сакам да му се заблагодарам на моето семејство, на сите мои екипи, на секој што беше инволвиран во мојата кариера и посебно на сите вас, одлични навивачи кои ме поддржувавте сето ова време. Формула 1 можеби ќе заврши за мене, но има многу други нешта во животот што сакам да ги искусам и уживам. Се гледаме наскоро кога сето ова ќе заврши. Искрено, Кими. – напиша Финецот на „Инстаграм“.
Воедно, тој е последниот возач кој освоил шампионска титула со Ферари во 2007 година. Неговото деби беше во 2000 година преку тимот Заубер, а сега во истата екипа ребрендирана во Заубер Алфа Ромео го дочека и пензионирањето. Метеорскиот прогрес на неговата кариера дојде во 2001 година како заменик за Мика Хакинен во Мекларен Мерцедес, кога неговиот сонародник реши порано да се повлече од трките. Потоа следеше трансферот во Ферари, освојувањето на титулата, 3-годишно отсуство, па враќање во Лотус Рено, Ферари и Алфа Ромео.
Вревата околу сите овие перипетии стивна за време на летната пауза, но се распламти повторно откако дождот направи нова драма во Белгија. Први на удар беа квалификациите во кои имаше излетувања и прекини, како и критики зошто било дозволено да се вози кога дождот се засилил. Тоа најмногу се виде при инцидентот на Ландо Норис во квалификациите, кога имаше реакции од дел од возачите, меѓу кои најгласен беше Фетел – дека не постоеле услови за возење. Сето тоа се рефлектираше следниот ден, кога дождот „удри јако“, па беше доведено во прашање стартот на трката. Организаторите неколку пати го поместуваа терминот за старт, но притиснати од обврските кон ТВ преносот дозволија да се извозат неколку круга зад возилото за безбедност, по што ја прекинаа трката. Сето тоа не изгледаше добро координирано и осмислено, поради што имаше многубројни критики за начинот на кој била третирана публиката.
Дополнителна дискусија беше зачната кога беше соопштено дека ваквата трка сепак се признава како „стартувана и незавршена трка, во која не се извозеле 75% од предвидената должина“, па на возачите им се доделуваат 50% од износот на бодовите за соодветните позиции. Иако правилата технички тоа го дозволуваат, фактот што немаше слободно тркање и натпреварување барем за еден круг, фрла нова сенка врз регуларноста на ваквата одлука. Од Пирели ја појаснија поддршката за одлуката со тоа што иако нивните гуми се во состојба да се справат со водата, фактот дека тие ја исфрлаат водата од асфалтот не значи дека таа вода ќе ја снема.
Резултатот е прскање, млаз кој што ќе ја намали видливоста и ќе ја зголеми опасноста, објасни Марио Изола.
Фановите останаа покрај патеката, сè уште имаа енергија, но беа ограбени за трка и треба да им бидат вратени парите. Двата круга беа сценарио за пари, сите ќе си ги добијат парите, па треба и фановите. Штета што не можевме да возиме утре. Парите повторно зборуваа! Мислам дека денешната одлука беше лоша за спортот. Потребата од два извозени круга беше единствената причина што ни дозволија да излеземе на патеката, изјави Хамилтон.
Не постоеше начин за возење во понеделник. Листата со причини би била на многу страници, вклучувајќи ги тие на Формула 1, организаторите и клубовите, – реплицираше техничкиот директор на ФИА, Мајкл Маси, а поддршка му даде и Стефано До СПОРТ| меникали, кој потврди дека имало волја за трка, но временските услови наместо да се подобрат, се влошиле.
Макс Ферстапен кој ја имаше пол позицијата доби 12,5 бода за ваквата победа, Џорџ Расел 9 бода за второто место, а Луис Хамилтон со 7,5 бода е класифициран како трет. Рикардо, Фетел, Гасли, Окон, Леклер и Латифи, исто така, освоија поени за пласманот од 4 до 9 место, додека Карлос Саинц за десеттото место доби само половина поен. На табелата за возачите дуелот на Хамилтон и Ферстапен повторно е во голема мерка изедначен, односно Британецот води со 202,5 бода, три повеќе од возачот на Ред Бул. Ландо Норис е трет со 113, а Валтери Ботас има 108, пред Карлос Саинц со 104 бода. Подеднакво „густо“ е и во пласманот на конструкторите: Мерцедес е лидер со 310,5 бода, додека Ред Бул има 303,5. За третото место се борат Мекларен со 169 и Ферари со 165,5 бода.
Во текот на септември планирани се трките во Холандија, Италија и Русија, по што наново е закажана трката за Големата награда на Турција, која претходно отпадна од календарот, но сега влегува на местото на јапонското гран при.