ПО 70 ГОДИНИ КОНТИНУИТЕТ, СЕ ОДРЖА ИЛЈАДИТАТА ТРКА КОЈА СЕ БОДУВА ЗА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФОРМУЛА 1, А НА НЕА ТРИУМФИРАШЕ МЕРЦЕДЕС СО „ЕДЕН – ДВА“ ПОБЕДА.
Три пати во три трки тимот на Мерцедес славеше на стартот од јубилејната 70. сезона во Формула 1, во трите наврати освојувајќи ги првите две позиции. Ботас и Хамилтон го најавија ваквиот расплет во Мелбурн, но на општо изненадување Бахреин беше сосема спротивна трка во која што Ферари покажа огромен потенцијал со пол позицијата на Шарл Леклер кој ја водеше трката сè до последните десетина круга, кога поради дефект дозволи да биде престигнат од Хамилтон и Ботас.
За време на тркачкиот викенд во Шангај, двете екипи покажаа голема изедначеност на тренинзите, но кога започнаа квалификациите Мерцедес почна да ја гради предноста, при што возачите на Ферари и натаму беа единствените кои делумно им парираа, но сепак заостанаа по три десетинки на крајот од денот. Таквиот распоред на силите беше повторен и во тркачки режим, кога болидите имаа полн резервоар со гориво. Ботас стартуваше од пол позицијата, но Хамилтон го презема водството од стартот и не го испушти до крајот на трката, додека Финецот беше зад него.
За возачот на Мерцедес ова беше 75. триумф во кариерата, а воедно стана вториот возач во историјата кој прокнижил 4.000 кругови во водство во текот на кариерата. Воедно, тој и Ботас имаат најдолга низа од последователни пласмани во трка, по 15 за секој со што покажуваат извонредна издржливост на конструкцијата. Мерцедес со третата „еден-два“ победа го изедначи рекордот на Вилијамс од 1992 година.
– Мислам дека ние го даваме целиот потенцијал од болидот, но исто така, знаеме дека ќе имаме уште подобрувања во иднина. Можеби трката во Бахреин не е најдобар репер, но сепак бевме доволно брзи за да победиме. Што се однесува до Ферари, мислам дека не го вадат целиот потенцијал од болидот, барем така наликува, дека не се безгрешни како во минатото. Знаеме дека ни се зад петиците, а исто така и Ред Бул има напредок, но не успеваат да испорачаат максимум од сето тоа, како што успеваме ние. На тестирањата мислевме дека Ферари е побрз за неколку десетинки, но можеби едноставно немаа добар викенд досега. Мислам дека на правците правеа разлика од четири десетинки, додека на свиоците губеа повеќе, цело време беа горе-доле. Но има уште многу трки до крајот и не ја исклучувам можноста да бидат подобри од нас. Нивниот болид е пократок и можеби ќе биде подобар на некои патеки од нашиот. Затоа велам дека овие три победи се над нашите очекувања, или над нашиот вистински потенцијал, но сепак и ние се подобруваме постојано,- рече Хамилтон.
Единствените возбудувања следеа во борбата за третото место, каде што Ферстапен проба да ги предизвика двата болиди на Ферари пред него, но на крајот дефанзивната тактика на Италијаните вроди плод и Фетел го освои третото место. За таа цел, тимот го жртвуваше пласманот на Леклер, наредувајќи му да го пропушти Германецот и ставајќи ги сите шанси на тимот на таа карта, бидејќи потоа беше сменета и стратегијата за вториот пилот.
– Треба да ја разберам целосната слика, да разговарам со инженерите и да ја сфатам одлуката. Сигурен сум дека има објаснување кое сега не го знам, – изјави Леклер веднаш по завршувањето на трката.
– Разбирам како се чувствува Шарл, штета за него, но во оваа фаза од трка- та болидите на Мерцедес беа побрзи, а ние едноставно сакавме да му дадеме шанса на Фетел да се обиде да им парира. Не се работи за давање предност на еден на сметка на друг возач, ние како тим носиме одлуки кои сметаме дека се најдобри во тие моменти за колективот. Логично е што Леклер е разочаран, но можеби некогаш тој ќе добие ваква предност, – изјави Матиа Биното, новиот тимски шеф на „ергелата“ од Маранело.
Пјер Гасли како шестопласиран го освои бодот за најбрз круг во трката влегувајќи во финишот за да добие нови пневматици и успеа во намерата. Рикардо, Перез и Раиконен се пласираа од 7 до 9 место, додека Александар Албон со Торо Росо го освои првиот бод во кариерата како десетти.
Во генералниот пласман прв е Хамилтон со 68 бодови или шест повеќе од клупскиот колега Ботас, додека кај конструкторите Мерцедес е убедливо прв со 130 поени пред Ферари со 73 бодови. Следната трка се вози за Големата награда на Азербејџан низ улиците на Баку на 28 април.
СКУЛПТУРА НА АИРТОН СЕНА, ПОДАРОК ЗА ПАПАТА ФРАНЦИСКО ВО ВАТИКАН
Папата Франциско на 17 април во Ватикан ја прими бронзената скулптура на легендарниот Ф1 пилот, Аиртон Сена да Силва. Она што е куриозитет во целата вест е дека истата е изработена од Паула Сена Лали, внука на познатиот возач, а нејзиното дело со работен наслов „Мој Аиртон“ било одобрено од од најстрогиот критичар – мајката на Аиртон, Неиде Силва. Идејата ја дал фамилијарниот пријател Клаудио Џованони, кој ја познавал вербата на пилотот во Бога како фундаментален дел од вредностите кои го краселе. Ова е само една од акциите во кои ќе се оддаде почит на Аиртон Сена во текот на 2019 година, кога се одбеле- жуваат 25 години од неговата смрт.