Светско првенство во ФОРМУЛА 1-РУЛЕТОТ „СВРТИ“ НА ПОРТОКАЛОВО

18/10/2024

МЕКЛАРЕН ПРОДОЛЖИ ДА БИДЕ ТИМОТ ШТО ПРАВИ ПРЕСВРТ ВО СЕЗОНАВА И ЈА НЕУТРАЛИЗИРА ПОЧЕТНАТА ДОМИНАЦИЈА НА РЕД БУЛ, ПРИ ШТО ПЈАСТРИ СЛАВЕШЕ НА ТРКАТА ВО АЗЕРБЕЈЏАН, ДОДЕКА НОРИС ПОБЕДИ ВО СИНГАПУР

 

Откако Ферари уште еднаш ја покажа својата моќ за правење изненадување, Мекларен се врати онаму каде што застана по летната пауза, кога Норис победи на трката во Холандија. Во текот на септември се возеа две навидум слични трки, едната низ улиците на Баку за Големата награда на Азербејџан, а втората во Сингапур за истоимената Голема награда на овој град држава. Ферари и Леклер оставија силен впечаток и на оваа трка која беше одбележана од ниската „потрошувачка“ на гумите, но сепак Оскар Пјастри успеа да направи пресврт проаѓајќи го возачот од Монако веднаш по промената на пневматиците и неутрализирајќи ја неговата пол позиција освоена во квалификациите. Статистичарите пресметале дека во оваа декада (таканаречени „дваесетти“ години од 21 век), ова е трка со реден број 100!

За австралискиот возач ова е втора победа во кариерата, но и втора во сезоната, а и двете доаѓаат од второто место на стартот. Исто така, ова беше и втора трка сезонава што заврши со болидите да возат со имплементирано „виртуелно возило за безбедност“. Мекларен во досегашната историја на трката во Азербејџан немал „топ 5“ финиш со ниеден возач, а сега и двајцата се најдоа во таа група, бидејќи Норис беше четврти и го имаше најбрзиот круг.

Видов дека имам шанса кога излегов од бокс и знаев дека морам да пробам, а тоа ја одлучи трката на крајот. Сакав тоа да го направам уште порано, но моите пневматици беа прегреани. Инженерот ме советуваше по радио врската да не ја повторам грешката. Јас знаев дека ако шарл има чист простор пред себе, нема да дочекаме неговите гуми да деградираат и да го нападнам, односно ќе останам втор. Го нападнав веднаш и Шарл беше максимално фер, остави простор за мене и не се обиде да ме истурка. Беше ризично, но морав да го направам тоа за да се обидам и да победам во трката, рече Пјастри.

За Леклер второто место во Баку, исто така, е досега најдобар пласман на оваа трка, иако по четврти пат стартува од пол позиција во Азербејџан. Џорџ Расел го комплетираше подиумот со освојување на третото место, што е негово трето искачување на пиедесталот оваа сезона. За Норис, најважно беше да се пласира пред Макс Ферстапен (петти во Баку) како негов прв ривал на табелата, бидејќи по оваа трка (со 7 други до крајот и уште три „спринт“), разликата меѓу нив дојде на 59 поени.

Во таква ситуација, трката во Сингапур претставуваше нова шанса за натамошно приближување кон ривалот, имајќи предвид дека таа патека е единствената во календарот на која Ферстапен нема освоено победа досега. Од друга страна, резултатите на Норис од година во година се подобруваа и има пласмани на седмо, четврто и второ место. Најголем противник за британскиот возач беше една друга статистика, која укажуваше дека тој во 10 трки никогаш не ја задржал предноста на стартот, како и дека во последните 9 трки на Формула 1, немало победа на возач од првото место во квалификациите.

Сепак, контра тие статистики, Норис од пол позиција ја поведе трката во првиот свиок и водеше во неа до крајот. Самата трка имаше свои обележја, па така во 15-годишната историја ова беше прво сингапурско гран при на кое немаше возило за безбедност. Норис ја освои третата победа во кариерата и со тоа стана петти различен победник во последните пет трки возени на патеката Марина Беј во последните пет години.

Се чини единствена грижа за Мекларен на ова трка беше 29. круг кога Ландо се „допре“ до ѕидот на патеката со едната гума, но неговите инженери увидоа дека нема паѓање на притисокот, ниту оштетување на предното крело, па му препорачаа да остане на патеката. Сепак, бидејќи веднаш потоа и Ферстапен влезе во бокс, Мекларен го повика Норис за промена на гумите.

Доколку не беше тој контакт со ѕидот, веројатно ќе го задржевме Ландо подолго на патеката, бидејќи имавме комфорна предност во тие моменти. Сепак, сакавме одблизу да го видиме крилото, да се увериме дека нема некакво оштетување, плус да му монтираме нови гуми, рече Ренди Синг, инженер во тимот Мекларен.

 

Даниел Рикиардо кој ќе биде заменет во тимот на Алфа Таури го „расипа“ славењето на Норис со поставување на најбрз круг во последната обиколка на патеката. Во спротивно, возачот на Мекларен ќе имаше „грен слем“: победа од пол позиција, водство во секој круг и најбрз круг што последен пат со овој тим го направил Мика Хакинен во 1998 година.

Макс Ферстапен повторно успеа да неутрализира можноста неговиот ривал да намали голем дел од предноста со тоа што заврши веднаш зад него на второто место. Холанѓанецот во текот на целата Ф1 кариера има само три круга кога бил во водство во Сингапур, а неговата агонија продолжува со осмата трка без победа и само второ искачување на подиумот во последните шест трки. Со пласманот на третото место, Оскар Пјастри во моментов има улога на возач кој освоил најмногу поени на последните 9 трки (156 бода).

За него ова е седми финиш на подиумот сезонава, а за екипата Мекларен првпат во историјата да биде со двата возачи на пиедесталот во Сингапур.

Расел и Леклер зад нив ја потврдија добрата форма со нови високи пласмани, при што за возачот на Ферари ова е мал неуспех, бидејќи имаше четири подиума во континуитет, а Ферари не се најде на пиедесталот во Сингапур за првпат по 2017 година. Ферстапен е лидер со 331 поен, а сега Норис има 279, при што згусната е и борбата за позициите зад нив, со Леклер кој има 245 бода и Пјастри со 237 поени.

Ред Бул во континуитет го имаше првото место кај конструкторите од трката во Шпанија 2022 година, односно 55 трки во низа и 847 дена, пред Мекларен да избие во водство по трката во Азербејџан. Сега Мекларен има 516 бода и веќе осум трки во низа освојува повеќе поени од ривалот, па Ред Бул моментално е втор со 475. Сепак, и Ферари во последните 6 трки на пет наврати освоил повеќе поени од „биковите“, па со 441 поен е и тоа како опасен ривал до крајот на сезоната.

Последните два викенда од октомври се резервирани за трките во Тексас и Мексико, а веднаш по нив следува и бразилското гран при. Финишот се последните три трки (Лас Вегас, Катар и Абу Даби).

ХАМИЛТОН ЈА ИЗВОЗИ СВОЈАТА 350. ТРКА, А САИНЦ СТИГНА „САМО“ ДО 200

Луис Хамилтон во Сингапур стартуваше по 350 пат во кариерата, откако го започна своето патешествие во Формула 1 во текот на 2008 година. Од него повеќе настапи има само Фернандо Алонсо (395), иако имаше прекин во карирата и не се натпреваруваше во Формула 1 пред да направи кам-бек во 2021 година. Интересно, токму Алонсо беше првиот тимски колега на Хамилтон во Мекларен кога овој дебитираше во светското првенство. Во Сингапур имаше уште еден возач кој славеше јубилеј: минатогодишниот победник на ова гран при, Карлос Саинц, го одбележа својот 200 старт во Формула 1, во последната сезона кога настапува со Ферари, а в година ќе го носи комбинезонот на Вилијамс.

 

Александар Табаковски

ПОВРЗАНИ СТАТИИ